Со Здравко Чолиќ (1951) почнува и завршува балканската музичка историја. А историјата запишала: роден сараевчанец, Титов пионер, економист по образование, несуден магистер, школуван гитарист, некогашен надежен спортист, сè уште незаменлив вокал, а судејќи според женската публика и исклучителен шармер.
Вечно млад, иако ја гази седмата деценија, соработник и другар на Бреговиќ, Ковач, Монтено, Балашевиќ и сопственик на 14 студиски, 18 „сингл“, 20 компилациски албуми… Каде и да се појави, ги полни стадионите и ги празни улиците…
Половина век ерген, но 25 години во врска со сопругата Александра, со којашто ги има Лара и Уна. По своја волја хедонист, по воспитување непоправливо скромен, непосреден, народен, по карактер ведар, разговорлив, секогаш насмеан. Историјата продолжува…
- Зошто одлучивте спотот за песната „Ватра и барут“, според којашто е насловен Вашиот четиринаесетти студиски албум, да го снимите токму кај нас?
– Со оглед на тоа дека Влатко Стефановски свири на таа песна, некако згодно беше тоа да го направиме заедно. Ако веќе работиме заедно, каде на друго место да снимаме ако не во Македонија? Тоа е и моја промоција, но и убава можност да се прикажат убавините на земјата. Спотот е сниман малку во Скопје, малку во Охрид.
- Често зборувате дека сакате да доаѓате во Скопје, во Македонија на концерти, но и приватно. Зошто, што Ве врзува?
– Не само што зборувам! Јас и доаѓам. Сето тоа е еден вид на емотивна поврзаност. Ние од просторите на поранешна „Југа“ сме многу слични по сè, по темперамент, по размислување, по начинот на живот. Особено ако го споредам Сараево со Скопје. Има и тука останато нешто од таа турска генетика стара 500 години. Овде луѓето ме сакаат, ме доживуваат како свој. Но и јас ги сакам како мои! Имам јас пријатели овде, од претседатели, политичари, до портири и криминалци. Кога ќе влезам во Скопје, исто ми е како да влегувам дома.
- Последниве две-три години центарот на Скопје е преобразен целосно. Како го доживувате новото Скопје? Ви се допаѓа ли?
– Во принцип, новото е добро. Добро е кога се гради. Не знам каков им е планот на урбанистите и на градот, која е нивната крајна цел со центарот на Скопје, но засега не изгледа лошо. Сепак, прашање е на концепција. Можеби единствено ми пречи што има премногу објекти и споменици на мал простор. Па, некако доаѓа како премногу возбудување на едно место. Но, градот се доживува преку неговите жители, не обратно.
- Не го сменивте босанскиот дијалект, а толку години живеете и работите во Белград…
– Се разбира дека не. Тоа е исто како да се сменам себеси. Да си дадам нов идентитет. Не може тоа така. Говорот е дел од мојата личност и моето наследство. Јас сум доволно возрасен за да бидам сериозен и да не менувам некои работи. Не можам да бидам тоа што не сум.
- Зошто не магистриравте никогаш?
– Имав голема желба да ја направам таа магистратура од областа на шоу-бизнисот. Ги положив сите испити, остана само уште финалниот. Но, за него сигурно ми е потребна работа од една година. А, јас немам толку време. Од друга страна, се плашам дека на овие години и со ова што го работам, таа магистерска титула и не ми е баш неопходна.
- Дали некогаш сте размислувале што би работеле ако не бевте пејач?
– Како млад активно се занимавав со спорт. Бев голман во ФК „Железничар“ и професионално се занимавав со атлетика. И сега со појавувањето во јавноста, настапите, физичката активност, мојата енергија некако оди во таа насока.
- Дали сега Ве интересира спортот? Што гледате, за кого навивате?
– Сакам да гледам атлетика, но само големите натпреварувања. Фудбалот се подразбира, а сè уште навивам за „Железничар“ од Сараево. „Хајдук“ и неговата „Торцида“ ми се при срце, а исто така наклонет сум и кон „Црвена звезда“.
- Од деведесеттите години, па наваму, Вашите албуми се поразлични од тие претходно. Свесно ли кокетирате со народното, елементите на фолкот и ајде да ги наречеме „популарните“ текстови во некои Ваши песни?
– Да, тоа е така. Главното прашање е дали ако јас живеев на друго место би ја пеел оваа музика? Се разбира не. Но, на наш терен мислам дека одбрав добро. Во суштина, мојата личност му припаѓа на некое народно милје. И музиката што ја пеам, како што рече еднаш Корнелије Ковач, не е секогаш интелектуално блиска до мене, но таа е идентична со мојот начин на живот и на мојот имиџ граден на нашиве простори. Јас сум народен човек и народен пејач. Не затоа што таков ме направила кариерата, туку затоа што тоа и во суштина е така.
- Дали ова значи дека не Ви се по мерак сите Ваши песни?
– Се разбира. Морам да имам за секого по нешто. Музиката на албумите е од сè по малку и на некој начин е комуникација меѓу мојот свет и оној на публиката за којашто работам. Што се однесува до текстовите, ги има добри, но има и такви што се компромис. Мене лично, текстовите на Ѓорѓе Балашевиќ и на Дино Мерлин ми се омилени. На последниов албум има песна што се вика „Само причај“. Тоа е текст на Бруно Ковачиќ, кој истовремено може да биде и врвна поезија. Значи, секогаш има неколку добри текстови што ќе го носат албумот, а другото е комерцијално.
- На 30 мај ќе навршите 63 години. Дали верувате во хороскоп?
– Да бидам искрен, многу во последно време. Сè повеќе верувам дека тој состав и таа поврзаност на некои планети не се баш без врска. Врвни астролози знаат некогаш да предвидат многу клучни работи. Знаеле гледајќи во мојата натална карта да ми кажат дека ми претстојат циклуси и периоди кога нешто не оди колку и да се трудиш.
- Планиравте ли каде ќе одите на одмор со семејството ова лето?
– Начелно да. Сакам со Сандра и децата да одиме малку до Грција, но и до Истра. Нешто договарав и за Охрид, за втората половина од август, кога нема да има метеж. Инсистирам девојчињата да го видат Охрид.
- Покажуваат ли Вашите ќерки некаков талент, афинитет кон музиката?
– Можам да ви кажам да. Музикални се. Но, колку ќе ги интересира во иднина, не знам. Не сакам децата да одат во музичко училиште, затоа што тоа на некој начин ја одредува и понатамошната определба. Од друга страна, мислам дека таков ангажман е многу напорен кога ќе се земе предвид и редовното училиште. Инсистирам да се спортува, но не и да се оди во музичко училиште.
- Имате помлад брат, Драган. Каде живее тој, што работи?
– Да, сите го знаат по прекарот Габаш. Помлад е четири години од мене и живее на релација Белград-Сараево. Во последно време е во некој трговско-угостителски филм. Во Белград има два локала за оригинални сараевски ќебапи, според рецептот на прочуениот ќебапчија од Баш-чаршија, Оџиќ. Има и месарница во Земун. Инаку и тој заврши економски факултет како мене и извесно време се занимававме со пластичарски бизнис во Загреб. Како што е познато, неуспешно.
- Имате ли желба, време, да помогнете или да учествувате во домашните обврски?
– Не се снаоѓам добро во домашните обврски. Додека бев сам, го правев сето тоа, но затоа што морав. Сега има некој што го прави тоа подобро од мене. Мојата сопруга Сандра, иако е професор по географија, целосно се посвети на домот и на децата. Неизмерно сум ѝ благодарен за тоа.
- Што сакате да јадете најмногу? Имате ли омилена храна?
– Искрено да ви кажам, не ги сакам многу месото и скарата. Тоа не е мојата храна. Сакам риба, сите готвени јадења, морската храна и зеленчукот. Ги сакам и вашите готвени јадења. Баш сега јадевме некоја многу добра тава со многу зеленчук. Ми се допаѓаат овдешните свежи салати – вие тука сте светски шампиони. Јас кај вас би јадел само чорба, свежа салата и бело сирење. Нема да ми треба ништо друго.
Ноне Абрашева Ноциќ
„Теа модерна“, 2014 година