Не знам од каде да почнам, не знам каде да завршам. Имам 39 години, родителите ми се починати, единица сум, сама сум. Не сум убава, не сум ни богата, не сум образована, не сум ништо. Немам работа, немам пријатели, немам роднини, немам мачки. Живем затворена во станот од моите, издавајќи една од собите за да се прехранам и така ми поминува животот. Немам ни желба да излезам надвор – мислам дека се им припаѓа на другите, на убавите, способните, шармантните. Што да правам со себе?
Осамена
Осамена, дарлинг, мислам дека сте навлегле малку повеќе во патетика отколку што е тоа „политички коректно“. Велите, немате ништо, а сепак, имате покрив над главата, две раце, две нозе па дури и капитал: собата што ви носи, какви – такви приходи!? Размислете за оние што имаат помалку. Ова е сосема непопуларна „мерка“ на воспитување – да се споредуваме со оние на кои им е полошо, но сепак, размислете… Во меѓувреме, ќе ви раскажам една новогодишна приказна: Кога имав некои 16 години, некаде кон крајот на декември, силно посакав една црвена јакна. Моите родители не можеа да ми ја купат. Толку збеснав, што не им зборував, престанав да јадам, се затворив во својата соба. Кога се смилував да разговарам со мајка ми ( всушност, многу бев гладна), таа кусо, јасно и сосема бесчуствително ми објасни дека и немам некое право да се жалам, затоа што во тој дом никогаш, никој не ме лажел дека јас ќе добивам се што сакам и кога сакам: „Не туку липај, туку собери се и – живеј! Најдобро што знаеш, со алатките што ги имаш!“
Во моменти на самотија, страв, неизвесност, досада, посегнувам по игрите на компјутерот. Најчесто, по пасијансот. Некој ни дели карти. По кој систем, како, зошто, кога, тоа не можеме да го разбереме. Финтата е да играме најдобро со поделеното. Некогаш победуваш, најчесто губиш, а зошто е тоа така, кој враг ќе го знае!? Ние не го поседуваме шпилот. Какви се, такви се адутите. Кому ќе се жалиш!? На софтверот, сеедно дали е пиратски или со сите сертификати!? Нема кукање. Има играње, коцкање, со она што го имаш во рацете. Нема оправдувања за недоволно обиди. Нема оправдувања за немање иницијатива. Нема оправдувања за трошење без врска на денот што неповратно изминува. Нема шалтер за жалби. Драга моја, нема ништо освен – Ти! Тука, сега и овде. Немој да чмаеш. Доаѓа Нова година. Не знам што ќе правиш, но имај на ум дека животот никогаш не бил фер, а не се сеќавам дека и многу поумни од нас, кога и да е, го тврделе спротивното…