Сутерен.мк

Виктор Аќимовиќ: Македонскиот Зорге

Новинарот и филмаџија, до крајот на својот живот ја носеше етикетата „шпион“

Животот на Виктор Аќимовиќ останува под превезот на мистиката, што неговиот статус на некогашен известувач, го исплете со многу приказни за домашната варијанта на Рихард Зорге.

Две децении по смртта на Виктор Аќимовиќ, Државниот архив на Македонија се уште не располага со неговото полициско досие, иако од Министерството за внатрешни работи беа превземени околу 20 илјади досиеја. Личноста и делото на овој публицист, новинар, филмски и фотографски автор до скоро време беа третирани како своевидна табу тема, а тој до крајот на својот живот ќе ја носи етикетата „шпион“, поради бројните апсења и судски процеси што различните режими ќе ги водат против него.

По новинарските кулоари и денес кружат легендарни приказни за неговото бунтовништво (кое често изгледало само како зачувување на прометејскиот дух), јавни опонирања на властите и демистифицирањата на вистините за Народноослободителната војна и повоената изградба на земјава.

Бил пријател со Кочо Рацин, Павел Шатев, Антон Панов и жесток критичар на „големците“ како Страхил Гигов и Боро Чушкар. Оние што го познавале ќе речат дека тој е личност која спаѓа во онаа малубројна група луѓе кои се издвојуваат со своите политички погледи, оставајќи белег на своето време.

Ќе речат и дека тој не е иделна фигура туку напротив, се работи за контроверзна биографија, но она по што го паметат е неговата верба во „вистината за Македонија и македонската нација“. Од друга страна пак, тој до крајот на својот живот ќе остане приврзан кон идеите на комунизмот и авторитетот на Советскиот сојуз.

Истражување

„ Виктор Аќимовиќ им оставил голема работна задача на македонските историчари и архивисти. Неговата богата оставнина во вид на записи на хартија, филмски ленти, фотографии, претставува предизвик за вистинска научно – истражувачка работа. Архивската граѓа во фондот ’Виктор Аќимовиќ’ е меѓу ретките во нашата држава. Сепак, за комплетно доразјаснување на Аќимовиќ денес за науката се уште недостасуваат полициските досиеја водени за него“, вели Бранислав Светозаревиќ, чиј магистерски труд е токму на темата „Историски и архивистички аспекти на архивскиот фонд ’Виктор Аќимовиќ’“.

За тоа како дошол до идејата да се занимава со овој наш деец вели дека, како историчар, неговото повеќегодишно истражување на тетовската култура, неминовно го одвело до името на Виктор Аќимовиќ. „Речиси сите мои разговори со одредени личности кои го познавале се сведуваа на оценките дека тој бил одличен новинар, фотограф и снимател, но и шпион. Сето тоа уште повеќе ја зголемуваше мојата љубопитност. Поминаа две децении од неговата смрт, но се уште не се создадени условите за целосно разоткривање на мистеријата околу него“, истакнува Светозаревиќ.

Ќерката на Аќимовиќ, Виринеја Кајзер, која живее во Марибор, прифаќајќи ја поканата на „Глобус“ да зборува за својот татко го дели мислењето на историчарот:„ Единствен проблем“, вели таа, „гледам во вашето прашање – ’Кој беше тој? Би било лесно да знам. Меѓутоа, не знам! Бев мало дете за време на Втората светска војна, а подоцна бевме толку малку заедно, што многу ми е тешко да ви одговорам, кој всушност, бил мојот татко. Она што со сигурност го знам е дека беше добар новинар, фотограф, снимател и голем интелектуалец и борец за правата на македонскиот народ. Поголемиот дел од животот го помина по разни затвори ширум бивша Југославија“, раскажува Кајзер.

Фактографијата пак, во овој наш обид да го доближиме Виктор Аќимовиќ до пошироката јавност, вели дека тој е роден во Тетово на 15 мај во 1915 година, во видно семејство кое се доселува во градот во средината на 19-от век. Поточно, прадедото на Виктор, Стојко Аќимовиќ е првиот учител на српската пропаганда во Тетово од 1861 година, кој доаѓа од скопското село Похошево. Фамилијата Аќимовиќ во времето на викторовата младост ги уживало привилегиите на Кралството на СХС Југославија, како истакнато просрпско семејство со заслуги за ширењето на српската просветна пропаганда во тетовско. (Токму тој факт се чини, за Виктор претставува голем хендикеп, бидејќи неговото потекло предизвикувало кај припадниците на социјалистичкото и комунистичкото движење во Македонија, сомневање во вистинските негови определби.)

Татко му, Лазар, бил моден кројач, но по Првата светска војна работел како државен чиновник и со мајка му Параскева Герасимова, прилепчанка имале уште еден син и две ќерки. За време на основното образование Виктор бил мошне активен во скаутското движење на Тетово, скијал и се бавел со фотографија бидејќи и Лазар бил фотограф – аматер. Неговиот дедо Љубомир бил учител, како и прадедото, што му овозможило интелектуално опкружување и пристап до поприлично богатата семејна библиотека. Од 1932 година до 1934 – та учи во средното земјоделско училиште во Крижевци, Хрватска. Во тоа време ги познавал, покрај македонскиот и српскиот, турскиот, албанскиот јазик, а подоцна и словенечкиот, бугарскиот, рускиот и францускиот јазик.

Уште во Кржевци пројавил антирежимски ставови за што бил казнет од судот со 14 денови затвор и отпишување од училиштето поради „ширење на комунизам“. По издржаната казна (1934 година) се враќа во родниот град, но по само два месеца, поради неговиот напис објавен во „Глас Полога“, во кој се критикува работата на социјалната служба за осигурување во Тетово, заработил нова тужба. Во ноември истата година, почнува да го издава својот весник „Тетовске новине“, а како уредник, освен него, се појавува и Боро Атковиќ. По првиот ден од излегувањето, промакедонските ставови, промовирани во весникот, провоцираат судско решение за забрана за печатење. „Тетовске новине“ сепак, излегува уште извесно време, но Виктор, веќе е западнат „на око“ на властите…

Пресуди

На 19-ти ноември 1938 година во Бања Лука се жени со Милена Година од Марибор, словенечка актерка, со која доаѓаат да живее кај неговите родители. Истата таа година станува и припадник на вооружените формации на СССР односно, работи, како и неговиот пријател, Павел Шатев, на „специјални задачи од воено известувачки карактер на секторот Македонија – Грција – Албанија.“ Иако, како агент на советскиот НКВД, бил постојано на списокот на тетовската полиција за сомнителни лица, заминува за Марибор каде со помош на својот тест го уредува и отпечатува првиот број (во три илјади примероци), на својот весник „Јужна стварност“, во кој отворено покрај критиката на тогашните социјални неправди, се изјаснил и по македонското национално прашање.

Имено, Аќимовиќ преку „Јужна стварност“ жестоко реагирал на тогашните ставови на академикот Никола Вулиќ, член на Српската кралска академија од Белград, кој во своите предавања целосно го негира постоењето на Македонија и македонскиот народ и ги преименува во Јужна Србија и Јужносрбијанци. Весникот, кој бил дефиниран како „весник за сите културни прашања во Македонија“ веднаш е забранет.

Последиците од спротиставувањето на Вулиќ брзо ги почувствувал: Аќимовиќ е уапсен и спроведен во логорите Меѓуречје – Ивањица и Билеќа. Светозаревиќ во својот труд пишува дека таму главните тешкотии Аќимовиќ ги има, не толку од логорските власти, колку од самите затвореници во т.н. македонска соба. Имено, логорашите Страхил Гигов и Боро Чушкар му го „залепуваат епитетот провокатор и шпион“ и истите, секогаш кога ќе им се даде прилика, за време и по Војната, ќе му го загорчуваат битисувањето на Виктор.

По издржаната казна, во почетокот на 41-ва, Аќимовиќ е регрутиран во составот на Југословенската војска во Србија, каде и го затекнува нападот врз Кралството Југославија од страна на фашистичките сили и од каде што, по брзата капитулација на истата се вратил во Македонија. Почнува да работи во Скопје (хонорарен книговодител на железничката станица) и се поврзува со активисти на Комунистичката партија, но во исто време редовно контактира со Љубомир Пентиев, член на Работничката партија на Бугарија, преку кого достава информации за разузнавачката служба на СССР. (Во меѓувреме, од Италија и Тирана во отсуство е осуден на година дена затвор за поттикнување востание.)

Неуморниот Аќимовиќ паралелно со политичката активност, во окупираното Скопје објавува фотографии, пишува критики и соработува со македонските уметници Димитар Тодоровски, Никола Мартиновски, Методија Лепавцов…

Во 1944 година романтичарскиот дух ќе го приклучи на НОВ и е еден од првите фотодокументаристи во Главниот штаб на Македонија, а со своите фотографии учествува и во првите броеви на весникот „Нова Македонија“.

Виринеја, Виктор и Карпо

Виринеја Кајзер, која е родена во Скопје во 1940 година, а нејзиниот брат Карпо, три години подоцна, раскажува за нивниот живот, во куќата на родителите на Виктор за време на Војната. „За мајка ми, тоа беа тешки денови. Во она време, да се рече дека некој е по професија актерка, било исто како да се каже ’курва’. Згора на се, Словенка! Поради тоа, мајка ми во Тетово односно, додека траеше Војната многу претрпе. Сме немале понекогаш, дури ни што да јадеме… Милена со нас, двете деца, некое време беше и во Струмица, кај сестрата на татко ми, Ружица. Крајот на Војната го дочекавме на Водно, во Скопје, каде што мајка ми беше куќна помошничка кај некои Чеси“ – се сеќава ќерката на Аќимовиќ.

По ослободувањето, Виктор му се враќа на семејството , а Милена се вработува во театарот, каде игра во првата претстава на македонски јазик „Платон Кречет“ и која на турнејата по Пиринска Македонија го добива орденот на Георги Димитров, како заслужна актерка. Поради јавниот судир со функционерите Гигов и Чушкар, Аќимовиќ работи како дописник на „Политика“ и Белградско радио, хрватскиот „Илустриран вјесник“ и љубљанскиот „Товариш“, но не и за македонските весници. Неговата ќерка вели дека нејзе и се чинело дека е се во најдобар ред. „Со брат ми Карпо бевме запишани во градинка, бидејќи родителите ни работеа. Во есента 46-та почнав да одам во чилиштето ’Његош’ и да учам на македонски јазик, а летатата ги поминувавме во одморалиштето за деца што се наоѓаше на Водно“, раскажува Виринеја.

Апсење

Нормалниот живот на семејството сепак, не траел долго. Во март 1949 година ќе се случи она што ќе ги одбележи сите негови членови трајно: таткото Виктор одненадеж е одведен. „Мајка ми не знаеше ниту зошто е уапсен, ниту каде е“ – се навраќа на тешките моменти неговата ќерка. „Паметам како денеска, дома ни влегоа луѓе во кожени палта, испретурија се и ја запечатија работната соба на татко ми, а на Милена и наредија да ја напушти Македонија во текот на три дена, но и потенцираа дека не смее да замине во ниту еден главен град од тогашната држава.“

Милена Година со своите деца заминува во Марибор, кај нејзиниот татко и маќеата. Во меѓувреме, непознати луѓе дошле со камиони и натовариле се од станот на Аќимовиќ што можело да се понесе, вклучувајќи ги и петте илјади ретки книги и бројни фотоматеријали. Одземеното никогаш подоцна не е вратено на неговите наследници.

Всушност, според пресудата на Окружниот суд во Скопје од 1950 година против Виктор Аќимовиќ, тој се товари дека за време на окупацијата во Скопје имал контакти со окупациските власти и дека во септември 1944 година бил избран за член на иницијативниот комитет, заедно со Мирко Стефановски и Георги Киселинов, а овој Комитет според пресудата, требало да претстставува дел од марионетската управа на т.н. Независна држава Македонија на чело со Иван Михајлов, создадена и контролирана од германската гестапо.

Светозаревиќ во својот магистерски труд вели дека евентуалното инволвирање на Виктор во вакви акции може да се објасни како дел од неговите специјални задачи кои ги извршувал за потребите на советската армија. „Низ сите свои новинарски записи“, тврди Светозаревиќ, „Аќимовиќ искажува голем патриотизам и љубов кон Македонија. Уште во тоа време , тој известува за геноцидот врз Македонците во Егејскиот дел на Македонија, правејќи притоа историски осврти за односот на Грците кон Македонците со векови наназад, но и за судењата на бугарските окупатори.“

Според истражувањата на архивистот, вистината е дека во есента во 1948 година со Аќимовиќ контактирал Љубомир Пентиев, сега советник во бугарската амбасада во Белград, кој бара од Виктор повторно да се активира како разузнавач но, овојпат, во сосема нова улога – во служба на Информбирото. Писмото Аќимовиќ го пријавува на македонските власти и се упатува на средбата. По кусо време, Виктор Аќимовиќ е осуден на четири години затвор со обвинение дека се обидел да пребега во Унгарија.

Виктор и Милена

Голи оток

„Наеднаш се најдов во Марибор“, раскажува викторовата ќерка, „Меѓу непознати лица, меѓу деца кои пишуваат на латиница, кои зборуваат словенечки, а јас не знаев ни буква, ни еден збор од тој јазик. На Карпо му беше ’полесно’ зашто тој не одеше во училиште. Тројцата живеевме во соба од девет метри квадратни, а кога после шест месеци мајка ми се вработи, животот ни стана полесен.“

Меѓутоа, ниту ова „спокојство“ не трае долго. Наскоро, Милена Година е одведена насилно од домот, не дозволувајќи ниту да се поздрави со своите деца. Нејзиниот брат, Албин Година – Војо, за среќа, во тоа време бил видна личност во Трст и дознавајќи дека неговата сестра ќе биде испратена на Гргур, Голи оток, поради сомневање дека му помагала на сопругот, им пишува на властите писмо во кое ги моли невината жена да ја пуштат од притвор и Милена е ослободена.

За тоа време Виктор ја издржува казната во затворите во Битола и Идризово, во друштво на Павел Шатев. Семејството го посетува во Идризово, а по четирите години тој им се придружува во Словенија. „Татко ми немаше вработување така што, мајка ми со својата скромна плата од театарот не издржуваше нас четворицата, во малата соба на дедо ми“, вели Виринеја Кајзер и без горчина додава дека сепак, разделеноста си го направила своето, но и карактерот на самиот Виктор: „Една од неговите маани беше што многу ги сакаше жените, а и жените му беа наклонети, бидејќи беше симпатичен, интелигентен, духовит… Така што, разводот беше неминовен. Во 1955 – та моите родители се разведоа, татко ми се иссели и повторно ожени со жена, која веќе имаше две ќерки. Со новата сопруга добија уште едно женско дете, нашата полусестра Вихорка.“

Ниту тој брак не траел долго. Немирниот Виктор се разведува и од втората сопруга и доаѓа во Скопје каде повторно се жени со љубовта од младоста, пијанистката Калипсо Налчо од Битола, која имала една посвоена ќерка. Иако, Аќимовиќ го посетувал оставеното семејство во Марибор, а и децата доаѓале на гости кај бабата и дедото во Тетово, нивните патишта веќе потполно се разидуваат.

Виктор со Милена, Карпо, Виринеја и внуците

„Нашата мајка го сакаше Виктор до крајот на својот живот, а сигурна сум, дека и покрај се и тој имаше емоции за неа. Милена никогаш повеќе не се мажеше, а на Карпо и мене секогаш ни зборуваше дека тој е наш татко, човекот од кого и се двете прекрасни деца. Никогаш не бараше никакви пари од него, сама не воспита, сама не школуваше. Беше вистинска ’мајка храброст’, улога што подоцна ја глумеше во театар“, тврди нејзината ќерка, која раскажува дека Карпо Година (истакнатиот словенечки снимател и филмски режисер) со татко им се гледал на разни филмски фестивали во земјата и странство и дека последен пат ова семејство се собрало во Скопје 1985 – та, на прославата на 40-годишнината на Македонскиот народен театар, каде Милена Година љубезно била поканета.

„Карпо го виде само уште еднаш, две години подоцна, по смртта на Калипсо, што татко ми многу изгледа го погоди. Кој знае, како тогаш живеел, како се прехранувал…?“ , со тага констатира Виринеја и продолжува: „Кога се врати брат ми во Словенија, ме замоли да се јавам на Виктор. Бев трогната кога го слушнав гласот, што повеќе не беше ’негов’. Го поканив да ме посети и тој вети дека ќе дојде, но нашата средба никогаш не се случи. Мојот татко почина на 21 декември 1987 година. Од нас, само јас присуствував на погребот зашто Карпо беше во Америка, каде во тоа време снимаше филм.“

Признанија

Всушност, во годините по враќањето во Скопје од Словенија, Виктор Аќимовиќ се соочувал со немаштија, но како што вели Бранислав Светозаревиќ, храброст не му недостасувало. Од 1960-та тој работи како слободен уметник, како член на Друштвото на ликовни уметници на применета уметност на Македонија, но и како слободен телевизиски репортер во информативно – политичкиот сектор на Радио – телевизија Скопје.

Во наредните две децении Аќимовиќ им се посветува на филмот и фотографијата. Во Кинотеката на Македонија, се чуваат стотина награди и признанија на Виктор Аќимовиќ, меѓу кои Сребрената плакета на Првиот фестивал во Скопје на Средбите на солидарноста (1967 година) за филмот „Циркус Интернационал“, највисоката награда на Фестивалот на аматерски филм во Скопје наредната година, Сребрената плакета на Меѓународниот филмски фестивал на аматерски филмови во Кан, што Аќимовиќ ја добива за својот филм „Бел гулаб“ во конкуренција од 24 земји. На Меѓународниот филмски фестивал во Луксембург, во официјална конкуренција биле прикажани три негови филма, а за еден од нив, „Циганска молитва“ е награден со бронзена плакета. Тој е еден и од основачите на скопскиот клуб „Камера 300“, учесник е на бројни меѓународни изложби на фотографија и еден од најпочитуваните сниматели и фотографи на Балканот, но и Европа.

Меѓутоа, ниту неговиот политички живот не бил занемарен. Импозантната архивска граѓа што ја остави овој исклучителен човек сведочи за едно активно живеење во сите сфери. Како што тврди Светзаревиќ, Виктор бдеел врз секоја издадена книга и објавен новинарски напис и реагирал на се она што сметал дека е невистина и преувеличување и покрај постојаните закани дека ризикува се и покрај свесноста дека во некои моменти е сам против сите.

„Најголемата неправда што режимите му ја нанеле на Аќимовиќ не се затворите и малтретирањата, туку обидот неговите дела да се припишат на други луѓе затоа што се создавани во т.н. историски моменти, кога ретко кој се одлучувал да се изјасни и да го искаже својот став “, вели Светозаревиќ кој за време на двегодишното работење на оставштината на Аќимовиќ се запознал поблиску со човекот кој бил опозиција на сите три системи во кои временски е сместен неговиот седумдесет и тригодишен живот.
„Тој се соочил со парадоксите на својата борба: му било забрането професионално да го употребува јазикот за кој се борел и за кој бил подготвен да го даде и својот живот. Да биде прогонуван од системот за чија идеологија исто така се жртвувал. Меѓутоа, најголемиот парадокс е тоа што останува верен до смртта на идеологијата и својата нација, кои за време на неговиот живот не го прифаќаа“, истакнува Светозаревиќ.

На крајот, можеби најкусото објаснување за важноста на Аќимовиќ е содржано во анегдотата што ја негуваат неговите современици дека во „Вардар филм“ го „чувале“ заради демократијата. Имено, кога некое сценарио ќе го одобрел тогашниот Централен комитет, за истото требало да се гласа и во споменатата филмска институција. Сите гласале „за“, само Виктор Аќимовиќ бил против и – обратно…

Изгубено наследство

Кога во 1987 година, тогашната милиција влегла во станот на веќе починатиот Виктор Аќимовиќ, наишле на несекојдневна глетка: просториите биле преполни со документи, филмски и фото ленти, фотографии, книги, списанија и други материјали. Домот на Аќимовиќ е судски запечатен, а на неговите деца не им е дозволен пристап во него. Ќерката и синот на Аќимовиќ, Виринеја Кајзер и Карпо Година, ќе започнат судски спор околу станот што се наоѓал на улицата „Ѓуро Салај“ за истиот правилно да се подели меѓу неговите наследници.

Милена, Виринеја и Карпо Година

„Со години траеше таа наша битка за да го добиеме она што ни припаѓа. Имавме ’прекрасен’ адвокат кој од нас, кои бевме далеку, само бараше пари, а не направи ништо. На крајот дојде до тоа, станот неправедно го добие ќерката на г-ѓа Калипсо, која го продаде и исчезна некаде во Грција. Никогаш не се појави на ниту една парница и така тогаш во ’правната’ држава Македонија останавме и без оној мал дел што ни го остави татко ни. Карпо се обиде се за тој случај да се реши на законски начи. Разговараше дури и со Лазар Колишевски, кој добро го познаваше татко ми, но се беше залудно!“, тврди Виринеја Кајзер.

Превез на мистика

Еден од оние што го познавале Виктор Аќимовиќ е и новинарот и писател Томислав Османли, кој вели дека Виктор бил исклучителна и возбудлива личност, со превез на мистика, зашто поради неговиот статус на некогашен известувач, се плетеле мноштво приказни како за домашна варијанта на Рихард Зорге.

„Неверојатна е како на самиот крај од војната е спасен, речиси грифитовски и во последен миг извлечен од пред стрелачки вод од страна на советската воена делегација во штотуку ослободена Албанија! Се зборуваше дека има висок чин во НКВД, дека поседува неверојатна збирка ретки книги, фотографии, снимки и важни документи кои би сакале да ги имаат и властите…“, тврди Османли и се потсетува дека со него се зближил кога со младешки ентузијазам истерувал правдина околу загрозеното авторство на едно негово филмско сценарио.

“Единствената поддршка ја добив од Владо Харалампиев, тогашен дирекор на Авторската агенција и од Виктор Аќимовиќ кој во тоа време се дружеше со Владо. За мојот авторски случај и тука зборуваше, а исто така и пишуваше во словенечкиот печат онаков каков што беше – без влакна на јазикот“, раскажува Османли.

„Беше остар на јазик, интелигентен во заклучоците и доста суетен. Еднаш му реков: ’За вас зборуваат дека сте биле советски известувач. Кај вас не препознавам комунистичка скромност, туку британска суета, како да сте биле човек на Интелиџенс сервис’. ’А ти’, ми рече, ’си интелигентно момче, ама и многу дробиш!’“ Томислав Османли вели дека Аќимовиќ доаѓал во редакцијата на “Млад борец” со своето кученце кое дисциплинирано ќе фатело место во еден ќош на неговиот новинарски бокс. Малечкиот, бел мешанец го викале Калвик, што било комбинација од Калипсо, името на неговата сопруга и Виктор.

„Својата љубов двајцата ја насочуваа кон кученцето. Зборуваше дека можат да те напуштат сите, но кучето секогаш ќе остане приврзано за тебе. Го враќав во минатото кое многу го возбудуваше. На тие средби доаѓаше ненајавено, секогаш носеше интересни материјали: стари фотографии од предвоениот и повоениот период, документи, многу стории секогаш поткрепувани со исечоци или архивски материјали. Ми кажа дека работел за советската известителна служба и ми го покажа одликувањето што од неа го имаше добиено. Материјалите ги предавал во Советското дипломатско претставнишво во Софија кадешто, ако не ме лаже сеќавањето, ми тврдеше дека преку целата војна и фашистичка доминација, се веело знамето со срп и чекан“, вели Османли.

„Знаев дека во Кралството Југославија, издавал весник во кој ги бранел македонските национални позиции, а го познавал одблизу и се дружел со Павел Шатев. Инаку, Виктор секогаш се строеше спроти струјата. Ми зборуваше за книгата сеќавања што активно ја пишува и која, се сеќавам јасно, имаше необично име – ’Еретикон’. Таа требаше да ги носи одблесоците на неговиот возбудлив живот и неговиот авантуристички дух. Беше исклучително политизиран, особењак и не ретко конфликтен. Полицијата веќе еднаш влегла во неговиот стан и однела многу материјал за кој Виктор не знаеше каде точно се наоѓа. Поради таа богата и возбудлива биографија и багаж што го носеше со себе, го замолив овие раговори да ги снимаме во големо интервју на магнетофон. Ме погледна, се сеќавам, со неговите проникливи и влажникави очи и – одби. Сфатив дека тоа за него би било невнимателно. Потоа направив грешка во формулацијата: ’Добро, му реков, лентите можат да останат кај вас, а по крајот на животот ќе ми ги оставите на располагање’. Поради идејата на смртта што овој разговор ја имплицираше, стана и замина лут како рис.

Виктор Аќимовиќ го видов во сосем поинаква светлина кога ме пронајде во Прилеп и ми јави дека починала неговата сопруга Калипсо Налчо и ме замоли да говорам на нејзиниот погреб. Ни трага немаше од оној цврст и остар човек на кој бев навикнат. Така сентиментален, смекнат и внимателен не го бев видел до тогаш. Смртта на блиските е жестока поука и за најцврстите. Смртта пак, на Виктор е една посебна епизода. Умре дома сам и го најдоа по пријава од соседите поради најстојчивото цвилење на неговиот пес оставен на балконот. Еден мал и посреден омаж на Виктор му направив во играниот филм ’Ангели на отпад’ каде песот на главниот лик, го крстив Калвик, според името на еден од најсаканите суштества на Виктор Аќимовиќ. Никогаш не дознав дали наследниците го пронашле ракописот на ’Еретикон’ на неговата работна маса “, вели Османли.

Од Прага до Тетово

Бранислав Светозаревиќ, кој две години посветил на истражувањето на архивските записи за Виктор Аќимовиќ е роден во Скопје (1966 година), но потеклото,а и животот му е во Тетово. Дипломираниот историчар, од 1992 година е вработен во Државниот архив на Македонија, одделение Тетово и е виш архивист во Одделението за евиденција и заштита на архивската граѓа во Архивот. За 2001 година е прогласен за најдобар архивски работник во Македонија, автор е на пет трудови, како и на бројни статии што се објавувани во Гласникот на ИНИ, како и во научните списанија во земјава. Учесник е на повеќе изложби на фотографија, филателија и картофилија поврзани со македонската историја, а во 2006-та е и соработник на првата македонска енциклопедија што ја подготви МАНУ.

Светозаревиќ е оженет со професорката по солфеж, Андријана, со која ги има ќерките Марија, Мила и Божидар и е првиот магистер по предметот архивистика и историја во државава. Во идните планови му е зацртано да се избори една улица во тетово да го носи името на Виктор Аќимовиќ, како и успешно да ја завршат книгата за Аќимовиќ, што ја подготвуваат Кинотеката на Македонија заедно со Државниот архив.

Интересно за Светозаревиќ е тоа што неговиот прапрадедо Чехот, Хиполит Покорни бил архитект, кој со австроунгарците доаѓа наменски од Прага за да ги проектира Машката гимназија во Сараево и библиотеката во Бања Лука (денешниот парламент на Република Српска). Синот на Хиполит, Светозар, оженет за Германката Оливера Шварц, завршил во Виена архитектура, но како српски војник во Првата светска војна, завршува во затвор во Пловдив, каде што и умира. Дедото на Бранислав, Бранко Покорни, како агроном од Краљево го испраќаат во Прилеп, па во Тетово, каде по женидбата со Славјанка, ќерка на локалниот војвода Трајче Бајрактар, се населува трајно. Таткото на Бранислав, Божидар, пред Втората светска војна го менува презимето Покорни за Светозаревиќ.

Бранка Д. Најдовска
„Глобус“, 2008 година

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *