Роден е во Куманово (1982 година), а дипломирал на Факултетот за драмски уметности Скопје – оддел театарска режија, во класата на Слободан Унковски со претставата “Војцек” од Георг Бихнер, во 2008-ма.
Како режисер потписник е на претставите „Кој се плаши од Вирџинија Вулф“ од Олби (Национален Театар – Тирана, Албанија, каде за истата претстава беше прогласен за режисер на годината и ја доби наградата “Култ 2010”), „Стапица на смртта“ од Ира Левин (продукција на СУБКУЛТ) „Фигаро се разведува“ на Еден фон Хорват (МНТ-Скопје), повторно „Војцек“, но овој пат, во скопскиот Албански Театар, “Лавиринтите на сеќавањето“ на Авни Халими (копродукција помеѓу Екстрим Продукција и Албански Театар од Скопје), “Аквариум“ од Рефет Абази (Албански Театар – Скопје), а беше и помошник режисер на својот некогашен професор Унковски, во претставата „Пер Гинт“ на Ибзен (копродукција помеѓу „Ибзен Авард 2009“ – Албански Театар Скопје – Национален Театар Приштина).
Сето ова е веќе зад Бектеши, кој се надева дека некогаш ќе успее со една куса реченица или уште подобро, само со еден збор, да си објасни себе си, зошто станал режисер. Одговорот вели, можеби лежи во неговата потреба да ја дознае вистината, за човекот, светот, постоењето, Господ… Вистината за себе си.
„Театарот е одличен медиум за анализирање на човечката природа, можност за искажување на своите ставови, комуницирање со светот, барање одговор на суштинските прашања. Пред желбата да станам режисер, беше онаа, за актерството и сакав да се запишам на глума. Имам среќа што се откажав на време, бидејќи сигурно ќе бев еден слаб и нереализиран актер“, тврди тој.
- Дали се откажавте од глумата затоа што повеќе ви се допаѓа да ја контролирате ситуацијата?
– Не е прашање на контрола во смисла кој е главен, туку повеќе на умешност за добро управување и насочување на разни енергии во иста насока. Претставата се создава во процес на размена на мислења, искуства, емоции, ставови… Процес на креативно соработување (давање и земање) помеѓу луѓето кои ја креираат претставата… Режијата ги соединува сите тие елементи и ги става во погон за на крај, се да проработи како еден единствен организам.
- Од кого научивте најмногу за занаетот?
– На ФДУ има многу добри професори, од нив сум научил многу. Најмногу се разбира, сум научил од мојот професор по режија Слободан Унковски. Тој освен што е одличен режисер, исто така е и одличен педагог, професор кој на еден многу едноставен и јасен начин знае да ги пренесе своите знаења до студентите. Сум имал среќа што сум бил негов студент, уште повеќе среќа што сум имал шанса од блиску да ја следам неговата работа во процес на создавање на две претстави: во претставата „Татко„ од Стриндберг после завршување на првата година од студиите по режија, и сега скоро во претставата „Пер Гинт„ од Ибзен каде што работев како негов помошник.
- Младите режисери речиси, редовно го посакуваат филмот за работа, а вие ете, театарот… Тоа од „немајкаде“ или навистина, го преферирате театарот?
– Да сакав да студирам филмска режија ќе пробав да се запишам на тој смер, но навистина го сакам театарот и никогаш досега не сум размислил да се префрлам на филм. Театарот во споредба со филмот го гледам како слика во споредба со фотографија – двете со право се нарекуваат уметност, но првото некако е посуштинско. Театарот за мене има повеќе магија, подлабока филозофија, повеќе живот и душа бидејќи, театарот е посличен со животот, секогаш се случува тука и сега! Се раѓа, развива и умира некако слично, како човечкото битие.
Големо задоволсто е кога си сведок, а истовремено и креатор на еден комплексен процес каде што од една идеја почнува да се материјализира нешто конкретно, да се развива и на крај да добие душа и да живее, но исто така, ова искуство го има и трагичниот моментот на „умирањето#. Кај нас, она што е жално е тоа што многу често, претставите се осудени на предвремено умирање!
- Ама затоа, површноста во работењето на истите, се покажува како особено жилава!?
– Па, како и во останатите сегменти на живеењето. Театарот е огледало на состојбата во една држава – тоа го кажале многу одамна и важи за секое време, а особено, за ова нашево. Дури верувам дека баш тогаш, кога има се помалку претстави со вистински вредности, тогаш најдобро се покажува крстопатот (да не кажам бездната) на едно општество. Сведоци сме на полни репертоари со евтини комедии, претстави што се занимаваат со површни теми, а ова е доказ на едно можеби, несвесно бегство од суштинските прашања што треба да (си) ги поставиме и страв од соочување со проблемите со кои живееме.
Во ова ситуација, вистинските естетски вредности останале во сенка или немаат шанса да дојдат до израз, а стручната јавност се повеќе станува еден изгубен глас во хаотичната врева што ја создаваат политичките агресивни дебати.
- Колку животното искуство е неопходно за да се работи како театарски режисер?
– Мислам дека нема некоја важност возраста за да работиш во театар. Битно е да знаеш што сакаш да кажеш и да умееш на најадекватен и најоригиналниот начин да го сториш истото. Се разбира дека возраста влијае многу во разбирањето и анализирањето на текстот врз кој ја создаваш претставата, но тоа не е пресудно. Повеќе би рекол дека пресудно може да биде – колку интензивно го доживуваш животот и колку си присутен во, и засегнат од, секојдневието.
- Режирате во Албанија, добитник сте и на тамошната престижна награда „Култ 2010„. Немате овде доволно простор за работа или…?
– Работата во Албанија беше едно одлично искуство за мене и една одлична шанса да ја промовирам личната театарска естетика и надвор од земјава. Наградата што ја добив таму, беше едно пријатно изненадување нешто, што ми го зголемува мотивот за работа, но и одговорноста за моите понатамошни претстави. Од друга страна пак, факт е дека веќе две години овде не ми се дало прилика да работам своја претстава, и оваа ситуација ме чуди и истовремено и ме лути бидејќи, нема некоја оправдана професионална причина за тоа.
- “Политика” е во прашање или “маалската логика” во управување со театрите?
– Мислам дека има по нешто од двете, но се обидувам да не размислувам многу за вистинската причина, туку повеќе за тоа како да наоѓам начин и простор за поставување на текстови со кои имам што да кажам. Дали тоа ќе биде во некој театар во земјава или надвор, останува да се види.
- Од друга страна пак, вие сте првиот Албанец режисер што работел во МНТ?
– Сум го кажал ова и порано: тоа што сум првиот Албанец што режирал претстава во МНТ не ми значи речиси ништо! Евентуално може да и значи нешто на самата институција. За мене беше многу значајно што како млад режисер ми се даде шанса да режирам во оваа престижна театарска куќа и што работев со една одлична актерска екипа со која соработката беше повеќе од задоволство. Се надевам во иднина ќе има и други такви шанси. Јас сум Албанец по националност и режисер по професија, заинтересиран сум да работам секаде, каде што ќе имам вистински услови за правење претстава.
- Се поларизира ли театарот, како и животот, се повеќе меѓу Албанците и Македонците?
– За жал, политиката често знае да влијае и во театарот. Можеби не на директен начин, како во меѓуетничкиот однос во секојдневниот живот, но се пренесува една непосакувана и штетна енергија Нешто што потоа се одразува кај интересот на публиката при одбирање или откажување од посетеноста на одреден театар. Кога работев во МНТ често се прашував како тоа, одлично функционираме како екипа, а припаѓаме на различни етникуми!?
Мојот одговор е: имавме иста цел, верувавме искрено во таа цел и сите вложивме максимално од себе за да ја постигнеме неа! И тоа создаде искрено меѓусебно почитување, срдечност и љубов. И на крај, сите чувствувавме сатифакција од вложениот труд. Во ниеден момент не дојде во прашање кој каде припаѓа (во етничка смисла, религиозна, политичка…), туку секогаш во фокусот беше, како да успееме да направиме претстава со која на крај ќе се чувствуваме исполнети и горди! Сите македонски режисери кои ги познавам го делат истото чувство и мислење кога работеле со екипа составена од албански глумци.
Можеби начините за “средување” на меѓуетничките односи треба да се исцрпи од театарското искуство: на некој начин (сигурно покомплексен) и во склоп на државата треба вака да функционират работите, да се постават цели што сите не интересираат, каде што сите се чувствуваат активен и рамноправен дел во тој процес и на крај, сите да имаат сатисфакција од постигнатиот резултат. Меѓутоа, за ова потребен е добар „режисер“, а изгледа досега не сме имале таков.
Надежта ни е се побледа
- Воопшто, како е вашата живеачка во Македонија?
– На ова прашање ретко кој би одговорил дека добро се живее, и мислам дека со право. Во момент кога ништо не е сигурно, кога не ја гледаш чисто и јасно сопствената перспектива, кога ниеден планиран проект не можеш да го сметаш за потполно сигурен дека ќе се реализира, а да не зборувам за ниските хонорарите што ги земаме како награда за вложениот труд, тогаш (колку и да стоиш добро финасиски) не можеш да се чувствуваш задоволен и да веруваш дека работите се движат во добра насока. Секогаш останува надежта дека нештата ќе се подобрат, но и таа, почнува да станува се побледа и побледа.
Западот умее да ја продаде уметноста
- Западниот театарски свет се повеќе се врти кон комерцијалното, а ние се уште, некако “прецврсто” се држиме кон „методот станиславски“!?
– Немаме можност за жал, да следиме многу претстави од Западот, но од тоа што сум следел и од тоа што успевам да го најдам на интернет или во набавените видео материјали, не се согласувам дека Западниот театар се повеќе станува комерцијален. Мислам дека се работи повеќе за вештина добро да го продадат уметничкото, и успеваат од вистинската уметност да извлечат и комерцијална придобивка. Би било добро кога суштинското би го научиле од нив, а не само површното, како што често го правиме речиси во сите сфери на животот. Исто така, и кај нас не гледам дека се држиме само кон „станиславски#, дури мислам дека многу одамна тоа е надминато кај нас. Можеби ова мислење се создава бидејќи се поретко гледаме претстави на домашни режисери кои умеат да промовираат нови естетики тука и надвор од нашата земја и кои се на иста фреквенција со западните театри.
- На која школа сте вие приврзаник?
– Не сум размислувал многу за ова. Сигурно имам преферирања, но не сум приврзаник за ниедна школа. Дури не знам (а често го слушам тоа) што значи да направиш претстава по Брехт, Гротовски, Станиславски… Секогаш се обидувам да ја следам мојата визија за одредена театарска претстава што ја режирам. Се обидувам да создадам нешто мое, што верувам дека до некаде станало и препознатливо.
Попријатно е држењето до надежта
- Со која претстава особено се гордеете, а што сонувате да режирате?
– Сите мои претстави сум ги работел со љубов и страст, затоа тешко ми е да одвојам некоја од нив. Тоа многу подобро можат да го направат другите кои ја следеле мојата досегашна работа. Одамна сакам да го режирам „Сеништа“ од Ибзен, се надевам ке ја добијам вистинската шанса во вистинското време. И морам да го споменам „Хамлет“ од Шекспир, текст што веќе со години постојано ме провоцира. Се надевам еден ден ќе успеам да го поставам на сцена.
- Каде и како се гледате себе си по десет години?
- Ако се потпрам на мојата надеж, по десет години се гледам како режисер кој работел во многу театри во земјава и надвор, задоволен од постигнатите резултати и се уште жеден за нови театарски искуства. Ако пак, аголот на проекција ми е од реалната ситуација, се плашам дека горенаведеното тешко ќе се оствари. Но, секако, попријатно ми е да се држам до мојата надеж .
Бранка Д. Најдовска
“Теа модерна”, 2010 година