Германската полиција отвори истрага против пејачот на германската метал група „Рамштајн“, за серија наводни сексуални вознемирувања.
Неколку жени излегоа со сведоштва дека 60-годишниот Тил Линдеман ги врбувал за секс по концертите на „Рамштајн“.
Една од нив е и Шелби Лин од Северна Ирска, која верува дека ѝ била ставена дрога во пијачката и дека била „подготвувана“ на секс.
Пејачот ги отфрли сите обвинувања, а неговите адвокати велат дека тие се „без исклучок, неточни“.
„Започнати се подготвителни дејствија за истрагата против Тил Линдман, врз основа на обвиненија за сексуално насилство и трговија со дрога“, изјави портпаролот на јавниот обвинител во Берлин.
Полицијата соопшти дека самоиницијативно отворила истрага, но и врз основа на неколку кривични пријави поднесени од трети лица, кои не биле директно вмешани во инцидентите.
Дваесет и четиригодишната Шелби Лин ги искажа своите обвинувања во мај годинава.
„Постои организиран систем на регрутирање девојки“, рече таа во интервју за „Би-би-си“.
Лин тврди дека, по концертот на „Рамштајн“ во Литванија, била спроведена во мала соба зад бината, каде потоа пристигнал и Линдеман. Таа вели дека заминала од собата откако сфатила дека станува збор за сексуална работа.
Нејзините обвинувања предизвикаа лавина признанија за сексуален напад, при што многу жени и девојки веруваат дека тие, како Лин, биле издвоени на социјалните медиуми од страна на една Русинка за да имаат секс со Линдеман.