Сали Соломон, сестрата на Дик Соломон (врховниот командант на семејството вонземјани што преземаат човечки тела за да научат како функционира човечката култура), во една епизода од серијата Третиот камен од сонцето ги открива женските списанија…
И почнува да ги следи советите, што е прилично амбициозен проект. На една страна пишува дека жената треба да биде сексуално мистериозна. Веќе на следната, дека треба да биде сосема транспарентна. Да чека да биде освоена. Односно, обратно да биде проактивна и да го заведе мажот. Да ја обнови радоста од домашните обврски. Односно, не: крајно време е жената да дигне раце од домот и да го освои јавниот простор. Дека треба да глуми, односно ништо да не глуми. Да биде тоа што е. Никако да не биде тоа што е, задолжително да се прави дека е некоја друга …
Женските списанија се шизофренични. Тие се симптом на контрадикцијата на нашата епоха. Тие не само што го кажуваат невозможното, тие се отелотворување на тоталната конфузија околу совладувањето на љубовната материја. И наместо да ги купуваме и да ги следиме со вообичаената секојдневна френетичност, во надеж дека во еден број конечно ќе ја прочитаме нашата љубовна еурека, редно е да се запрашаме: Што знаеме ние за работите врзани за љубовта и сексот? И искрено да си признаеме: Баш ништо. Љубовта е вистина која е неразбирлива. Тоа е ниту говор, ниту знаење. Ниту може да се сподели, ниту има начин да се спознае.
Во своите автобиографски белешки Леонардо да Винчи остава ваква љубовна дијагноза: “Ниедна работа човек не може ниту да ја сака, ниту да ја мрази, ако прво добро не ја спознае”.
Еве го вистинскиот код на да Винчи. Затоа што оваа енигматска реченица е очигледно погрешна. Леонардо мора да го знаел, исто така добро, тоа што го знаеме и ние: дека луѓето најчесто импулсивно засакуваат (и исто така импулсивно замразуваат).
И сознанието нема никаква врска со тој импулс. Затоа е сосема глупаво да прашате некого зошто го сака човекот што го сака. Што може да ви каже? Затоа што е добар, затоа што е духовит, затоа што е убав, затоа што е богат, затоа што е паметен… Можеби секој одговор делумно ја објаснува допадливоста, но ниеден од одговорите нема врска со првичниот имплус на вљубувањето. За повеќето луѓе дури важи обратното. Ако почнат да размислуваат што е она во што се вљубиле, таа рационализација ќе ги кошта моментално спласнување на емоциите. Како што, ако решат да ги освестат мотивите поради кои (без очигледна причина) прогласиле некого за одбивен, автоматски ќе почнат да го мразат со помал интензитет.
Или, да го земеме предвид основно искуство. Ако некој ненадејно ви изјави страсна љубов, дури и под услов тој човек да го сакате со целото свое битие, вашата прва реакција пред да му возвратите со позитивен одговор, како што пишува Жижек, е чувството дека нешто опсцено, интрузивно ви се наметнува.
Има еден, за пошироката публика непознат и релативно неважен хрватски роман „Пропаднати имоти“ од Јанко Лесковар. И во него една брилијантна сцена. Павле ја сака Људмила и Људмила го сака Павле. Едно попладне, додека се шетаат во паркчето во близина на нејзината куќа, Павле паѓа на коленици и и’ ја изјавува својата љубов на Људмила. И во тоа нема ништо погрешно. Целиот свој млад живот таа го чекала точно овој љубовен предлог. Сепак, нејзината прва реакција гласи: “А зарем не ви е жал за вашите нови панталони?”
Љубовта се наоѓа на друго место, од она кое се објаснува со зборови. Секогаш е поголема од се’ што може вербално да се размени. Што само потврдува дека љубовта не е слепа. Таа е нема. Во најмала рака и’ треба туѓа уста преку која ќе зборува. И таа туѓа уста (најчесто без никакви комплекси) советува, упатува, едуцира.
На ум ми паѓа еден од бизарните, а генијални дијалози од Алиса во земјата на чудата: “Што знаеш ти за оваа работа?”- Кралот ја прашува Алиса. “Ништо”. – одговара таа. “Баш ништо?”– тврдоглаво прашува Кралот. “Ништо” повторува Алиса. А Кралот констатира: “Тоа е многу важно”.
Нашите знаења за љубовта се вака детски наивни. И, како што вели Кралот на Луис Керол, тоа е многу важно.
(Авторката е македонска писателка, теоретичарка и филозоф. Работи како редовна професорка по книжевност, родови студии и теориска психоанализа на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Има објавено 11 книги и преку 200 студии, преведени на 12 јазици.)
*Ставовите изнесени во колумните се лични мислења на авторите и не го претставуваат нужно ставот на сајтот suteren.mk.