Сутерен.мк

Вангел Ноневски: Креативни вибрации кои боцкаат

Асоцијацијата за културна соработка и истражување „Аксиома“ на 16 јануари во „Котур“ го промовираше деби-албумот на составот „Строг пост“ како прв албум на новото музичко издаваштво.
Албумот на „Строг пост“ го сними Ивица Јанкуловски во студиото „Алшар“ во Скопје. Сите песни се компонирани и продуцирани од триото Букршлиев, Омерагиќ и Новковски. Дизајнот на омотот е дело на Кристијан Новковски, а извршен продуцент за „Аксиома“ е Вангел Ноневски.

  • Со „Аксиома“ влеговте во областа на музичкото издаваштво. Со каква цел и мисија?

– Мојот интерес за музика, од како знам за моите афинитети кон уметноста, заземаше неприкосновено прво место. Одамна сакав тој интерес да го материјализирам во нешто конкретно, нешто што ќе ги разбуричка случувањата на нашата музичка сцена, барем за милиметар. Пред околу 6-7 години, забележав звучни бранувања на домашната инструментално-авангардна експериментална-импров сцена, кои претходно не постоеја. А бидејќи нешто покасно, со „Аксиома“ во 2019 година, го контемплиравме првото издание на нашиот мултиуметнички настан „Омнибустопија“, природно се наметна поривот таа желба да се реализира со афирмација на бендовите кои го покренаа тој бран, преку организирање на нивни концерти.
Според тоа, издавањето на албум на еден од нив за „Аксиома“ беше само прашање на време. Во иднина, целта ќе биде да се издадат што е можно повеќе албуми на бендовите од оваа вибрантна сцена, но и да се документираат нивните извонредни клупски свирки (ги има сѐ повеќе), на кои тие се претставуваат во отворени структурни формати и со слободни импровизации.

  • Како се случи првото музичко издание на „Аксиома“ да биде деби-албумот на составот „Строг пост“?

– Со членовите на „Строг пост“ се познавам подолго време, уште пред да се здружат под тоа име. Триото „Светлост“ (кое е, всушност, две третини од „Строг пост“) настапи во живо на првата „Омнибустопија“, каде свиреа во статичен автобус на ЈСП. На третата „Омнибустопија“ свиреа „Такси конзилиум“ (квартетот на Филип Букршлиев). Тие две третини од „Светлост“ (Кристијан Новковски и Дени Омерагиќ) направија нов бенд со Букршлиев и го нарекоа „Строг пост“.

Ги следев повеќето нивни клупски свирки и ме изненади тоа што во овој состав тие свиреа нешто мошне поинакво во споредба со нивните „матични“ бендови. Тоа е некој интересен спој од стонер рок, дум метал, пост рок, психоделија, амбиент и некои фрагменти од џез. Често ги прашував кога планираат да издадат албум. Во една прилика Дени ми одговори со контра прашање: „Па што не го издадеш ти?“ Јас не можев да замислам ниту еден друг одговор освен потврден.

  • Организирате интердисциплинарни и мултиуметнички настани и проекти, како што е фестивалот „Омнибустопија“. Kоја е додадената вредност на проектите на „Аксиома“?

– Се обидуваме да фаворизираме она што јас почнав да го нарекувам „терсене“ или незгодна уметност и музика: концерти на чудни и не толку афирмирани бендови, невообичаени уметнички инсталации, изложби на редизајни, ад-хок слободни формати на креативно изразување, концертни промоции на книги и монографии… Идејата е да се претстават креативни вибрации кои боцкаат, кои не се еднозначни, туку поливалентни, и кои практично изнудуваат внимание и инволвираност од публиката, за воопшто да можат да имаат некаква резонанца и причина за постоење.
Најпрепознатливото во таа приказна е што дел од настаните на „Омнибустопија“ (на првото издание тоа беа сите настани) ги организираме во автобус на ЈСП (оттаму и името на овој наш мини фестивал). Тоа значи дека свесно имаме влезено во еден модус на практикување на уметностите кое не привлекува многубројна публика. Меѓутоа, публиката која ги посетува нашите настани знае дека уметноста подразбира активен дијалог – нешто што е сосем различно од пасивноста која ја нудат стриминг услугите.

Токму затоа, дента кога се случува „Омнибустопија“ во автобус на ЈСП, тој престанува да биде превозно средство од точка А до точка Б, туку се „преобразува“ во мобилен простор за размена на креативни вибрации. Во една таква ситуација, публиката не е ставена на дистанца од изведувачите; напротив, и едните и другите се принудени меѓусебно да се гужваат и гушкаат. Терсене е да си учесник во таква турканица. Но, подобро учесник, отколку пасивен набљудувач.

  • Со својата дејност акцентот го ставате на таканаречената ремикс-култура. Што поточно се подразбира под овој израз?

– „Да се користат и монтираат постоечки материјали, за да се создаде нешто ново.“ Ова е мојата омилена дефиниција на ремиксот на Кирби Фергусон. Од денешна перспектива гледано, откако за „Аксиома“ ги издадов моите книги „Грамофонот како метаинструмент: од механичка репродукција до ремикс култура“ и „Киборшка естетика: ремикс апропријација на уметноста“, дојдов до заклучок дека ремиксот најдобро би можел да се разбере како „чадор-поим“ за модерната и современата уметност. Ова не значи дека ремиксот може најпрецизно да ги објасни, туку дека најфино ги детектира комуникациските, либерализирачките и креативните промени кои се случија во уметноста од почетокот на XX век до денес.

Тоа напросто значи дека теоријата на ремиксот најсоодветно го забележува преминот на публиката од нем набљудувач кон активен чинител на модерната и современата уметност. Имено, сите варијанти на модерната уметност раскрстуваат со хиерархијата автор-дело-публика, при што авторот е на врвот, а публиката на дното од таа замислена шема. Она врз што уметноста во последниве стотина години се базира подразбира прогресивна еманципација на подредената улога на публиката во процесот на толкувањето, интерпретирањето, доживувањето, довршувањето на уметничките дела.
Историјата на уметноста на XX и XXI век е крива линија која прогресивно се искачува по вертикалата на еманципацијата и партиципативноста на публиката во процесот на дообликувањето и довршувањето на уметничкото дело-контекст. Според тоа, процесот кој модерната уметност го започна претставува радикално политички проект на трансформација на улогата на публиката, од инертен набљудувач на културните процеси, во радикално проактивен учесник во нив. Со други зборови, уметноста денес може да се именува како уметност, само доколку овозможува и изнудува партиципативност и интеракција. А ремиксот е незамислив/непостоечки без интеракцијата.

  • Како е организациски структурирана „Аксиома“ и кои активности се во план за реализација во текот на оваа година?

– Главниот тим на „Аксиома“ е непроменет уште од 2017 година: тоа сме јас, Владимир Лукаш (мултимедијален уметник) и Јордан Шишовски (универзитетски професор и архитект). „Аксиома“ е членка и на „Јадро“ – Асоцијација на независната културна сцена, во која членуваат повеќе здруженија од областа на културата и уметностите.
Нашите планови се стандардни како и секоја година: главен настан ќе биде „Омнибустопија 6“ во септември. Останатите активности ќе бидат издавање на уште неколку албуми и/или концертни свирки, изложба која произлезе од една работилница од „Омнибустопија 5“, можеби една моја книга/зборник, како и по некоја ад-хок клупска свирка со отворен структурен формат.

Извор…

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *