Дојде и тој ден кога двете емигрантки се нацртаа на опера, облечени comme il faut, или како што вицкасктите скопјани би го нарекле, нагрнати со черга.
Чергата е Vivienne Westwood, а не онаа на која се фачкала Сеси Камџијаш во една проклета романса (две черги беа тоа, впрочем), а пенливото вино во фоајето на операта сепак, шампањско, кое ни дојде како тоник, особено по Искра-та, бугарски еквивалент на Фрушкогорски бисер со кое со децении се труени софиските искусни познавачи и оперофили. Отмено, како Дуња и Дела од Скопската зоолошка градина, со нови руби и срца полни очекувања седнавме да ја гледаме светски познатата Марина Ребека како компетентно, но бездушно ја изведува мојата втора по омиленост опера од трилогијата на Доницети.
Сепак, Maria Stuarda и Figlia Impura di Bolena како најбич арија на сите времиња, Figlia bastarda во изведба на Joyce DiDonato во Метрополитен направи нашата балтичка дива да исчезне во местото каде што одат распар чорапи и капачиња од пенкала. Една македонска плата за два билета и малку шампањско?! Кој му е курац! Еднаш се живее.
Гледајќи низ прозорецот на Амстел II го видовме најромантичниот бар на светот и се обидовме да доживееме една северна мајска вечер, без јужна омарнина, но со подобар алкохол (реткост после дијагнозата на Тип II). Одејки накај хипстер сијаличките кои не омамија, неможеше, а да не поразговараме за тоа колку и покрај “млаката” вокална интерпретација, операта ја напуштивме полни со ентузијазам.
Првото нешто што ми направи впечаток е дека салата не е многу поголема од скопската, од капацитет на седење. Ниту посебно луксузна. Некој бизарен микс на МОБ и Сава центар. Кубикажата на сцената беше пресечена со кулиси во форма на ѕид од црно дрво од епохата Тјудор, прецизно изведен (верувам дека Илина Ангеловска кај нас би можела да го изведе ова), со акцент на големата височина и даваше на сцената една морбидна сериозност, во духот на католичкото спартанство, а се што беше потребно за импозантен ефект беше чистата изведба.
Височината на кулисите и нивното ставање во преден план, драстично го намали волуменот на сцената и тоа дозволи гласовите кои во Софиската опера би звучеле како Пижо и Пендо, а во Македонската како подмочани, да бидат проектирани во етерот, небаре Jonas Cauffman ви пее, а не некој второлигаш. Европски, но сепак…
Егзактностна на костимите и доброто око за боја, беше доволно да се направи море од “црнила” кое не го голташе ансамблот, како онаа трагедија во Кармен, туку со интелигентно користење на “faux noir” направи еден прекрасен колаж од мастило сина, антрацит и темно чоколадо, доволно темна да не дречи на ѕидот, но доволно различна сето тоа да изгледа хармонично.
Ансамблот носеше “props” и влегуваше организирано низ врати по гласовни групи, затоа што “risk mitigation” е една од главните вештини на Западот. Зошто стадо некоординирани тетки и дадички би ги пуштил како ретардирани гулаби на Piazza San Marco неорентирано да се вртат како дервиши?!
И, која е поентата, освен тоа што имаме две нови другарки од барот?
Холандија, во која објективно живее една од најкултурните и најнормални нации во Европа си го знае местото. Имаме солист со послаби можности? Ќе ја скратиме сцената. Имам ненавежбан ансамбл? Ќе ги насочиме низ врати. Фали вибратото на Joyce? Ќе додадеме драма. Сето тоа направено ненаметливо, прецизно и пред се, во рамките на можностите.
Каде води ова? Пак кон Евровизија? Па и не е лоша педерска аналогија. Од каде доаѓаат цицките на Каролина, адмиралското на Тоше, бабо сплети ми цицка на IQ? Од пуста амбиција и желба да се направи нешто за кое ем немаме пари, ем немаме талент, ем немаме мозок.
И така е во сите аспекти на размислување на нашиот приглуп, но мегаломански народ кој во душата секогаш ќе избере “faux marbre” лебеди од Неа Стиропори пред фонтаната во Парк. Ако не го пронајдеме тоа во нас, спас ни нема. И тоа не на хипстерско-имбецилниот “тура на брутализам” начин за НВО – квир. (Вие квир сте? Не, само сакати сме! А добро, така може.) Туку во сликите на Кондовски, пропорциите на старата зграада на Владата, фонтаната во Парк, штиклите на Малвина Сибиновиќ.
Во меѓувреме, додека едни националистички будали палат клубови на други националистички будали, стари збудалени прчови како Панде Колемишевски се жалат дека Заев направил папазјанија од односите со Бугарија. Панде, чиј син беше министер во владата на Заев и стана легенда во ЈБТ, откако 100 марки на Панде во 1994-та потроши за брашно во Стефани? И Бранко се јави. И многу такви. Е овие, не си го знаеа местото. Со кошулите со кратки ракави во канцеларии без клима што мирисаа на хартија за факс и мишка. И ова денес е грд атавизам од разни пандевци.
Пошто на Невена Пачемска денеска и е роденден, морам да го спомнам моментот кога во Арената Филип Втори, во виорот на ДПМНЕ имаше концерт за 30 години независност. Со Невена решивме дека поради славното античко – версајско (зошто не и тјудорско-егејско) историско минато, требаше да се испее сплет од народни песни како “Ка ми поминала мома Клеопатра”, “На срце ми лежи мамо, една помпадурка” и секако, за крешчендо финале и за сите Егејци ин д’хаус “Пуста Мери Стјуарт, ампата ја фана”…
(„Maria Stuarda“ ќе биде на репертоар во 2023-та.)
(Авторот знае да го реши Шродингер за Јаглерод 6, но одбра да црта гаќи. Горд татко е на 3 мачки и луда папагалка со субмисивен дечко папагал. Лош шеф и сопруг на една измачена бугарска мечка. Многу чкарт педер, кој пие, арчи и се тепа.)
*Ставовите изнесени во колумните се лични мислења на авторите и не го претставуваат ставот на сајтот suteren.mk.