Пратениците со безбедносен сертификат се уште го немаат видено договорот меѓу државата и Бехтел-Енка за изградба на автопатите на Коридорот 8 и 10Д, иако Владата им вети пристап
Пратениците чекаат да им се презентира договорот од Комисијата надлежна за изградба на коридорите. Во меѓувреме, шест од осумте закони во собраниска процедура кои се однесуваат на олеснување на процедурите за изградба на овие автопати чекаат да бидат ставени на дневен ред во комисиите со кои претседаваат пратеници на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, Бојан Стојановски, Владо Мисајловски и Љупчо Димовски.
Алсат ја праша пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ дали ќе се свикаат овие седници, но одговор не добивме. Партијата на Христијан Мицкоски, блокадата на законите во комисиите ја гледа како можност да се спречи нивното одобрување бидејќи е против предложените измени. Мицкоски вели дека се против зголемување на работното време од 40 на 60 часа неделно, против договорот кој предвидува казна од 200 милиони евра, против проектот без градежна дозвола, против два до три пати повисоките цени на градежни материјали за овој проект.
Зелено светло во собраниската комисија досега доби само законот за минерални суровини, а законот за работни односи кој предвидува продолжување на неделното работно време од 40 на 60 часа е блокиран со илјадници амандмани.
Вкупно, мнозинството предложи осум законски измени кои според власта треба да овозможат полесни и побрзи административни процедури за изградба на автопатите.