Еден од најважните елементи на поп културата е сликата за „отсутниот“ татко како „носител на доброто“.
Таткото мора на своите деца да им каже каде лежи бруталноста на поредокот.
Во филмот на Алмодовар „Волвер“ (2006) нема мажи. И подраматично, нема татковци. Има една сцена, од погребот на тетката, во која група мажи стојат скаменити, безгласни и неважни. Како статуи од некое минато време, кога имале улога. Додека сега се бескорисни. „Волвер“ е филм за две сестри, една ќерка и една мајка. И некои придружни сосетки што доаѓаат на фризерај и што месат пити. Тие се тестото на светот на Алмодовар. Втората сцена во која има мажи е повторно масовна сцена. Тоа е во ресторанот што го води Пенелопе Круз. Тие се некоја филмска екипа што таму снима некаков филм. Мажите доаѓаат да ручаат, галамат без сексуални закани, јадат, пијат, плаќаат и си одат по својот пат. Единствениот профилиран маж во „Волвер“ е мажот на Пенелопе Круз. Тој се спрема да изврши инцест, ама е убиен навреме и детето е спасено.
Така е кај Алмодовар кој прави филмови за модерни времиња. Неговата поетика вели дека хармоничниот свет денес е можен само со радикално отсуство на мажите. Светот си останува патријархален. Но жените во него се чувствуваат добро, само ако не ги гледаат мажите. Кај Алмодовар, линиите помеѓу машкиот и женскиот свет се целосно повлечени. Меѓу нив нема можност за помирување.
Алмодовар е симптом за една важна линија во поп културата. Ќе ја наречам култура на отсутните татковци. Се сеќавате на култната серија за тинејџери „Семејни врски“ на Голдберг од раните 1980-ти? Тоа беше приказна за еден татко, една мајка и нивните четири деца, синот Алекс (го играше Мајкл Џ. Фокс), сестрите Мелори и Џенифер и најмалиот брат Енди. Тоа беше првиот вистински исплатлив семеен ситком. Доживеја успех откако продуцентите сфатија дека имиџот за среќно семејство е возможен само ако таткото се развласти од сите статусни привилегии. Стивен Китон беше целосна спротивност на фројдовскиот садистички татко од минатите времиња. Таткото не наметнуваше вкус, вредности и принципи. Така стана првиот вистински татко-херој. Семејните ситкоми што следеа, го преземаа овој имиџ на збунетиот татко-либерал; друг таков пример беше „Козби шоу“.
Патот од „Семејните врски“ до филмовите на Алмодовар, го изоде еден друг филмски татко. Оној на Бењини од „Животот е прекрасен “ (1997). Таткото и синот се затвореници во нацистичкиот логор на смртта. Таткото почнува да гради имагинарен свет за да го заштити своето дете од ужасите на реалноста. Пораката на Бењини беше дека невиниот хумор може да го победи радикалното зло. Што не е точно. Што имаше добро кај таткото на Бењини? Зад учтивата маска, таткото го криеше до бесконечност бруталниот поредок, не давајќи му на детето да порасне. Вистинскиот ужас за детето би било да има психотичен татко како Бењини. Со својата заштитничка маска тој татко не ги чува децата од садизмот на светот. Тој само ја навлекува маската со која, од децата, го крие вишокот садистичко уживање, вграден во патријархатот. Маската на Стивен Китон и на Бењини, најпосле и доведе до радикалното отуство на таткото кај Алмодовар.
Репрезентацијата на татковците од доцниот 20 век ја постигна својата „политичка“ цел, а тоа беше – тотална парализа на отпорот. Тука навистина лежи една од темелните лекции на психоанализата. Татковците на Голдберг и на Бењини градеа свет на лажна утеха. Тие сакаа со измислен свет да ги скријат катастрофалните сексуални, политички и семејни односи на денешницата. Додека секојдневието се радикализира до ужасен садизам, најлошата варијанта е да облечете маска на привидно отсуство на траума и неа да им ја пласирате на децата.
Политичката лекција е – точно обратната. Таткото не смее да исчезне. Тој мора на своите деца да им каже каде лежи бруталноста на поредокот. Тој мора да ја преземе одговорноста со која ќе им помогне на своите деца да ВИДАТ каде лежи политичкото зло. А со тоа и каде се потенцијалите за отпор. Понатаму, детето и самото ќе знае да си помогне. Како себеси, така и на тие на кои им треба помош.
(Авторката е македонска писателка, теоретичарка и филозоф. Работи како редовна професорка по книжевност, родови студии и теориска психоанализа на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Има објавено 11 книги и преку 200 студии, преведени на 12 јазици.)
*Ставовите изнесени во колумните се лични ставови на авторите и не го претставуваат ставот на сајтот suteren.mk