Сутерен.мк

Миле Папазовски: А да ми читаш…

Седев и читав книга во библиотека зашто не ми дозволуваа да земам две книги… та едната ја голтав таму, а другата дома. Библиотеката се беше во непосредна близина на домот на “Градежните работници”…

Тој ден библиотекарката имаше гостинка: една дама седеше до неа, тивко си разговараа и одвреме-навреме дискретно погледнуваа кон мене. Облеката и однесувањето воопшто не личеа на она што го гледав секојдневно – мирисаше на отменост, елеганција, добри манири и воспитување.

Дамата ми пријде. Седна до мене. Ми се претстави. Со прекрасна насмевка на лицето ми се извини и ме замоли да и прочитам нешто од книгата што ја држев в’рака. Не знаеше дека јас и додека читам ги „глумев глумците“ од приказната. Те детски, те женски, те машки гласови… абе, цел театар!

Го бендиса моето читање и почна неусилено да ме распрашува: како се викам, колку години имам, каде живеам, каде учам, кој ми е татко, каде работи…? Се и отпеав зашто влеваше искреност и добрина, а и библиотекарката со која добро се познавав насмеана гледаше кон нас и постојано ми климаше со главата како да сакаше да ми даде сигурност слободно да зборувам.

Дамата беше умна, еманципирана жена, со проникливо око кое знаеше што ќе одговорам уште пред да зинам и неочекувано ми предложи: “А, да земеме неколку книги и да ги читаш дома кај нас!? Ќерка ми многу сака да слуша кога некој и чита!”
Какви добри вибрации сум испраќал врз околината со моето екстра читање на втората книга штом библиотекарката ме посочи токму мене да читам книги на глас.

Дамата одбра неколку книги и пријатно чувство ме облеа зашто за прв пат држев повеќе од една книга в раце и ми рече: “Почекај, со автомобил ќе те однесам да се видиш со ќерка ми, а потем ќе те вратам дома”.

Ја чекав на скалилата пред библиотеката. И, еве ја дамата – се појави во бел „Опел рекорд“! Автомобилот светеше ко сонце!

Оох, мајне либе!? Па, во тоа време мерка за богатство беше Фиат 1300, Фиќо, пајтон и скапани таксиња паркирани пред железничка станица!
Првпат влегов во таков луксуз. Не се чувствуваше патот, калдрмата… За кусо време стигнавме пред куќата… Не беше тоа куќа, туку замок на два ката!

И шепна нешто на домашната помошничка и ме покани да ми ја покаже градината. Повеќе личеше на парк… Полно зеленило, мир, тишина, спокој… Птиците само црцореа.

Конечно влеговме во собата на девојчето.
Уна. Така се викаше. Беше мое годиште. Имаше ангелска убавина, нежнотија… Бадем кафени продорни очи, долга абонос црна коса ко најнежна свила, бледо усте. А со тоа големите очи ме студираше со посебен интерес. Беше изненадена од замислата на мајка и – да ангажира тотален анонимус да и чита книги!

Мајката посочи што да ипрочитам и не напушти. Замина да организира чај сеанса…
Колку беше мила Уна – си легна на креветот, се покри, ја испружи левата рака и со дланката ја допре мојата. Оствари контакт. Ги затвори бадем очите и се претвори во уво.

Читав најдобро што знаев и умеев. А нејзиното топло раче зрачеше некоја енергија и не ме пушташе. Како да сакаше да биде сигурна дека сум до неа и дека нема да ја напуштам… и сето тоа уште во првиот миг, уште на првото видување.

По некое време дојде мајка и со чајот – насмеана, расположена, евидентно задоволна од нас двајцата.
Не знаев дека пиењето чај е цел ритуал за кој јас абер немав!Ми помогнаа да се справам со моето незнаење: таков чај никогаш немав пробано! Убавина.

Подоцна многу работи ми станаа појасни: мајка и беше врвна новинарка и имаше хроничен недостиг на време и затоа мене ме ангажира, а Уна имаше проблем со видот – бргу се заморуваше при читање, учење.

Задоволството од дружењето беше двострано – едвај чекаше да ме види, едвај чекав да ја видам!
Најмногу и читав во нејзината соба, ама и читав и долу во трпезаријата на тркалезната маса небаре сме витези на кралот Артур и трчавме кон горниот кат по едни тесни таинствени скали, кога не сакаше да сретне никого на патот до нејзината соба. А нејзината соба – магија!

Од сите три страни пловеше светлина, а во неа само кревет, работно биро и клавир. Беше совршен спој на елеганција, практичност и простор за дишење.
Во соседната соба, одвоена од нејзината со стаклена врата, имаше грамофон и шума од ЛП плочи, а во средината празен простор за танцување.

Читав и во градината. Кога сакаше да ги одмори очите со милозвучен глас ми велеше: “А, да ми читаш додека го гледам зеленилото од брезата!?”

Одевме и во вториот дел од градината одделен од првиот со ѕид и во средината врата – парк на сред град.

Ме прашаа за надоместок за вложениот труд, а јас само слатко се насмеав зашто бев преплатен со слушање на концертите со клавир што ми ги приредуваше Уна, со дружбата со неа, со музиката од ЛП плочите донесени од Америка – Бренда Ли, Нил Седака, Елвис Присли…

Како по некое непишано правило се што е убаво кратко трае и навистина, дружбата ни траеше се до она утро кога Уна со солзи што капеа од бадем очите ми соопшти дека ќе се селат во Америка. Засекогаш. Ми се стегна грлото и солзи ми навреа. Селењето беше потреба заради нејзиното здравје и перспектива. Не знам колку време стоевме гушнати…

Едно утро по телефон ми јави да излезам на улица да се збогуваме, да и посакам среќен пат. Трчав ко без душа до улицата од страв да не ја пропуштам, да не ги пропуштам бадем кафените очи. Се појави автомобилот. Застана. Излезе Уна. Се гушнавме.

Тогаш за прв пат сфатив дека зборовите можат да бидат и излишна работа…

 

(Авторот е роден во 1947 година, во Скопје и е дипломиран машински инжинер во пензија. Инаку, дете од уметничко семејство. Љубител на поезија, проза, сликарство, фотографија. Почнал да пишува на Фејсбук. Не е писател, ама на стари години се замислува дека е. Секоја чест за тоа! Оженет, две ќерки, четири внуци.)

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *