Сутерен.мк

Висар Вишка: За да можеш да љубиш, треба да си жив!

Убавината е битна во нашата професија, но добар актер може да биде само оној кој е и добар човек. Она што е во душата, излегува на лицето. Колку е некој убав се гледа по неговите очи!“ – вели актерот (роден во Гостивар пред 23 години) познат од ТВ сериите „Салон хармони“, „Наше маало“, „Бајки“, театарските претстави „Чест“, „Хамлет“, „Коските што доаѓаат доцна“, „Лоја“, „Тест“, „Плеј Шекспир“… кој минатата година дипломираше на Факултетот за драмски уметности во Скопје, во класата на Љубиша Георгиевски и тоа со две дипломски претстави: „Тартиф“ од Молиер на албански и „Лифтот од горе“ од Харолд Пинтер на македонски јазик

  • Зошто две дипломски?

– Затоа што сакав да работам модерен текст, а за „Тартиф“, како дипломска на албански јазик, веќе беше одлучено па така ми остана да изберам текст за дипломска на македонски. Се мислевме за многу текстови со двајца актери, но на крајот предлогот падна за овој од Пинтер.

  • За „Лифтот…“ преводот е ваш, иако текстот веќе бил преведен…?

– Кога го видов текстот на македонски јазик воопшто не ми се допадна и му предложив на професорот да направиме адаптација на повеќе текстови. Меѓутоа, професорот рече – овој и точка! Тогаш го побарав текстот на англиски и се воодушевив, но сфатив и дека преводот нема врска со оригиналот! Побарав уште еден месец за подготовка, седнав, го преведов одново и добивме еден модерен текст, со кој сите одлично се забавувавме.

  • Две години бевте во скопски Драмски театар како „паушалец“. Зошто е прекинат тој ангажман?

– Претставите во кои играв веќе не се на репертоар, а со новото раководство не најдовме заеднички интерес за нови претстави, така што веќе немаше причина да останам таму.

  • Размислувате ли за повторно „врзување“ со некој од театарите?

– Не знам. Ќе почекам да се смени законот. Не сакам да се вработам со диплома, со академија како „условно неквалификуван работник“ како што сега се вработени сите актери. Освен тоа, без разлика дали сте постојан хонорарец, или вработен, истото ве чека. Станува збор за еден вид „уцена“: мораш да играш и во претстави што не ти се допаѓаат! Во театрите нема толку пари, а можеби ги нема и никаде, со кои може да се плати да работам тоа што не сакам. Уметност се прави од љубов, а кога е за пари, тоа е „штанцање“.

  • Да, но постојано зборуваме само за тоа како во театарот нема – пари!

– За да можеш да љубиш, треба да си жив, значи да живееш! Особено треба да си „жив“ во оваа професија каде се даваш себе си без остаток! Што се случува кај нас: портирот (без никакво потценување на нивните обврски) во театарот има поголема плата од еден доајен во глумата. Актерството не е само „поза“, туку макотрпна психо – физичка работа и кога се работи, се работи 24 часови на ден! За жал, државата ниту ја негува уметноста, ниту негува творци, ниту создава ѕвезди, ниту пак, доволно ја плаќа креативноста!

  • А сепак, речиси сите актери имаат мобилни телефони!?

– Мобилниот ми е „оставштина“ од други ангажмани, а не од театарот. Со актерската плата од тристотини германски марки не можеш ни да преживееш, камоли да отидеш на одмор, а за мобилен не би ни помислил! Затоа и актерите почнуваат да влегуваат во други професии, па дури и во политиката – за да опстанат! На пример, Игор Џамбазов или Тони Михајловски, кои веќе и ги нема во театарот. Меѓутоа, не губат Игор или Тони, губи Македонија и македонскиот театар, публиката, сите ние!

  • На кој начин според вас, би требало да функционираат театрите?

– Не сум толку упатен во постоечките светски модели, но од она што го знам… Ако има државни театри, тогаш актерите би требало да добиваат годишни плати што ќе треба да ги одработуваат со одреден број на часови. Меѓутоа, тие работни часови не би требало да бидат врзани само за еден театар, туку да се одработуваат со проекти. Да се мешаат луѓето, зашто знам дека колегите, како и јас, би сакале да играат и во другите театри, а не само во матичните. Така ќе биде полесно и помотивирачко и за актерите и за режисерите, а и за публиката.

Вака, театрите остануваат стерилни, зашто сега секој ангажман на друг актер од страна чини хонорар плус! Државата треба да биде мецена на уметниците! Законите и бирократијата ја душат уметноста, а Македонија е лулка на уметноста, воопшто. Токму на овој простор е „роден“ театарот и можеме и умееме да создадеме производ (не само театарски) и да го „продадеме“ надвор, но изгледа дека ни е поважно светот да не „знае“ по проблемите и глупостите! Штета! Ако продолжи вака, публиката наместо уметност ќе има политика, наместо катарза – комар! Секој друг би се гордеел со ваква интелигенција, светот ги увезува талентите, а ние…

  • Може ли да се случи да заминете од овде?

– Бев на Запад цел месец и сега за сега доста ми е! Поголем запад од Гостивар, здравје!

  • Се зборува дека доколку МНТ не ги исплати задоцнетите хонорари, актерите нема да продолжат да играат во „Плеј Шекспир“?

– Па, сигурно дека има незадоволство поради тоа, но ќе видиме.

  • Како ја доживеавте оваа претстава?

– „Плеј Шекспир“ е продукт од времето на „циркусот“ што се случуваше и се уште трае во МНТ, но и одраз на целиот однос на државата кон уметноста. Љубиша Георгиевски дојде со многу добар концепт, со одлична поделба на улогите и со една теза дека се што правиме е залудно! Дека ние актерите, колку и да се трудиме, не можеме да го промениме светот!

Ние и покрај сите „неприродни“ услови и несигурноста околу нашето исплаќање, извадивме премиера и со тоа си докажавме дека има трошка надеж во сите нас. Ни беше овозможено и се бараше од нас да го покажеме сиот тој револт, но тоа беше „спакувано“ во еден хумор, така што публиката одлично ја прифати претставата и искрено уживаше во неа. Тоа е претстава од која се учи, но со уживање.

  • Имаше коментари дека во „Плеј Шекспир“ актерите се играат себе си. Вие ги глумевте и Ромео и Марк Антониј…

– Ние ги игравме актерите кои не играат нас. Ја имав таа среќа во оваа претстава да се занимавам со љубовта. Со искрената љубов на маж кон жена, но и со другарската љубов на маж кон маж. Љубовта е најважната работа во животот и, како што рече мојот драг професор, оваа претстава ја посветив на Човекот кој пред 2 000 години беше распнат на крст само затоа што проповедаше љубов!

  • Сепак, јас мислев на тоа колку Висар е „Ромео“ во приватниот живот?

– Ромео… Абе, грабни ја и бегај, а не ќе се убиваш! Разгалено аристократско детиште! Сепак, точно е дека секојдневно имаме такви исходи на млади љубови. Конвенциите и некои стандарди што ги поставува околината ја задушуваат љубовта во светот. Но ако љубовта е вистинска, таа никогаш не згаснува! Верувам дека на почетокот жените и мажите биле споени еден со друг, дека секој од нас цел живот ја бара таа своја изгубена половина и дека не треба откажување од таа потрага. Половината некаде сигурно постои!

  • Кого ќе наследи Висар Вишка како актер?

– Му се восхитувам на Александар Мојсиу, доајен на германското глумиште во времето на Хитлер, кого сум го видел на фотографии од претстави и сум слушал негови снимки. Ме зачудува неговиот талент за огромните трансформации од улога во улога.

  • Има ли врска овој избор со тоа дека Мојсиу бил Албанец?

– Успехот на еден човек е независен од средината, културата, етносот од кој потекнува. Истиот восхит го чувствувам и за еден Гери Олдман и за овдешните актери, а ако почнам да ги набројувам, ќе треба да ми дадете уште една страница од „Старт“! Нашава земја има актери од рангот на најголемите холивудски ѕвезди, но односот на државата, уште еднаш – како кон „условно неквалификувани работници“ е основа тие на публиката да не и се сервираат онака како што заслужуваат!

Вие за сто – 150 денари можете да видите на едно место актери од светски калибар, како Петар Темелковски, Владимир Светиев, Никола Ристановски… водени од голем режисер како Љубиша Георгиевски, а по завршувањето на претставата веќе никому не му е грижа за нив. Ние своето го направивме, а каква актерска фела ќе има ова поднебје, за жал, зависи од политиката.

Бранка Н. Доневска

„Старт“, 2000 година

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *