Албанскиот премиер во владата носи нови имиња, а дел од досегашните ќе преминат во нови ресори. Рама утре ќе му ги достави предлозите на претседателот на државата Бајрам Бегај, кој треба да потпише уредба за разрешување на досегашните и именување на новите министри, по што, имајќи го предвид бројот на пратениците од мнозинството изгласувањето во парламентот ќе биде само формалност
Во Владата на Република Албанија предводена од Еди Рама ќе има и министер Македонец. Тој се најде на списокот на нови министри што албанскиот премиер ги предложи за владината реконструкција што ја најави во текот на летото.
Новите имиња и рокадите во ресорите Рама официјално ги објави денеска на собранието на неговата Социјалистичка партија.
Покрај новите имиња, албанскиот премиер најави и формирање на Министерство за локална самоуправа и токму таму како прв човек го предлага Арбјан Мазнику, актуелен заменик-градоначалник на Тирана, Македонец чиј татко потекнува од село Врница, област Голо Брдо.
Меѓу останатите предлози за реконструкцијата на Владата се Игли Хасани да биде нов министер за Европа и за надворешни работи кој ќе дојде на местото на Олта Џачка, а Огерта Манастрилиу, пак, да го напушти Министерството за здравство и социјална заштита и да премине во Министерството за образование, млади и спорт. Нова министерка за здравство и социјална заштита, пак, ќе биде Албана Корчиу.
За нов министер за економија и финансии е предложен Ервин Мете на местото на Делина Ибрахимај која ќе ја презема функцијата министерка за претприемништво и деловна клима каде досега беше Едона Билали. На чело на министерството за земјоделство и рурален развој ќе застане Анила Денај, која на оваа функција ќе ја замени Фрида Крифца.
Овие предлози, Рама утре ќе му ги достави на претседателот на државата Бајрам Бегај, кој треба да потпише уредба за разрешување на досегашните и именување на новите министри, по што, имајќи го предвид бројот на пратениците од мнозинството изгласувањето во парламентот ќе биде само формалност.