Што е животот ако не круг на раѓање, живеење и умирање. И секој круг создава години, искуства и мудрости. Не попусто велиме дека стекнатото животно искуство е најголемиот учител во животот.
Но, за да го стекнеме истото, мора да минуваме низ круговите и да учиме најмногу од сопствените грешки. Тоа е не пишано правило. Од некоја дистанца или во минување од еден круг во друг, размислуваме што сме направиле или погрешиле по пат. Па си велиме така требало да биде.
Во тој момент таа одлука ни се чинела како најдобро решение. Од денешен аспект можеби се покажала како погрешна, но сепак не е грешка, бидејќи тоа е живот. Пат од скалила и угорнини што треба да се освојат. Секоја во свое време. Бескрајно патување пронижено со падови и скокови, радост и тага, среќа и помалку среќа. Се во свое време. Животот не учи дека можеме да прескокнеме неколку скалила, но не и цел кат. Кругот мора да врти. И ние во него. И се во свое време. Животот се дава за да се одживее со сите премрежја што не пречекуваат на патот.
Но, што станува кога на еден млад живот, на едно дете ќе му биде пресечен животниот циклус. Ќе му биде одземен сонот. Кога ќе му се скршат крилјата пред да полета? Колкава е вината на ништожникот што го направил тоа? Дали таа може да се измери? Колкава е нашата вина, што како општество сме дозволиле такво нешто да се случи?
Се уште не можеме да дојдеме на себе и разумно (ако за тоа воопшто има место) да разбереме што се случи со малата Вања. Каква вина може да има едно мало девојче на прагот на својот живот, за да го заврши така страшно и погубно. Зошто некој помислил дека нејзиниот живот може да биде алатка за остварување на лични интереси? Каде по пат се загуби чуството на емпатија и се изгуби значењето за животот.
Одговор на сите овие прашања не треба да чекаме да ни даде обвинителството или полицијата. Одговорите ги знаеме сите. Ги гледаме секојдневно.Во нашите политички структури, кои со години наназад хранат ѕверови, кои потоа не можат да ги зауздаат. Ѕверови кои ги минале сите граници на достоинство, човекољубие и чувство за емпатија. Лица на кои во својот изопачен ум очигледно само небото им било граница.
И во тој налет на несопирливост, човечкиот живот за нив станал ништо. Животот на едно дете се претворил во користољубие. Можеме цел ден да зборуваме за убијците на Вања. За тие ликови кои го сторија ова грозомормно дело. Да се повикаме на ескперти кои стручно ќе ни ја „отворат“ главата и умот на овие не луѓе. Но, мора да си го поставиме прашањето зошто сите ние дозволивме овие монструми да егзистираат.
Зошто на тие што ги создадоа им го дозволивме тоа? Мислевме дека нема да дојде до убиство на дете? Ладнокрвно убиство на дете? Не смееме да се согласиме со тезата која се заговара деновиве дека Вања е изолиран случај. Не. Таа е само еден за кој веројатно знаеме. Не ми значи ништо пособено притворањето на нејзините убијци, иако сметам дека треба да добијат доживотна казна. Повеќе ме интересираат мерките што оваа држава ќе ги превземе во иднина, за да не се случуваат вакви грозотии.
Ќе извлече ли поука од овој настан. Ќе направи ли решителен план за затворање на кафезот со монструмите што со години ги храни? Ако нема, тогаш веројатно во иднина човечкиот живот нема да вреди ниту петстотини евра.
(Авторката е долгогодишна новинарка.)
*Мислењата изнесени во текстовите се лични коментари на авторите и не го претставуваат ставот на сајтот suteren.mk