Сутерен.мк

Гробот на Свети Никола пронајден во Турција

Археолозите во Турција дојдоа до сензационално откритие – оригиналната гробница на еден од најзначајните христијански светители, Свети Никола, е откриена кога археолозите откопале остатоци од древна црква во Турција, во местото Демре

Црквата била потопена поради подигнувањето на нивото на морето во средниот век. Втора црква била изградена на врвот на древната базилика за да го заштити гробот на Свети Никола, но дури неодамна археолозите го откриле мозаикот и камениот под од претходното светилиште – што ги довело до последното почивалиште на светецот. Откритието истражувачите го нарекуваат „историско“, но тоа допрва треба да биде предмет на верификација во пошироката научна заедница.

Откритието, според турските археолози, потврдило дека Свети Никола живеел и умрел на територијата на денешна Турција, а тимот археолози исто така тврди дека по камениот под кој се наоѓал под слоевите наноси од талог, одел самиот светец, пренесува агенцијата Демирорен.

Во земјите со доминантно православно население, Свети Никола е еден од најпочитуваните и најславените светци, а тој е славен и како заштитник на морепловците. Не помалку значаен е и во западниот свет, каде Свети Никола е инспирација за ликот на Дедо Мраз.
Византиската црква изградена на древни темели била светилиште за христијаните помеѓу 5 и 12 век и е опкружена со статуи на Свети Никола. Локацијата уште во 1982 година била додадена на списокот на светско наследство на УНЕСКО.

Постоењето на древната црква за првпат беше навестено во 2017 година, кога истражувачи спровеле електронски истражувања под модерната црква на Свети Никола. Тие покажале дека има празнини помеѓу подот и земјата.

Тимот тогаш најави дека можеби го пронашле гробот на Свети Никола и продолжи со работа и внимателно отстранување на подот од византиската црква, за ништо да не се оштети.

Осман Еравсар, шеф на покраинскиот одбор за зачувување на културното наследство во Анталија, за новинската агенција Демирорен изјави дека првата црква била потопена со порастот на Средоземното Море, а неколку века подоцна, над била изградена нова црква.
„Сега стигнавме до остатоците од првата црква и подот на кој стапнал Свети Никола“, изјави тој.
Како посветен христијанин, Свети Никола го следел учењето на Исус за откажување од земниот имот и давање на сиромашните – и тоа и го направил. Меѓутоа, неговите дела и неговата биографија, како што често е случај со светците, не се потврдени во историските документи.

Станал епископ на Мира во 4 век, но набрзо бил затворен од римскиот император Диоклецијан во време кога христијаните биле прогонувани. Записите покажуваат дека Свети Никола бил погребан во црквата изградена во негово име. Сепак, точното место на неговото тело отсекогаш била мистерија.

Научниците сега веруваат дека времето на неговата смрт било 343 година од новата ера, а дека Свети Никола бил погребан во црквата во Демре, каде што лежел до 11 век. Во 1087 година, италијанските морнари или трговци ги украле неговите наводни мошти од гробницата и ги однеле во Бари.

Меѓутоа, турските археолози сега сугерираат дека се украдени погрешни коски – оние што отишле во Италија наводно биле на анонимен свештеник.
Видео…

Извор…

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *