Велешки ученици на театарски фестивал во Сардинија

Членовите на драмското студио „СЛОВОТО“ од Велес, со перформансот „Поетска рефлексија“, во неделата (5-ти октомври), настапија на 30-от Меѓународен фестивал на истражувачки театар „Исола деи Театри“ во Сасари, Сардинија.

Под раководство на нивната менторка, Весна Димитрова Бобевски, младите – Матеј Стојанов (12), Илија Најдов (13), Теодора Циунова (14), Ања Богоевска (12) од ООУ „Васил Главинов”, Тодор Гиновски (14) од ООУ „Кирил и Методиј” и Михаела Витева (17) од ССОУ „Димитрија Чуповски”, сите од Велес, ја воодушевија присутната публика со својот експресивен сензибилитет, координирани сценски движења, безгрешни рецитали, многу емоции и невиност.

„Слободно можам да речам дека овие тинејџери се на нашето ниво, многу повозрасните и професионални актери“, го искоментира нивниот настап популарниот италијански актер, Серџио Бини, кој исто така, учествуваше на Фестивалот.

„’Поетски одраз’ или ‘Поетска рефлексија’ е сценско-поетски глас на младите. Тоа е иновативен сценски перформанс во кој шест тинејџери преку поезија, телесен израз и емотивна игра прозборуваат за предизвиците со кои се соочуваат младите денес – иднината, менталното здравје, притисоците, самодовербата и дигиталниот свет. Претставата комбинира стихови од Петрарка, Рацин, Конески, како и од велешките поети Нада Алексоска, Лили Арсова и Игор Крајчев, создавајќи силна уметничка врска меѓу личното и колективното искуство. Ова сценско-поетско доживување претставува автентичен глас на младата генерација и повик за слушање, разбирање и поддршка. ‘Поетски одраз’ носи свежа енергија и емоционална длабочина – идеален избор за секој фестивал што промовира иновација, младинска креативност и културна размена“, појаснува Димитрова Бобевски, не криејќи го гордеењето со своите штитеници: „Златни деца се!“

Ова гостување, како што вели уметничкиот директор на овој веќе тридецениски фестивал (кој се оддржува од четврти до 19 октомври), Романо Фодаи, е во рамките на италијанскиот министерски проект за развој на културна меѓусебна размена помеѓу Италија и Северна Македонија.
Извор…

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *