Од секое ќоше на нашиот живот ѕирка по некоја диета. И секоја е најдобра, секако. Во сите сепак, заборавен е фактот дека секоја дебела личноста си има само своја приказна. Односно, засебни навики на исхрана и само свој метаболизам! Па така, со еднакво намалено внесување на калории, некој може да изгуби и до трипати повеќе од тежината за разлика од некоја друг.
И да, она познатото дека некој има „тешки коски“ не се глупости! Кај секого е различна количината на мускули, коски и мрсно ткиво.
„Обична“ и „необична“ храна
Благодарение на маркетингот и потрошувачкото општество, денес имаме „обична“ и „необична“ храна – индустриска и органска! Ниту има нешто органско во вторава, а уште помалку природно, ама нејсе. Зборот е за ефтината, без специјални „ознаки“, која е генетски модифицирана. Тоа секако, не го пишува на неа. Затоа што не мора да го пишува! Ама цената е пет до десет пати поефтина од онаа на „нагласената“! А „обележаната“ ако ништо друго, барем знаете од каде доаѓа.
Стереотипи
До пред извесно време се сметаше дека Соединетите американски држави предничат во бројот на луѓе со преголема тежина. Последните истражувања покажуваат дека Кина е на првото место, а САД се втори, па следат Индија, Бразил, Русија… Зачудува фактот што дебелите луѓе масовно се појавуваат и во Египет, Саудиска Арабија, Оман…
Но на сите нив ( а и нам) утешително може да ни биде што кралството Тонга (група на полинезијски острови), тврдоглаво ги одбива сите рецепти и совети за диети! Кај нив, дури над осумдесет проценти од населението е со телесна тежина значително поголема од просечната.
Највитки пак, на планетава се – жителите на Северна Кореја. А најздраво живеат во Афганистан: веројатно заради строгите верски закони, ретко пијат алкохол и најмалку пушат цигари.
Од начинот на исхрана, каков и да е тој, секогаш има некој кој дебело заработува!
Многу гени, најмалку тристотини до сега познати, се одговорни за чувството на ситост, глад и присутноста на хормоните вклучени во процесот на дебелеење!
Експертите велат дека два услова се нужни за некој да знае како да се заштити од вишокот на килограми: информации за здравиот начин на исхрана и лесна достапност до тој ист, здрав начин на исхрана!