“Ако во дваесеттиот век важеа стандардите и моделот на однесување дека до дваесет и третата година студирате, а до 63- тата работите па, се пензионирате, во 21-от век нема „опуштање“! Вие постојано мора да учите и се усовршувате и тоа е тоа што ја води економијата напред. Да вложувате во себе си и на тој начин да добивате соодветна вредност за вашето знаење и вашите вештини. Всушност, работата да ви биде хоби! Тоа е новиот свет”, вели д-р Бишев, кој на овие страници за првпат зборува во медиум за нешто плус, од „вообичаените“ економски индекси и проценки
За проф. д-р Глигор Бишев, важи реченицата дека е „затворена книга“ иако, неговото мислење во медиумите може да се чуе често, но речиси секогаш, тоа е за стручни теми. Присутен е и на културните настани и како посетител и како поддржувач, ама никогаш во „лајфстајл“ рубриките.
Велат, секогаш е љубезен и особено, заинтересиран за добросостојбата на секој подреден, но ниту тие не знаат многу за него. Онака, „оптеретени“ со фамата за дистанцираноста на еден од најуспешните менаџери на овие простори, повеќе од изненадувачки пријатна ќе ви дојде средбата со првиот човек на Стопанска банка.
Проф. д-р Бишев не се расфрла со зборовите, како вистински економист впрочем, но разговорот со него оди лесно и ќе добиете одговори, на многу прашања, а сепак, само дотаму, колку што тој смета дека е пристојно. Па така, во сосема непретенциозниот разговор, ќе дознаете дека неговата сопруга Весна е економистка, вработена во УНДП Македонија, синот Емил во трета година од средното образование, дека игра пинг – понг, чита стручна литература, но „краде“ и од белетристиката на синот, а и од неговите ЦД-а… Оди на концерти, театарски претстави, изложби… по свој вкус, но и по желба на семејството.
„Демократичен сум“, вели, „па не е чудно да ме видите и на концерт на некој хип – хоп изведувач!“ Знае и сака да се опушти во друштво со најблиските, со пријателите, меѓу кои ги има и оние од студентските денови, да ја искоси тревата во дворот, а и да помогне околу домашните работи.
На овие страници, професорот по меѓународни финансии, банкарски менаџмент и монетарен систем и политика и една деценија генерален менаџер на Стопанска банка, за првпат зборува во медиум за нешто плус, од „вообичаените“ економски индекси и проценки.
- Зошто толку малку се знае за Вашиот приватен живот? Освен интервјуата на стручни теми речиси, ништо за Вас друго не можеме да слушнеме од медиумите?
– Личниот живот е на поединецот и ретко би требало да се отвора тоа прозорче. Обично, во приватниот живот на секој од нас се најдрагоцените нешта што сакаме да ги заштитиме и зачуваме за нас самите. Од друга страна пак, сите сакаме да бидеме интегрирани во заедницата, а функцијата носи и поголема изложеност и препознатливост.
Па така, не ретко сограѓаните ме препознаваат кога пешачиме со сопругата, или кога пиеме кафе на плоштад, меѓутоа особено уживам кога на пазарчето Буњаковец ме препознаваат како сосед и чест клиент… До сега успеваме со моето семејство да го одвоиме професионалниот од интимниот живот и мислам дека е добро што е така.
- Ви се обраќаат ли пазарџиите, Ви бараат ли кредити?
– Не. Веќе десетина години пазарам таму и навикнати сме едни на други. Меѓутоа, бидејќи во Стопанска банка секој втор граѓанин штеди и секој еден и пол има станбен кредит, се случува на сред улица да ме застане човек и да побара совет или да прокоментира нешто. Тоа е всушност, големо признание, но и обврска да се грижите за нивното најдрагоцено нешто – штедењето, да биде на сигурно.
- Вашата сопруга е исто така економист. Кој го води домашниот буџет?
– Би рекол и двајцата затоа што, сметките ни се поврзани. Стопанска банка има добро интернет банкарство и „движењето“ на парите многу лесно се следи во реално време. Никој од нас не води евиденција што, колку и каде се потрошило. Тоа го прави Банката наместо нас и не само за нас, за сите оние што имаат сметки во неа. Се се гледа онлајн…
- Сепак, имате ли забелешки на некое нејзино трошење?
– Па и кога имам, таа вели дека инвестира. А кога се „инвестиции“ во прашање не можете да дискутирате со жените!
- На што го учите синот? Да штеди или да ужива во парите?
– На истото што ги советувам и сите мои блиски, соработниците, студентите на кои им предавам, а тоа е дека за парите што ќе се потрошат треба да се добие вредност. Не е битно дали штедите или трошите, битно е за вашите пари да ја добиете вредноста што ја заслужувате. Реалниот квалитет!
Парите се заработуваат макотрпно и за тој труд треба да добиете соодветна вредност сеедно, дали тоа ќе биде облека, автомобил, театарска претстава, часови по јазик или математика, добро вино, концерт… Важно е за вас, тоа да биде најдоброто!
- Ќе ги следи ли синот Вашите стапки?
– Не знам. Многу е добар по хемија, математика, јазици, но и за економија. Негов личен избор е што ќе му биде професија, а ние ќе го поддржиме што и да биде тоа.
- Што е пресудно денес за успех? Која е битната лекција што секој иден, вистински лидер треба да ја научи?
– Дека перманентно треба да се усовршувате и да бидете упорни. Ако во дваесеттиот век важеа стандардите и моделот на однесување дека до дваесет и третата година студирате, а до 63- тата работите па, се пензионирате, во 21-от век нема „опуштање“! Без разлика дали студирате, работите па и да сте во пензија, знаењето што ќе го стекнете во моментот, со оглед на динамиката со која се движи времето, ќе ви користи само во наредните неколку години. Ако сакате да станете и останете конкурентен без разлика дали сте економист, лекар, машински инженер…
Вие постојано мора да учите и се усовршувате и тоа е тоа што ја води економијата напред. Да вложувате во себе си и на тој начин да добивате соодветна вредност за вашето знаење и вашите вештини. Всушност, работата да ви биде хоби! Тоа е новиот свет.
- Постојано се надеваме на подобри времиња, а тие никако да дојдат…
– Па, не е баш така. Мислам дека и веќе направивме голем напредок секако, ако се споредиме самите со себе. Доколку пак, се компарираме по динамичност со другите транзициони економии, со нашите соседи, тогаш сме доста бавни и мислам дека е тоа заклучок на сите граѓани. За да се движиме побрзо напред мора да имаме повеќе инвестиции, што ќе отворат нови работни места, да се направи брза и ефикасна инфраструктура, за да не поврзува со светот околу нас и да имаме инвестиции во знаењата и вештините, кои брзо се менуваат.
Еден од пресудните фактори за успешна економија особено, со последната економска криза се покажа и тој дека земјите каде што се постигнува висок степен на консензус што треба да бидат приоритетите на економската политика останаа стабилни и динамични без разлика на тешките времиња.
- Како ние, како граѓани да преживееме додека не дојде тоа подобро утре?
– Не би се сложил со тоа „како да преживееме“ бидејќи, ако е такво прашањето, тоа значи дека не сме амбициозни. Вашето прашање треба да биде „како да станеме динамична економија“? Економија што ќе биде со економски раст, а првиот услов за тоа е да бидеме амбициозни и упорни. Тоа е совет за општеството во целина, за секоја компанија и за секој граѓанин. Без амбиција, осудени сме на стагнација.
- Паралелно извршувате две работи со голем успех – академската кариера и водење на една од најголемите банки во Македонија. Имате се уште доволно волја и енергија за толку обврски?
– Мојата определба уште од студентски денови беше напорна работа, а како што реков, во 21 – от век нема гаранции дека знаењата што важат денес ќе важат и утре значи, мора постојано да се вложува во себе. Работата во такви услови мора да ви биде љубов, хоби, а мене ми е. Она што го предавам на факултет потоа го спроведувам во пракса и секој ден учам нешто ново.
Како што би рекол Адиџес, не можете да имате амбиции да бидете менаџер, ако не сте способен да апсорбирате и да решавате проблеми. Де факто, ништо до вас не доаѓа како менаџер освен, проблемите. Другите работи ги решаваат самите вработени. Секако дека е напорно, но се уште имам енергија.
- Ќе понудите ли наскоро поповолни услови за кредитобарателите?
– Банките се институции кои во најголем дел, не работат со сопствени средства туку со оние на депонентите па оттука цената на кредитите е директно поврзана со цената на депозитите. Глобалната економска криза си го направи своето, но во последниве шест месеци се отвори можност за нормализација на каматните стапки. Накусо, оние што бараат кредит можат да се надеваат на поповолни услови, само доколку оние што штедат прифатат пониски каматни стапки. Тоа се случува во услови на ниска инфлација и динамичен економски раст.
Едноставно кажано, ќе има подобрување на кредитните услови, но ќе помине уште време за економијата и кредитирањето да се вратат на нивото од пред 2008 година.
- Стопанска банка во НБГ групацијата важи за една од најуспешните. Со оглед на малиот пазар, кој е рецептот за тоа?
– Според индикаторите за ефикасност во работењето Стопанска не е само една од најуспешните банки во рамките на Националната банка на Грција туку и воопшто, во банкарскиот систем во Европа. Тоа е резултат на придонес на секој вработен во Банката, а не на едно лице, не на еден директор. Секој вработен е свесен за вредностите, за корпоративната култура на банката, на тоа дека клиентот е централна фигура без разлика дали е штедач или кредитобарател.
Перманентно воведуваме и нови производи. Користењето на нашите услуги го направивме побрз и поевтин, како за клиентите, така и за Банката. На пример, ги „пренесовме“ шалтерите кај продавачите и кај клиентите т.е. кредитот го добивате на местото каде купувате, можете да плаќате 24 часа на ден на банкоматите на Банката или преку е-банкинг, потоа веќе нема да најдете филијала на Банката помала од стотина метри квадратни затоа што ни е битна комоцијата, достоинството на клиентот а воведовме и нови работни позиции кои имаат за цел да го направат престојот на клиентот во филијалата ефикасен и задоволителен!
Без никаква пристрасност, сигурноста на Стопанска банка, големиот број на производи, како за штедење така и за кредитирање, пристапноста, големиот број на филијали и банкомати, пос терминали, воведувањето на алтернативни канали, љубезноста и доверливоста на персоналот, ја прави најдобар и најпријатен избор на секој граѓанин!
- Во јавноста се шпекулира дека Вие сте идниот гувернер на Народна банка…?
– Луѓето ја планираат иднината, но не и позициите. Обично, планирате дека ќе бидете добар економист, добар лекар, … но не и на која позиција ќе бидете. Функциите се случуваат спонтано, како последица на работењето, шансите, изборот, договорот во семејството. Она што можам да кажам е дека, ќе бидам банкар и истовремено ќе имам и академска кариера, но колку повеќе едното, а колку другото, зависи од повеќе фактори.
- Имате завидна професионална биографија. На што сте особено горд од досега постигнатото?
– На воведувањето на македонската валута и програмата денарот да биде прифатен. На соборувањето на хиперинфлацијата, реорганизцаијата на Стопанска и нејзино претворање во динамична и ефикасна банка каде денес една третина од населението чува депозити, што е големо признание. Горд сум на академската кариера, на неколку истражувачки проекти заедно со Виенскиот институт… И, се разбира, на семејството.
- Освен работата, што друго Ви прави задоволство?
– Кога ќе изгледам добар филм, слушам убава музика, кога ќе победам во пинг – понг! Дружбата со семејството и пријателите, долгите прошетки… Кога се решаваат проблеми на вработените или клиентите.
- А што Ве растажува?
– Повеќе би рекол дека ме поразува, а тоа е едно истражување што неодамна го прочитав, а кое се однесуваше на тоа дека на овие простори човек на човек не му верува ни десет отсто, а додека во развиените земји таа меѓусебна доверба изнесува осумдесет проценти.
Бранка Д. Најдовска
“Теа модерна”, 2011 година