Во последнава година Вие како писател, бевте, би се рекло, во центарот на вниманието. Многу се зборуваше и се пишуваше, посебно во врска со вашиот роман “Бунар”, кој лани ја доби наградата “Роман на годината” и потоа беше номиниран за меѓународната награда “Балканика” која, според очекувањата, ќе се додели на есен. Кажете ни кои се вашите преокупации во сферата на романот и посебно во “Бунар”?
Добро, точно е дека во последно време извесно внимание на публиката беше свртено пред с# кон мојот последен роман “Бунар”. Тоа се должи на фактот што романот ја доби наградата “Роман на годината” која стана навистина нашата најпрестижна награда, а ја доделува Редакцијата на “Утрински весник”, а потоа беше номиниран за меѓународната награда “Балканика” која се доделува за најдобра книга од литературите на седум земји – Турција, Бугарија, Грција, Србија, Македонија, Романија и Албанија. За да може да биде читан од страна на жирито на оваа меѓународна награда, романот е преведен на англиски јазик. Она на што јас би сакал да ставам посебен нагласок е фактот дека во случајот на романот “Бунар” го осетив постоењето на публика, на читачка публика, така што брзо дојде до објавување на второ издание на книгата. Од моето следење можам да кажам дека постои понагласено свртување на нашата читачка публика кон делата на македонската литература, пред с# кон романот. Тоа се изразува не само на примерот на мојот роман, туку и на примерот на други книги на моите колеги писатели.
Инаку, кога е “Бунар” во прашање, станува збор за психолошки роман. Тој се обидува да влезе во душевните и моралните консеквенци на обидот да се копа во себе, како во бунар, до можното појавување на она вирче вода како мало огледало, во кое ќе ги видиш сопствените победи и слава, или можеби нешто што е подобро да не си го видел и да не си го дознал. Би било тешко овде да ја претставам целата приказна, а приказна постои, има во романот „стори“, што би рекле Американците, која временски тече на две нивоа – во минатото и во сегашноста.
Поголем број од вашите претходни романи се занимаваа со темата на миграциите, на преселништвата, на македонскиот гурбет, повеќе од еден психолоски аспект: Како се рефлектира проблемот на миграциите во насата литература? Од каде толку интерес за тој “феномен”?
Точно е, во повеќето од моите претходни романи, присутна е темата на миграциите, на егзилот. Тој егзил, кај нас на овие простори, беше пред се економски егзил, откорнатиштво, или гурбет, како што велите. Тоа е тема мошне комплексна, која вклучува политички, економски, социјални, етички, етнолошки, психолошки и други аспекти. Значи, создава сложен контекст и тоа е за еден писател важно и интересно. Па, ете, оттаму тој интерес за таа тема во литературата, тоест од фактот што таа е дел од нашиот живот овде во Македонија, а е дел и од животот на Балканот и пошироко. Традиционално, на таа тема кај нас се создаваше една битова литература, а подоцна се појавија поразлични и, би рекол, помодерни приоди.
Вие самиот сте од Ѓавато, битолско – ресенско место кое традиционално е поврзано со иселувањето. Романот “Бунар”, како што еднаш изјавивте, го пишувавте таму. Како е во Ѓавато, каков е однност на реалноста и она што е во романот, го наоѓате ли во Ѓавато она што го барате?
Одговорот што наоѓам и што сум нашол во Ѓавато, се разбира од аспект на писател, верувам е самата книга. Не само со фактот што е напишана, туку и со она за што зборува и како зборува. Делумно сум го нашол она што го барав, но никогаш докрај, ние сме загатка за самите себе. Но нешто сум нашол, а тоа е нов ракурс на гледање на родното место и на луѓето во него, нешто кое откога ќе го напуштиме, склони сме да го идеализираме. Тој ракурс е жесток, без сентименталности. Подослободен од таквата сентименталност, токму благодарејќи на присуството таму, можев побезмилосно да се преиспитувам себе си и другите, да копам во бунарот, и да ги најдам, како што реков, сите сопствени победи и падови. Целото творештво, на овој или на оној начин, е една наша автобиографија, притоа зрелата возраст на авторот дава можност во тоа творештво да се разгрне сето искуство. Значи, она што го најдов во Ѓавато, како што велите вие, е всушност можноста за повторна и повторна средба со себе и повторната и повторната потрага во себе, во човекот, а што е сржта на литературата.
Што се однесува пак до релацијата реалност и она што е во романот, реков веќе дека “Бунар” е пред се психолошки роман. Ако симболиката на бунарот му делува на читателот така сугестивно што во тоа ја препознава нашата реалност, нека биде така. Во суштина, литературата е една “реалност”, која, ако е сугестивна, треба да се препознава и да делува и во други околности, а не само во нашата, бидејќи таа, литературата, зборува за човекот.
Инаку, во Ѓавато миграциите оставија лузни. Луѓето надвор најдоа леб, подобар живот, но душевно никогаш не престанаа да страдаат. Дел од тоа има влезено и во мојата поранешна проза. Како изгледа сега ова место? Никако. Хероите од Ѓавато, и хероите од моите романи, заминуваат. Умре овој, умре оној. Умираат, старци. Но има и чуда на светов, можеби некогаш пак ќе се врати животот…
Колку комуницираат делата на нашите писатели со Македонците во дијаспората?
За жал, не можам да речам дека многу комуницираат. Напротив, многу малку комуницираат. За тоа можат да се дадат повеќе објасненија. Најпрвин, некои форми на комуникација што постоеја порано со нашите луѓе надвор од Македонија, сега или не постојат, или се ослабени. Порано, знам, Матицата на иселениците, на пример, испраќаше еден број книги сред нашата дијаспора. Другото објаснување зошто книгата на македонските автори слабо комуницира со луѓето од дијаспората би било во врска со структурата на нашето иселеништво. Голем број луѓе од тоа иселеништво, посебно постарите, уште пред да заминат немале многу можности да читаат, така што тие повеќе се спремни да комуницираат со аудио-визуелните средства за комуникација – касети, цд-ромови, филмови и сл. Младите генерации пак, образувани на јазиците на земјите каде што живеат, имаат тешкотии да ги читаат книгите на македонски јазик доколку тој јазик не го научиле добро. А сепак, тоа не значи дека сред иселеништвото нема еден број луѓе кои ја читаат или би ја читале македонската книга, доколку би јаи мале поредовно кај себе.
Едно време, во средината на осумдесеттите години, извесно време бевте главен уредник на списанието “Македонија”, наменето за нашите иселеници. Постои ли интерес за такви весници кај нашите во светот?
Во секој случај, многу повеќе отколку за книги. За весници и списанија има поширока публика. Еден број весници излегуваат и сред самото иселеништво и дури имаат добар тираж. Тоа се весници кои се однесуваат на нивниот живот, на нивната социјална и духовна средина. Списанието “Македонија” беше една прекрасна врска, беше читано и сакано, но раководителите од последниве четири години кои Матицата на иселениците глупаво ја преправија во Агенција за иселеништво, го укинаа и списанието. Сега слушам дека се правеле обиди за користење на Интернет во таа комуниукација, што не е лошо, но главно, колку што знам, контактите и соработката со нашата дијаспора не е последниве години ни оддалеку на она ниво на кое беше порано.
Кога сме кај комуникацијата со нашите луѓе во светот, да прогоовориме за коминикацијата со тој свет воопшто. Вие сте претседател на Македонскиот ПЕН центар кој е дел од Меѓунаропдниот ПЕН, една голема и авторитетна асицијација на писателите од светот. Минатиот септември во Охрид, се одржа Светскиот конгрес на Меѓународниот ПЕН, што е еден голем момент за нашата земја, Тоа еден суштински дел на комуникацијата на нашата земја, на нашата литературе и култура, со светот. Кажете ни нешто повеќе за оваа комуикација?
Работата на Македонскиот ПЕН центар е во полза на нашата поширока општествена и, пред с#, културна и книжевна среднина. Тој, како дел од едно огромно семејство центри во преку сто земји во светот, има поле за комуникација и, притоа, за афирмација на македонскиот јазик, литература и култура. Тука е важен угледот што го ужива нашиот Центар, создаден низ повеќе од 40-годишната меѓународна активност, а тој углед е потврден многупати досега, со поддршката и довербата на нашите иницијативи сред Меѓународниот ПЕН, со поддршката и афирмацијата на Регионалната конференција во Охрид која се одржува веќе десетина години, со Светскиот конгрес на Меѓународниот ПЕН којшто вие го споменувате, со нашето присуство на собирите во светот, со размената на преводи на светските јазици на одделни дела и посебно на антологии на македонската поезија и проза и тн.
Што се однесува до Светскиот конгрес минатата година во Охрид, со присуство на околу 300 учесници, видни писатели од светот, ќе кажам само дека самата одлука да се одржи тој Конгрес во Македонија, претставува еден голем поен, колку за Македонскиот ПЕН центар, уште повеќе за нашата средина воопшто – за македонската книжевност, култура и јазик и за културните и јазичните посебности на националностите кои живеат на ова тло.
Луѓето можеа да видат дека Македонија, иако во една степен кршлива во поглед на мирот, останува да претставува место на кое може да се гради комуникација и меѓусебна соработка. Тие луѓе можеа да почувствуваат дека ние во Македонија со генерации живееме во духот на едно кредо, Гоцевото кредо, според кое светот се сфаќа како поле за културен натпревар меѓу народите, дека тоа кредо не н# напушта ни во критични моменти, туку дека е потпора и помош за нас токму во таквите моменти.
Како интелектуалец и творец: Како ја оценувате сегашната ситуација во Македонија, на политички, економски, културен план, но и како “нормално” место за живеење на обичниот човек?
На Македонија не и е лесно. Целосната независност пред дванаесеттина години беше остварување на големите историски идеали на народот. Но во процесот на реформите и стремежот кон Европа, земјата врвеше низ низа тешкотии, како внатрешни, така и надворешни, поврзани пред се со односите со соседите. Врв на тешкотиите беше кризата во 2001 година по што дојде Охридскиот договор. Сега раните се залечуваат. Земјата, во исто време, многу мачно се извлекува од тешката болест наречена корупција, а невработеноста е практично најжестокиот проблем. Се заедно – тешко, но според сите оценки, сепак можна е поубава иднина. Македонија е мала земја, но има доволно ресурси, кои во мир би обезбедиле пристоен живот. Во сферата на културата останува во сила она кредо за кое зборувавме, а кое важи со генерации, дека светот е за нас поле за културен натпревар. Малечката Македонија, која не е голема економска сила, ниту секако воена, во сферата на творештвото и културата не престанува да учествува во светската комуникација, во светскиот културен натпревар.
Да го завршиме разговорот, враќајќи се на почетокот. Да речеме уште еднаш дека последниве години можат да се сметаат како ваш успешен период во однос на она што го остѕваривте и во издаваштвотро, во кое работите, но посебно во однос на пишувањето. Се чувствувате ли како човек во потполна творечка зрелост?
На едно слично прашање во една прилика реков, дека најдобро би било да можам да одговорам шеговито, но не успевам. Навистина, годините си врват, останува еден период во кој се напишале еден број книги и се сториле некои други работи. Постојано човек се подготвува, “зрее”, а “потполната творечка зрелост” сетики му бега, му се оддалечува, како што му се оддалечуваше Истокот на Александар Македонски, и како што Трајан, римскиот војсководец, застанат крај голем залив, ја сфати на светот бескрајноста.
Бранка Н. Доневска
„Вечер“, 2003 година