Пред некој ден, во 11 навечер отидов во дежурната на Зегин, кај Буњаковец. На овие години, човека се’ нешто го заболува и тоа, по правило, секогаш е навечер, за време на празник или во недела. Инаку, не би било интересно, нели?
Пред мене една бабичка, облечена колку што е потопло можно, со две јакни или некакви прекривки, што и да беа, од кои горната веќе се распаѓа, и со завиена со шамија глава, се разбира – лошо наместена. Позади неа една девојка, па јас. И не знам како дошло до тоа, но бабичката нема 330 денари за да ги плати лековите. До картичката ли беше, до нешто друго – не знам. И девојката, за која, како стандарден македонски маж кој не знае чорапи да си купи (така се вели, нели, не е баш до толку), не пак нешто друго, не можам да проценам по облеката дали е некоја богата или обична, просечна наша сограѓанка, вели: „Дајте, јас ќе платам!“ И ноншалантно ја дава својата картичка со симпатична и топла насмевка на лицето.
Бабичката изненадена. Не сум видел така шокирано лице. Десет пати се заблагодарува, па бара адреса од девојчето за да ги врати парите, се гледа дека и е незгодно, тргнува кон вратата, па се враќа, ама не знае што да каже и потоа полека си заминува.
Ми дојде некако топло на душата. Велам: „Девојче, еве земи од мене еден дел, и јас сакам да учествувам“. Знам дека не и е до парите, се гледа тоа, а и не е некоја сума, ама ете… и јас да се придружам. Не сака. Ја замолувам уште еднаш, и давам нешто од тоа што имав во рацете, и пружам рака да „пукне“ и си одам пред неа откако на другата каса го зедов тоа што го барав. Она што секогаш ти го снемува во 11 навечер, во недела или за време на празник, а тебе по правило тогаш нешто те „фаќа“.
А, девојчето остана по мене, зашто момчето што требаше да ја услужи беше збунето. Не можеше да се снајде. А, можеби и намерно завлекуваше. Не знам, јас тие работи сум ги заборавил многу, многу одамна. Ама, сигурно беше така. Или не беше, ама во тие години, кои одамна, одамна поминале, а на кои сега е момчето, и јас можеби така би направил.
Излегувам и ми паѓа на памет дека пред некој ден во Тинекс, во Зебра, каде во деновите на студ како да одгледуваат пингвини, на каса се случи истата сцена. Картичката на една повозарасна жена не поминува или помина, ама нема толку колку што е сметката, таа има нешто во готовина, но не доволно, а девојката или жената зад неа, не видов убаво за да проценам што е, едноставно ја плаќа разликата. Еве земи, наплати од мене, и вели на касиерката.
И јас, до мозокот ли е или до нешто друго, отпрвин помислив дека тоа е за да не чека, да не си го губи времето додека жената на која и недостасуваа пари превртува по чантата собирајќи растурен ситнеж, дека тоа е некоја разгалена скопска шмизла, сеедно на која возраст, која нема време за губење додека некоја сиромаштијата бара пар стотина денари. Но, тоа е дел од секундата и брзо сфаќам дека девојката (или жената – што и да беше) само сакаше да помогне. Да извлече друга жена од незгодна ситуација. И толку. Ништо повеќе.

Ете, и тоа е Македонија. Македонија која ја знаеме како мизерна, бедна, никаква, но Македонија која во исто време е величествена, великодушна, возвишена… Не секогаш, ама барем понекогаш. И затоа, во онаа изведба на „Налеј, налеј“?, на крикот „што е, која е таа Македонија“, одговорот е „Македонија е љубовна приказна!“
И кога човек тоа ќе го почувствува, уште повеќе му е мака, ма не му е мака, туку му се плаче, му се рика, што таа „љубовна приказна“ ја упропастија грст вагабонти и криминалци, кои денес важат за угледни граѓани на ова општество. Всушност, се чини дека тоа е така уште од 1946 година. Само што сега веќе не е работата во оваа или онаа личност, туку во менталниот склоп кој се вградил во мнозинството Македонци (и Албанци и да не ги редам сега сите), сеедно каква идеологија или политика сакаат и тоа е најтешката задача на актуелната Влада на чии челници не им завидувам. Зашто, вградено ни е дека тие кои сакаат тој ментален склоп да го поправат, всушност, не добиваат аплаузи, туку напротив. Сеедно што оставаат дел од себе, вклучувајќи ги и своите деца, во таа борба. Но, за тоа сум зборувал и пишувал стотици, илјадници пати и тоа не знам како ќе се расчисти. Ако воопшто некогаш се расчисти. Вусушност, ние ја водиме војната со нашата „длабока држава“ која го изградила тој ментален склоп кај народот. А дотогаш, додека не ја добиеме таа војна, ако некогаш воопшто тоа се случи, нашата „љубовна приказна“ останува таква каква што е, и ни малку не наликува како од оние љубовни романи од пред неколку десетици и десетици години, кои жените масовно ги конзумираа. И кои, се разбира, секогаш беа со среќен крај.
А, во светот, додека сите се занимаваат со Трамп, со Венецуела, со Гренланд, со Путин и Украина, се случува и нешто сосема друго. Саудијците ја одобриле вакцината или лекот на д-р Патрик Сун Шионг, не само за специфичниот вид на канцер на бешика, туку и за крупноклеточниот рак на белите дробови. Лично (не заради мене), но лично, јас сум заинтересиран за ситноклетониот рак на бели дробови, но саудиската Агенција за храна и лекови го одобриле тој за другиот тип, од кој заболуваат 80-тина отсто од оние кои добиваат рак на белите дробови.
Шионг е натурализиран Американец, за него сум пишувал, но еве да повторам. Научник е, хирург кој посебно се занимава со агресивниот рак на панкреас кој го однесува човека за неколку месеци (далеку било) и кој се збогатил со изумување на нови видови лек за рак. Сега вели дека сите они грешеле. Има богатство од десет милијарди долари. И на 72 години, иако изгледа 20 години помладо, не оди да ужива на Карибите, туку полн со енергија, се бори со американската ФДА која не ја одобрува неговата „Анктива“, која најкратко кажано се базира на тоа дека протеинот ИЛ 15 ги „отклучува“ природните клетки убијци и тие потоа го уништуваат ракот. Тој тврди – било кој рак, на било кој орган. И има проблем со властите, со американската ФДА, проблем кој очигледно ни Трамп не може да го реши. На една средба, кога рекол дека додека ФДА оддолговлекува, луѓето умираат, тој отспротива (веднаш имам слика од некој наш бирократ) му рекол: „Што ми е гајле!“ Само што не паднав од столицата, вели Шионг. А, тој само бара да му ги дадат оние пациенти кај кои другата терапија не успеала. Значи отворен е и за ситноклетпниот и за секој друг вид.

Се разбира, начинот на дјествување на неговата Анктива не е така едноставен, тоа научниците и онколозите подобро си го знаат, а јас само се обидувам да го објаснам сето тоа на обичен, разбирлив јазик за просечниот читател. Инаку, потребна била и слаба доза на хемотерапија за, како што вели Шионг, да ги „стресе“ болните клетки, да ги изложи, потребно е да се внесат и некакви си „имуно чекпоинт инхибитори“ кои ќе ги отстранат пречките што оневозможуваат имуниот систем да ги препознае канцер клетките и уште десетица други работи, кои во основа, за пациентите не се битни. Битно е дека ова средство функционира дури и кај глиобластома – еден од најгресивните тумори на мозокот, во што неодамна се увери и Крис Куомо, познатиот американски новинар кој го посети Шионг во неговата клиника во Лос Анѓелес.
Сето ова, на нашите болни не им значи ништо. Тие и натаму ќе се лекуваат како и до сега. Но, ова го пишувам со единствена цел: да прашам – може ли нашите здравствените власти да го контактираат човекот? Видете што е тоа, видете колку ќе чини и ако можеле Саудијците, одобрете го лекот и вие. Ако воопшто допреме до човекот, до кого и не се доаѓа така лесно. Ама, не ја чекајте ФДА. А, за пари, ќе скратиме од нешто друго, нели?
Патем, Шионг е еден од оние кој се уверил дека спајк протеинот од ковид мНРА вакцините (а и од самиот вирус, но посебно од вакцините) останува во човека со години и дека тој успева да го „угаси“ генот П-53, кој исто така го штити организмот од канцери. Човекот има еден таков ген, слоновите имаат осум, и затоа не заболуваат од канцер. А, спајк протеинот од вакцините го гаси и тој еден што го имаме. И така, организмот останува беспомошен, отворен за болести. И дека затоа во земјите со висок процент на вакцинирани со мНРА вакцините се јавуваат турбо канцери, дури и кај 13-годишни деца и тоа канцер на панкреас. А кај 8 -9 годишни деца се јавува рак на дебелото црево. А, неговата Анктива е единствената вакцина која целосно го чисти организмот од спајк протеинот. Може ли сето ова да се плати? Во овој случај веќе не зборувам за нас, туку воопшто за светот, ама како и обично, бадијала.
И кога сум кај природните клетки убијци: во Скопје се продава еден суплемент кој наводно ги буди тие клетки во пакување од 10 таблети од по 500 мг кои чинат 2 500 денари. Во Србија, истите, во пакување од 60 таблети со јачина од 750 мг чинат околу 4000 денари, во САД исто така 4000 ден. Ете толку за нашата „љубовна приказна“. Има такви стории како за тие девојки од почеткот на овие редови, но има и вакви. Па затоа се вели – овде нормален е само оној кој не се прегледал!
И за крај, ете како и обично пак претерав со редовите, уште нешто врзано токму за нас: немаше да пропадне училишната година ако ИЈЗ препорачаше продолжување на распустот. Ако бројките на заболени од грип, во првите 10-15 дена од јануари се неколку пати поголеми до истите бројки лани, тогаш, нека ми биде простено, ама зошто се заебавате? Што полза има навременото почнување на училишната година ако половина деца останат дома, а со нив и половина родители кои ќе мора да отсуствуваат од работа. Или, ќе треба на работа да ги носат со нив со температура од 40 степени? Таму децата ќе учат?
(Авторот е новинар.)
*Мислењата изнесени во текстовите се лични коментари на авторите и не го претставуваат ставот на сајтот сутерен.мк