Сутерен.мк

Бранка Д. Најдовска: Псевдо – феминистичка еклектика

Фрагментарни т.е. пост – п(р)ост(о)модернистички исечоци за женското седење на табуретката како сопруга, мајка и кариеристка. А и да олабавиме малку од големите – мали мистификации што неуморно кружат околу нас

Жената треба да има кристална топка при рака, за да знае што василевсот очекува во дадениот момент. Треба да покаже лојалност и задоволство, затоа што тој постои и што и укажува чест со своето присуство.
Можеби затоа се повеќе жени мислат дека куче е подобро друштво. Дури и рипче во тегла звучи како попаметен избор отколку сопруг. Само да не се тие пусти кредити…

****
На дамнешна корпоративна забава една „видна“, исштиркана госпожа го имаше донесено и синчето (го влечкаше со себе на сите собиранки каде што можеше да се сретне поситуиран свет, надевајќи се дка ќе го протне во некоја добростоечка фирма) и едно време го слушам момчакот како зборува пред друштвото на коњопојот до нас: „Абе, што ќе ти е жена?! Девојки ловам само за секс. Ниту имам намера ниту, желба за брак. Мајка ми ме пере, чисти, готви, а богами и по некое денарче ми подава.“
Се погледнавме запрепастено ние неколку души што го чувме, зашто сите знаевме дека формалинската плавуша буквално, се проституира за ова бесчуствително гојдо да има покрив над главата (проституција е проституција, сеедно на географијата и бројот на партнерите). За момент ми падна жал за жената – страшно е детето така да си го доживува родителот, но во суштина, таа негова мајка го обликувала. Срамота е за неа, за секого, да чува дома ваков 30-годишен дибек.

****
Противниците на вреднувањето на женската работа во домот често како аргументи го користат она дека „тоа не е економска активност, туку продолжеток на женската добродушна и брижна природа (?!). Жените отсекогаш тоа го правеле и ќе го прават, без потреба за вреднување на нивниот труд.“ Меѓутоа, што правиме со наставниците, готвачите, медицинските сестри, па и психолозите кои ги плаќаме за иста или слична работа! Времињата се менуваат, но не баш со темпо што е праведно за „понежниот пол“.

***
Не одобрувам кога мајката станува во пет часот наутро за да се изнадотера и да стигне на работа во девет, како штотуку излезена од салон за разубавување, а нема време да им зготви една манџа на своите деца, па ручеците се составени само од пастрмајлии и хамбургери. Меѓутоа, не мислам дека е во ред ни тоа, децата да ја гледаат постојано мајката со крпата во раце, пеглата, кутлачата, торбите од пазар… Така се продолжува матрицата на доживувањето на жената како на обична измеќарка во домот.
Кога годините ќе поминат и децата ќе пораснат, ќе сфатиме дека сме биле одлични домаќинки, но не и добри мајки, затоа што пред себе нема да видиме една комплетна личност која не зависи ниту од нас, ниту од некој друг. Нашето дете нема да биде подготвено, а ни оспособено за живот. За разлика од него, нашиот сопруг ќе биде добро товено, самозадоволно и уште побесмислено суштество, од денот кога сме го запознале.

****
Додека мажот главно е секогаш облечен така, да изгледа ненадразливо кај спротивниот пол, женската челад, уште од тинејџерството физички почнува да наликува на јадица, со цел да го намами мажот на сексуална активност и таа желба што подолго да ја оддржи. Својата „стока“ ја нуди како во излог. Не е ни чудно што мажот поради огромната ваква понуда е во постојана возбуденост (речено е сто пати дека сме од различни планети), па рано почнува да мисли само на тоа како да заработи доволно пари за да стане сопственик на што поголем број на парчиња од „заводливите артикли“. Од младото бронзено дома, па се до денес доминира простата вистина: мажите сакаат вагини. За да дојдат до вагини, им требаат пари. Мажите сакаат пари за да дојдат до вагини. Затоа мажите заработуваат повеќе од жените.

****
И жената живее на анимално ниво: сака да јаде, да пие, да спие, а и сексот и се допаѓа (ама помеѓу тие „глупави движења“ и омилената ТВ серија, секогаш ќе го избере телевизорот). За жената полниот акт не е ништо друго, туку засебна врста на сервис во којшто подобар е оној маж, кој нуди подобро задоволство. Во повеќе аспекти, не само во сексуалниот чин. И кој не гњави премногу. Ниту со акробации, ниту со позерство.
Мажот на сексуалното поле е голема жртва. Иронично, тој сам себеси си ја одредува цензурата: петпати по ред – одлично, трипати – добро, еднаш – задоволително. (Да, анкети се правени и по ова прашање.) Сексуалниот неуспех за мажот е неуспех на секое поле. Дури и да е нобеловец, ако во креветот не го „бива“, тој нема да биде среќен. Жената, тука има многу простор за манипулација и навистина, веќе е крајно ступидно да ја нарекувате послаб пол! (Прекинете дури не ни текнало наместо рамноправност, да почнеме да бараме привилегии.)

****

Жената е муштерија, мажот е продавач. Клиент нема да придобиете, ако речете: „Ова е добро, ова мора да го купиш!“ туку: „Ти си волшебна, си заслужила раскош, а не безвредни дрангулии!“ Да ја скратиме приказната: додека еден маж се препотува да продаде на пример, што повеќе креми за петици, во неговиот дом се трупаат тави, коклици, чергичиња… купени од неговата жена. Во купатилото не може да најде место за својата пена за бричење, зашто се е окупирано од креми за подмладување, шминки, серуми, глини… Купени токму од парите на мажите на чии жени тој им ја продавал кремата за нежни петици.

****
Има нешто што треба да го знаат жените, а особено мажите: децата емотивно се развиваат до три години, а интелектуално, до шест (се е индивидуално, но тоа е некаков си просек). Што ќе рече, тогаш им е најпотребно присуството на родителите особено, на мајката. Некои мајки мораат и во тој период да работат, но некои не мораат.
На оние кои мораат, треба да им се пружи секаква поддршка околу обврските во домот и децата пред се од сопругот, но и од државата. Оние пак, кои не мораат и не работат, не треба безобразно да се нарекуваат егоцентрични или спонзоруши.

Светските психолози се едногласни дека за среќно дете, потребна е среќна мајка, а за спокојството на мајката задолжен е таткото.
Конечно, машкиот дел од општеството треба да сфати дека воопшто не е лесно да се биде труден девет месеци, да се породиш, да доиш дете, да се здебелиш, па ослабеш, да готвиш, средуваш, переш, пеглаш и да одиш на работа само затоа што досега не се случил ниеден масовен бунт дека сето тоа баш и не мора да биде така.

Дека тоа е сепак, некаков килав општествен, подмолен договор, но кој целосно зависи од добрата волја на жената. Додека се уште ја има…

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *