Сутерен.мк

Стари промени

Здраво Дарлинг, ме интересира што мислиш за “модерново време” за тоа како се растени децата сега со новава “изопачена технологија” (којашто мислам дека повеќе одмага отколку што помага во целокупниот равој на едно дете) и како порано… и дали мислиш дека постарите генерации се поуспешни од очекувањата за новиве?

Знам дека секое време со себе си носи и своја промена, но мислам дека стварно е некако претерано, децава се некако понеорганизирани, како роботи се однесуваат, заробени во виртуелни светови… мене воопшто не ми се допаѓа,чисто онака ме интересира ти како рамислуваш на темава. Поздрав.

Приземјена


Приземјена дарлинг, денешниве деца растат со интернет и за нив тој е толку подразбирачки, како за возрасните топлата вода.

Младите треба да вежбаат и да стекнуваат искуство, како и за секоја друга алатка, за истата потоа да ја користат правилно. Со минимална можност за повреда.

Родителите кон „модерните изопачени“ технологии нормално е да имаат скепса – ним не им се толку природни – страв и неприфаќање. Меѓутоа, без новите играчки едноставно, веќе не се може. (Школска табла гледаат дури на 5 – 6 години, а компјутер, таблет, мобилен, многу порано.)

А доколку сакате да го победите непријателот, старото проверено правило гласи дека тој може да се победи само, ако се запознае. Тоа е барем лесно зашто овој „душман“ и не е така стар, глобалната мрежа постои само – 40 години.

Иако се чини дека децата не се дружат, дека се некомуникативни, вистината е сосема спротивна – тие и тоа како се социјално активни, но на свој, нов, начин, играат некои само свои игри и владеат не само со нивното туку и со нашето време.

За да им се доближиме и разбереме ќе мора да го прифатиме нивниот модел на интеракција. (Не заборавајте дека нашите баби и дедовци за ТВ приемниците мислеа дека се ѓаволска работа.)

Кога сте во нивната игра, полесно и ќе ја контролирате истата. Освен тоа, ако побараме да не „научат“ околу употребата и придобивките на феноменот интернет ќе им направиме голем комплимент. Ќе бидат поотворени, а поврзувањето со нив поквалитетно.

Промените се неминовни, ама се однесуваат само на формата, суштината останува иста. Технологијата е на страна на младите, но животната мудрост и искуството, желбата да ги видиме утре како добри и реализирани личности, љубовта што ја имаме кон нив, тоа се адутите на родителите во процесот на нивното воспитување.

Колку ќе се развијат потенцијалите на една личност многу зависи од нејзините карактерни особини, но исто толку и од сигналите што нејзиното најблиско опкружување ги испраќа.

Тие деца не се паднати од Марс, наши се. Учеле од родителите, училиштето, комшиите, бабите, чичковците, касиерките, докторите… Наш производ се.
И не заборавајте: прво ние дојдовме на интернет и не заминавме до денес, а после децата…

(Упатствата во оваа рубрика се само субјективно гледање на меѓучовечките релации. Никако не треба да се сфатат како достојна замена за стручно мислење.)

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *