Неретко си правиме сеир со накиснатите комшики, па дури, и со нашите поубави половини, кои кутрите, немаат трета рака за чадори (оти двете им се зафатени со зембилите полни провијант за нашите салати и пинџури), па враќајќи се од работа преку импровизираниот пазар на прекупците, ги скокаат вирчињата од затнатата атмосферска канализација. Некој од нас можеби и би потстанал од гајбата, откако ќе го екса пивото, и би се стрчал да и помогне на животната сопатничка, ама ете, не му дава маалскиот фраерлак и мачо-правилата на игра, во кои точно се знае кој м’кне, а кој пие пиво…
Неодамна, пред маалското гранпче се разви интересна дискусија за уништувањето на традицоналните вредности, со недугавите законски решенија за забрана на правење ајвар&лутеница во паркчињата меѓу зградите и особено, со најавата за забрана на печење домашна ракија, во викендиците или во родните села на најголемиот број скопјани. Некако редовно, во деновите кога летото почнува кукавички да се повлекува од фронтот, пред есенската офанзива, ние под тендата на најпопуларната пиљара во тој дел на градот, гледаме како се сменуваат припекот и дождот, и со ладно пиво во рацете, си правиме сеир со накиснатите комшики, па дури, и со нашите поубави половини, кои кутрите, немаат трета рака за чадори (оти двете им се зафатени со зембилите полни провијант за нашите салати и пинџури), па враќајќи се од работа преку импровизираниот пазар на прекупците, ги скокаат вирчињата од затнатата атмосферска канализација. (Главно, сакајќи да си ги спасат фризурите што за половина цена им ги прави онаа од кулата, онаа де, која држи непријавен фризерај во некогашната заедничка просторија, „денационализирана“ на јуриш од сопругот и, стечаец, со непобитен правен аргумент – дека била најблиску до неговиот стан…) Мислам, некој од нас можеби и би потстанал од гајбата, откако ќе го екса пивото, и би се стрчал да и помогне на животната сопатничка (нормално, не за да ја фрли врз некој вир единствената горна тренерка „Адидас“ или „Јаса“, купена уште во минатата држава), ама не му дава маалскиот фраерлак и мачо-правилата наигра, во кои точно се знае кој м’кне, а кој пие пиво… И кој потоа, дома, додека ги толчи лукот, пиперките и црниот патлиџан во дрвените авани – наследство од бабите, ги слуша „литургиите“ за бесчувствителноста на мажиштата и советите на ќерките – добро да внимаваат за кого се мажат и за синовите – да си ги сакаат&почитуваат жените и никако да не личат на татковците…
Елем, муабетот беше за урнисувањето на традицијата, и за носталгичното евоцирање на спомените пред гранапчето, оние неповторливите епизоди околу лонците за ајвар и казаните за ракија, кога маалските сопаталки правеа зимница и планови за иднината што речиси никогаш не им се остваруваа, а нивните бесчуствителни партнери низ животот, ја печеа огин-лутата, која им ги топлеше срцата во студените вечери и им помагаше во сонувањето на поубавата иднина. Што секогаш им беше на чекор, на една чашка до остварување. Ама, таа, Европа, блудницата…
И на Џандарот од соседството му се појави солза кога сфати дека ќе мора да го моли братучедот од родниот крај за неколку тегли македонски кавијар, за децата – не за друго, и за билнак препечена, за лек – не за друго… Ама, брзо се утеши дека бурето со зелка од подрумот и вреќите со слама на која се „фаќаат“ печурки од атомското засолниште, никој не може да му ги забрани Ни неговите колеги, ни инспекциите што ги повикува Шпионката од први кат, која, кај и да е – маалото ќе ја лустрира. Како и дека никој не може да и забрани на жена му, во дворчето на комшиката од приземје, заштитено со висока ограда, да направат џем и да ги наполнат на брзина теглите. Колку за палачинките во неделните утра… Маалска нирвана.
Под тендата која почна да прокиснува, па ни се вжешти муабетот, во дебатата со Пензионираниот амбасадор од другото маало, прифатив дека навистина, така среде град, не беа соодветни сцените на рикање на бишиња, па и на поголеми свињи, кои го чувствуваа неизбежниот крај, додека маалските експерти за безболно колење ги остреа ножевите, а среќниците кои така ачик, на целото маало му покажуваа „во чија куќа се јаде мрсно“, ги подготвуваа скарите за традиционалното печење џигери и тенџерињата за пржење удина со праз… Се согласив и дека не го личи тоа, да се полнат колбаси-крвавици меѓу зградите, ајде, и дека е ќар за купувачите што месарите веќе не ќе можат да продаваат мелено месо, па и дека и мене ми пречело истурањето на расолницата од бурињата со зелка и на остатоците од малите буриња со туршија, во сливникот на паркингот… Мислам, иако таа реа нè потсетуваше дека дошла пролетта, тешко се издржуваше, оти голема зграда, многу подруми, уште повеќе буриња… Некако, со се се согласив. Ете, како конструктивен и на компромис секогаш подготвен сосед, прифатив и дека и во тоа новото, што ни го нудат како замена за досегашната ни живеачка, не е сè толку црно. Ама, не можам да се помирам со фактот дека според нашата атеистичко- религиозна маалска традиција – за 29 Ноември и за Водици – ќе мезиме „фабричка“ пача, со купечка ракија?! Некоја непроверена, купена на црно, на која не сме и се радувале околу казанот…
Арно ама, маалскиот Адвокат, кому животот од корен му се смени откако на третата му сопруга, ептен почна да и пречи дведецениската разлика во годините, па му избега со еден клиент (фиљан-човек кого го набедиле од политички причини дека крадел, па замина во некоја подемократска средина, сосе новата жена), некаде по петтата тура пиво, излезе со дециден став дека како потомци на сиромашни луѓе, сме забегале со животот во страв?! И дека сето тоа наше, есенско напластување на резерви за зима (како да живееме на Аљаска, а не во земјата до која најлесно се доаѓа ако се следи сонцето и мирисот на пинџур) е последица на паниката дека ќе има криза, војна, немаштија… Наводно, затоа се напластувало, се правеле јувки и тарана, се купувале сардини и паштети, сол и шеќер, батерии и плин, свеќи и кибрит… Море, се пакувале цели јуниња во замрзнувачите (за свињите ич муабет да нема), затоа се полнееле бурињата, теглите, билнаците. И затоа се терал адетот секоја есен, а не поради доблестите на нашите традиционално скромни стопани и домаќинки. И дека мора да се ослободиме од зависноста! Ете, нему, како на новопечен љубовџија, откако се хранел само по ресторани, му било многу полесно да си ја бара потенцијалната четврта сопруга, зашто ем дома му било чисто оти ја користел само микробрановата и „малото плинско“ колку за кафе, ем си ја средил и линијата.
Е, лесно му е нему, во земја со толку криминал, за него, секогаш ќе има пари за кафеани. Ама ние, со нормални професии и со македонски плати, едвај сокриваме од жените во црниот фонд и за мезето во „скара на кило“ и за по некое пиво, онака, на пат кон обложувалницата, или потоа, додека чекаме да нè огрее. Ороспијата. Плус, тој си има причина да води сметка за вита става, а ние во нашите „фалти“ на половините сме вложувале – часови седење во кафеана и еден куп пари, за сега, толку лесно да се откажеме од нив. И најважното, ни ајварот&малиџаното, ни пачата&кавурмата, ни прженото мевце, во новите ресторани – некако го немаат оној вкус од зимницата&туршијата на нашите содружнички, ем сопаталки. А, вкусот на месото од „нашите“ свињи и јуниња, не може ни да се споредува. Какви финти, какви реклами за „вкусот на мама“ (како мајката да си ја јадат, скраја да е), какви бакрачи… И, кога дополнително, ќе си помислиме колку поубавите ни половини се мачеле, тегнејќи од пазарите зеленчук и шишиња масло… Па, како да не ги фалиш! И нив, столбовите на нашите семејства и македонската традиција. Која сега, некоја си таму Европа, сака да ни ја искривоколчи, дезинфицира, вакуумира, целофанира…
Нема да може! Ние маалските херои со мокри задници (македонска верзија на
„Soggi Bottom Boys“), ќе си живуркаме по наше. Може скиснато, ама традиционално. Според напластеното и натрупаното искуство. Со пинџур и ракија. На чашка до остварувањето на сништата.
(Авторот е новинар. Пишува за леб – и за пиво & ќебапи – подолго од три ипол децении. Жител на неколку скопски маала, автор на неколку книги… Некогаш – верник во поубавото утре зад првиот ќош, денес – носталгичар и по троа циник.)
*Ставовите изнесени во колумните се лични мислења на авторите и не го претставуваат ставот на сајтот suteren.mk