Има една африканска поговорка која вели „за да се изгледа едно дете, потребно е едно цело село“. Апсолутно се согласувам со неа. Потребни ни се стотици здрави, смирени, стрпливи, полни сочувство луѓе, а не разно – разни курсеви, „рандом експерти“, „мејн – стрим креативци“, „топ психијатри“, „ селф – хелп – он – лајн – бордер“ и какви се ти не „гуруа“, кои ќе им ја олеснат совеста на незрелите родители, а на полното очекувања дете, ќе му го уништат најскапоценото – детството.
Накусо речено, како тргнала работава, децата ќе ни растат во саксии, што ќе ги преместуваме од една просторија во друга. (Каде што има повеќе светлина, па макар, само истата и да ни замачкува очи, додека се фризираме и со чаша исклучиво, бело вино, дискутираме за моментната ситуација на берзата за акции.)
Без да го видиме нивниот развој, без да го почувствуваме чудото на создавање на човекот, без да се израдуваме на сопственото растење притоа.
Понекогаш ми се чини дека дури и забораваме дека децата се можеби мали, но се луѓе, дека се личности, а не објекти. Им влеваме блискост, но не и авторитет. Страв, но не и почит. Задоволство, ама не и сигурност. И, секогаш за тоа имаме бескрајни изговори: „имам премногу обврски“, “уморен сум“, „треба да се заработува“…, а всушност, не се сакаме доволно себе си, а со тоа ни нив. Материјалното, колку и да живееме во потрошувачко општество, нема врска со љубовта. Барем, се додека тие млади души, не станат големи снобови.
Затоа што, зборувајќи пред се, од лично искуство, не треба да се пропушти шансата (сеедно, дали сте биолошки родители, посвоители, старатели), да ве сака безусловно, едно суштество слично на вас, ама во многу помали размери, едно пет – шест години. Потоа, се ќе се промени… Меѓутоа, на каков начин, во голема мера зависи од одгледувачот. И од средината во која тој живее. Токму во тие, формативни години. Кои обично нам, на „возрасните“, ни изгледаат небитни.
На сите ни е јасно дека најтешката, најодговорната, без сатница, без годишен одмор работа е токму родителството, кое што не трпи ни неуспех ни заборавност. Меѓутоа, знаеме и дека кога еднаш во таа обврска ќе се потфрли, поправка – нема. Можеме само да се надеваме дека во идното давање љубов ќе бидеме доволно несебични (ако постои воопшто таков израз кога се во прашање децата), што можеби, еден ден и ќе ни простат за пропустите во нашата помош на нивното исправање на нозе.
Да, за да се одгледа едно дете потребно е едно цело село. Дали живееме во такво село? Во добронамерна и сочуствителна голема заедница? Во солидарно семејство од стотици државјани на една иста земја? Мислам дека не.
А без тоа, ќе имаме само уште една статистичка единица. Ништо повеќе. Без квалитетни предци, нема радосно поколение, а со тоа ни продуктивна иднина. За било кого, било каде…
Бранка Доневска Најдовска