Сутерен.мк

Бранка Д. Најдовска: Кога се мора, се’ се може

За да ви биде животот полесен поттикнете го сопругот, синот, партнерот, да готват. Дури и кога зеленчукот од рерната (сега е модерно нели, ем непржено, ем зелено) ќе им изгледа како вреќа жаби сомелени, па испечени. Пофалете ги (а, ако сте доволно убедливи, ќе ги измијат и чиниите потоа), а скришум секако, купете си пица

Моите епски дрдорења дека се омажив во животот за да имам партнер, а не да бидам некому измеќарка, вродија конечно со плод. Добро сега, поточниот збор е дека тоа беше никулец, ама да не ситничариме – важно нешто се помести од глувонемата точка. Значи, василевсот мој, реши да ми направи ручек, по повод моето историско враќање од хипи фазата наречена „сама на одмор“. Свечено изјави дека ќе готвел паста, рижото и филе ала… промумла нешто, што требаше да звучи француски. Секако, тој зготви јуфки, печен бел ориз и свински ситнеж, но мораше да биде именувано помпезно, за на целиот тој потфат, а и нему лично да му се даде важност од монументални размери.

Бидна тоа што бидна (купот садови после неговото „кулинарско мајсторство“ секако дека јас го спастрив, но она што всушност, најмногу ме изненади е како тој, тие, паразитите наречени мое семејство воопшто, издржаа седум дена без главната handmaid!?

Кога се вратив од своето „дрско патешествие“ (што патем, беше неверојатна психо – терапија), домот не само што беше на истото место каде и што го оставив, туку и челадот ми беше најаден и напиен. Згрижена што ќе рече, по сите хранливи протоколи! Значи, кога се мора, се може. Ама, она што ме „јадеше“ беше прашањето – како!?

Исповед на василевсот

Секако дека 95 отсто од жените што готват, подготвуваат најмногу 30 рецепти, а останатите остануваат едноставно запишани во некои тефтери, за навек заборавени и никогаш реализирани. Под јадење не подразбирам јајца на сто начини, супа од ќесичка или рестован компир. Не мислам ни дека треба на трпезата да има полнет врат од жирафа, ама сепак, виршли, макарони или јагнешко со пире, не ми спаѓа во никаква вештина, а камоли во кулинарска.

Да не ја должам, еве како мојот животен партнер ми ја објасни тајната на добро, а ефтино нахрането семејство и дооглупави и дообезвредни мојата улога во домаќинството.

„Навистина било едноставно, само требало да се мисли и смисли! Во понеделникот ставив во големо тенџере едно пиле, морков, пиперка, компир, кромид, лукче, магдонос… Додека сето тоа се вареше, поминав со пачврата низ паркетот, пружив алишта и ја сослушав омилената ти ќерка, која токму тој ден ја откри својата 11 –та по ред симпатија за два месеца.

Пилешкото го одвоив од коските, а од чорбата направив пире. Она што остана од ручекот, го ставив во фрижидер. Во вторникот, во тава ставив риба, компир, морков, тиквичка, карфиол. Зачини да, секогаш: бибер, сол, магдонос, маслиново масло… Додека се печеше, изгледав партија билијард и решив цел голем крстозбор.

Во средата, ги ’преработив’ остатоците од понеделникот и додадов варен ориз со лук и магдонос, а во четвртокот ги рециклирав оние од вторникот, збогатени со салата од тестенини и туна со мајонез. Во петокот ништо. Сите знаеме дека чесен народ на овој ден пости! Во саботата им сварив леќа со суви коски, а во неделата ги испратив кај сестра ти. Па, зошто е тетка, да му се невиди!?“

Ахам… Сево ова звучеше неверојатно, но во текот на денот, по серијата исповеди што тој ги направи, настаните добија и на логичност. Од соседите позајмувал речиси се од ситниците за да стане преку ноќ голем кувар, а неволно ми го раскажа и првиот ден од својот домаќинлак:

„ Да бидам искрен, ич не ми е јасно како успеваш!? Онаа продавницана е кошмар недоживеан. Во фрижидерот имаат едни кобасици, па пола метро ништо, па некои неидентификувани дробеници смрзнати, па пола метар ништо, па посебна салама во флуоросцентна фолија и после сите метра – ништо. Нејсе. Купив виршли и ги ставив да се варат. После десет секунди, експлодираа. Умрев од страв! Собрав некако храброст, го исклучив шпоретот. Реков, ќе правам компир со месото. Го сварив некако компирот и од она што имам запаметено, го олупив и демек да го пропржам. Ми капна масло на ринглата додека го залевав ’специјалитетот’, па кога пламна оган, па чад… Едвај спасив жива глава.

На крај, купив бурек за сите. Ама толку многу ми се потсмеваше поколениево ни, што отворив нет и ги најдов наједноставните глупости за готвење и, сакале – нејќеле, без џепарлак, мораа тоа да го јадат.“

Бесценетиот инает

Онака снеможен и покајнички понизен, ми признава и дека комшиите над нас тотално му ги истенчиле нервите:

„Не знаев дека се се слуша во кујната. Толку бре карање за едно јадење? Па тој нејзе навреди, па таа нему… се му изнарече што чула за мрзеливост и паразитство. А и мириса. Не се значи нормални. Редовно после полноќ готват шницли, сосови, похуваат што ти јас знам…“

Го смирувам дека само му се причинува дека живееме под ресторан, но бидејќи до скоро не ни знаеше дека имаме просторија наречена кујна, му изгледа дека над нас живеат некакви си амбициозни идни „бордејни“, а всушност станува збор за млад брачен пар кој нема поим што со себе, па редовно ноќе јадат пржени крокети и пилешки ем, рибини прсти.

„Слушај“, велам, „се покажа дека имаш повеќе способности од она што јас го препознавав. Ти си врвен економџија и оваа шанса не смееме да ја пропуштиме. Отсега па натаму, ти ќе пазариш и готвиш, а јас останатото, ок?“

„Аааа! Не, не може така. Доста ми е мене глумење онаа певаљкана што лупи пиперки со мхм, мхм, мхм… Не, не. Се враќаме на старо.“

„Ама василевсу мој, си слушнал ли ти за новиот тренд – гастросексуалци, а?“

Нормално, како кај секој средовечен маж, кога не ви вршат работа здраворазумните аргументи, употребете кој и да е збор што во себе ги содржи буквите од с е к с, и стигнувате до саканата цел. (Златен совет: не си ја туфкајте главата воопшто – ако сакате нешто да добиете кај мажите, само ставете го зборот секс во реченицата. Било каде. Било кога.)

Се „запали“ законскиот ми придружник од одма. Па почнувам јас:

„Гастросексуалец е личност која чувствува страст кон храната и од неа црпи сензуално задоволство. Некој, кој е одушевен од облиците на продуктите (на пример, слива) или кого го заведува совршената комбинација на вкусови. Под гастросексуалци се мисли на цела една демографска заедница пред се, мажи, кои многу активно живеат, патуваат по светот, авантуристи се, заводници, и секако, готвејќи заведуваат прекрасни жени.“

Се поднасмевна мојот василевс шеретски, како да поседува скапоцена тајна и го верификува нашиот пакт. На дополнителното прашање дали ќе може да ги постира своите гастрономии на Фејсбук и Твитер, воодушевено му одговорив: „ Доколку те прави тоа среќен, можеш и да се зачлениш во групите на локалните домаќинки. Ги има, на купишта. Ќе те молам само да внимаваш на ’аутфитот’ сепак, некои од другарите на децата ни се во кругот на виртуелни пријатели.“

Така, не баш растеретена, ама барем малку злобно задоволна ги дочекав неодамнешните празници. Секако дека оваа моја интрига не го намали товарот што ми следеше.

Знаете ли дека една просечна мајка секој ден обавува дури 42 различни задачи.  Тоа меѓу другото значи и: подготвување појадок, перење, ужинки, вечера, будење на децата, миење на чиниите, чистење, пружање алишта, бришење на се и сешто… Најголем стрес пак, утврдиле и експертите, им предизвикува готвењето. Не толку самиот процес, колку комбинирањето на менито, идејата за тоа што, кога ќе се јаде! Што би рекла баба ми: „Вие смислете го, а јас ќе го направам.“

Јас богами, во моментов немам желба ни за едното, ни за другото. Што ќе рече, со големо задоволство се препуштам во рацете на мојот новооткриен кујнски партнер. Па, како ќе биде…

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *