Сутерен.мк

Бранка Д. Најдовска: Записи од сутеренот

На некои луѓе навистина треба да им се направи колиба надвор од градот, бидејќи во друг објект не се чувствуваат удобно, па им го загорчуваат животот на сите околу нив. Особено не се јасни оние кои целиот живот живееле во зграда, во стан, а обично излегува дека таквите се најбезобразни…

Од половина век и плус живот, триесет години го поминав во селења. Не се жалам. Селењата се дел од фолклорот на секој кој не се родили со златна тропалка во рачето или немал барем, вујко владика. Татко ми беше шофер, мајка ми шнајдерка – епски широки души! За услугите што им ги бараа (а често и не чекаа некој да ги замоли нешто), не наплаќаа. На ептен инсистирање на „барателот“ добиваа подароци. Што ќе рече, шише ракија, чварки, кокошка, младо сирење… Прецизно знаеја на што моите ќе се израдуваат.


Ќе ви раскажам нешто. Едно неделно утро, мајка ми со врисок не испоразбуди сите уште во шест часот: „Димитрија, ненормален еден! Што бара магаре во дворов!?“ Испоизлеговме сите на тераса. И навистина, во нашиот огромен двор слободно шеташе едно излитено магаре! Ние и му се израдувавме (тоа за денешниве деца е како да добијат од оние, салонскине кучиња – играчки, за кои не знаеш дали се живи или се цртанки), ама мајка ми не дозволи никој да му се обрати на бајаги запустеното животинче, се додека не добие релевантно објаснување! Татко ми едвај се довлечка до тремот: „Абе, жено, не туку урлај! Се враќав синоќа накај дома и една будала ја тепаше кутрава душа дека не можеше да ја искачи угорницата. А и кој би ја искачил со тој товар од старо железо и трули штици!? Му дадов 50 марки и му го зедов. Не се дери, нека поиграат со него децава, нека си дојде на себе си, па ќе го дадеме некому. Сите знаеме дека си ептен градска и дека не сакаш домашни животинки по дома! И да, тоа се педесетте марки што ми беа за кафеана за овој месец. Значи, од мојот џепарлак е платено“ – толку рече човекот и се врати на спиење, да си го дозалечи мамурлакот. Така и беше.

Го обожувавме магаренцето цели два месеца – го капевме, храневме, галевме (некои се обидуваа и да го јаваат) и тоа се претвори во едно баш, убаво магаре! Во меѓувреме, малите комшичиња му носеа подароци: овошје, зеленчук, дури и набрано и педантно селектирано трње!? Постарите пак, постојано прашуваа што ќе правиме со него. Откако, животинчето застана на „свои нозе“, татко ми го собра целото соседство и постави само една точка на тој маалски состанок: „Кому му треба магаре?“

Одговорите беа најразлични, ама изборот падна на една 70 – годишна жена, која живее со три внуци и собира плодови од зимзелени дрвја за да ги прехрани малечките кои мајката ги напуштила, а чиј татко е оддамна под земјата. Не можам да ви објаснам со какво озарено лице (заедно со внуците) ни дојде жената дома со тепсија раванија (чула дека татко ми го сака тоа благо)!

Кога си замина, ТИР шоферот само рече: „Црква се прави и без цигли.“

Парајлии и растроени старци

Спротивно на моиве пасторалии, во споменатите три децении се изнагледав само будалаштини. Тоа и ми е муабетот. Каде исчезна оној свет на грижливи луѓе за другите?! Можеби, некои од нас имале среќа, па можеле и да поживеат со понормални комшии, пред да се случи тотален колапс на се пристојно што тој соживот значи!? Или пак, катастрофата отсекогаш била тука, ама лотаријата на животот, ни ја одложила за подоцна!?
Првите соседи од раното мое самостојо живеење беа „најнормалните“, но можно е да бев се уште многу млада и имав кондиција да ги поднесам. Во поткровјето беше некој метросексуалец (тогаш не знаевме како да го крстиме тој „лајфстајл“, ама ете, фала му на Бога и за тоа во меѓувреме се најде збор), парајлија, бизнисмен или нешто слично. Возеше мерцедес, здрав начин на живот, скијаше, планинареше… Го среди станот и многу му беше гајле за луѓето. Нешто како што би рекле денес – европеец.

Под него живееше еден старец кого сите од зградата го мразеа, а децении пред тоа, со половина од нив и се степал.

Веднаш до мене беше растроен средовечен брачен пар. Разведени беа триесет години, а пет од нив се влечеа по судови. Сепак, живееја заедно и си одеа на нерви еден на друг постојано, но ниту тој, ниту таа имаше каде да одат, па тоа е што е… Се тепаа постојано.
Во гарсоњерата беше еден вечен студент од 150 килограми и два метра, пропаднат кошаркар. Мрза, невидена!

На приземјето живееше ситен дедичко кој нон – стоп само дрдореше за историјата и за славното минато. Ах, да, кога не дрндаше за крвави битки и државни одлуки гњавеше со совети за здравјето и маслиновото масло.

Шакира и Мирослав Илиќ

Вториот пат кога се селев, налетав на еден кој постојано чукаше по цевките од парното и ја пееше „Африка“ од Шакира. Жената над мене, алкохоличарка, ми го поплави станот најмалку седум пати. (Ниту останатите не беа поарни: истураа вода од петти кат по скалите надолу, мокреа во лифт, ги кршаеа сандачињата, вриштеа, урлаа, фрлаа ѓубре од тераса, вареа грав во четири часот наутро, истураа расол пред зграда, па и употребени бебешки пелени низ прозорец?!)

Будалетинката над мене во течна агрегатна состојба, ја истепа чистачката со новата метла бидејќи старата повеќе и се допаѓала!?

Оној, „шакирата“, ги тужеше еднаш тинејџерите од влезот, обвинувајќи ги дека за време на дочекот на Нова година сакале да го убијат со петарди и силни детонации додека собирал алишта од тераса во еден часот по полноќ!? Притоа, цитирам: „оглувел на левото уво, имал повреда на черепот , десната рака и оттогаш имал вртоглавици! Еднаш дури овој „свилен“ комшија ми заѕвони на врата да ме замоли да престанам да пржам риба, бидејќи мирисало во ходникот, а тој чекал гости и му било срам што ќе помислеле, во какво опкружување живеел. Неколку месеци потоа, ја обвини жената која живее сама најгоре, дека во станот врши абортуси, бидејќи слушал чудни звуци и крици. (А жената е малку наглува, па го пушта телевизорот погласно). На сред ноќ и упадна полиција дома и и ја претресоа домата. Па оваа после го тужеше за клевета и за претрпен страв.

Имаше и едно момче кое беше одушевено од Мирослав Илиќ, па секоја вечер имав концерт (барем да го сменеше пејачот!), па еден кувар кој секој ден нешто пржеше со многу, многу кромид, па луда благајничка…

Верници и полиција

Со третото или четвртото (веќе не ни паметам) селење, пцовки и закани се изнаслушав доволно за три живота.


Имаше едно семејство над мене, кои и кога постеа, ќе станеа рано наутро да јадат и ќе се заколеа! Чудо едно е како таа фамилија успеваше за толку кусо време да се фати еден со друг за врат?! Еден ден жената во три часот наутро стоеше на прозорецот и викаше дека ќе скокне. Не скокна. Мажот и го гледав по скалите, целиот фин, мазен, намирисан, а неа никогаш не ја имав сретнато. Ако тој не се дереше, тогаш таа вриштеше по него и го колнеше. Тоа се клетви, кои не можеш лесно ни да ги смислиш, а камоли да ги кажеш! И тоа беше така по 15 часа дневно – вриштат, се тепаат, па малку ќе се смират и по еден час, се од почеток. Мислев дека ќе биде полесно кога ќерка им се омажи, но Боже мој, таа се врати трудна, се породи тука, па имаше и мало дете во тие „27 квадратни метри“. Се будев со тоа дете на секои два часа додека цицаше. Па наполни три години и буквално, плачеше 12 часа дневно или играше топка во станот. И плачеше. Ако не правеше ништо од ова, тогаш скокаше манијакално, така што во кујната ми отпаѓаа делови од ѕидот. И, плачеше.

Понекогаш помислував да се преселам и најголем страв ми беше дека тие ќе дојдат по мене! Едно утро излегувам од зградата, кога гледам две полициски возила напред. Си реков, готово, конечно се успоубија! За момент и и се израдував на таа помисла, очекувајќи дека ќе завладее мир на мојот таван. Веднаш потоа ме обзеде грижа на совест за ваквата „радост“. Кога се вратив од работа, станот ми се тресеше со вообичаените вибрации од пресилната врева. Не се испозаклаа. И не знам дали ми беше мило поради тоа или не!?

Егзибиционисти и кинески ѕвончиња

Комшиите се проблем насекаде: ако не се караат тогаш некое од децата оди во музичко училиште, па по цел ден вежба… Или, малиот превртува некоја столица во дневната и прави лизгалка од тоа. Кога ќе почне да се спушта, јас стојам пред комодата и ги чувам поцеланските и стаклени украси да не ми испопаѓаат и се испокршат!

А што се тресат од тераса?! Туку ќе изнесат некој чаршав преполн со брашно и тоа баш тогаш кога имам свежо испрани алишта на мојата. Или некои прекривачи преполни прашина и влакна… Или со тие исти чаршафи ќе ти го блокираат погледот на цела населба! А нивната ја мијат со доместос, ги дават цвеќињата со вода, фрлаат суви лисја… Нормално, тоа се паѓа кај мене. Па мажот ќе задоцни, а женава од прозорец почнува со прекорувања! Не може да дочека да влезе дома. Или, бабите и дедовците по четири – пет пати дневно довикуваат одоздола:„Милаааа, Монааа! Милаааа! Монааа!“ Добро бе, чуле ли за мобилни?!

Други, седат до рани зори на тераса. Не ми пречи што седат, туку што слушаат некаква грозна музика и тоа пуштена на најјако, ко на панаѓур. Или, сосетката-метузалем што редовно излегува по пижами, така и се симнува до гранапче, а на балконот е по градник. И зиме и лете.

Се, се, ама тикови добив од оние кинески ѕвончиња закачени секаде кај што има провев! А и од шестгодишното девојче кое ја пееше „Ти моје злато…“ само еден стих, тој стих, по половина час, а потоа бабата и мајката и ракоплескаат! Половина час. Па пак,од почеток…

Муабетот ми е, никој веќе не купува магариња. Можеби затоа што премногу е заситен пазарот. И тие станаа конфекција. Па не ни може да се најде квалитетно магаре за кое ќе се мобилизира целото соседство!
Што ќе рече, заради општите говеда, не се селете, натерајте ги тие да се изместат од лежиштето…

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *