За пожарот во Кочани приведени се 18, а задржани 16 лица

Три дена по пожарот во дискотеката во Кочани, за случајот досега приведени се 18, а задржани 16 лица. Разговори се извршени со 71 лице, од кои со 42 во Скопје и 29 лица во Кочани, информира попладнево на прес-конференција, министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски.

Како што информира тој на 14 лица им е изречена мерка краткотраен притвор. Од Јавното обвинителството на Македонија, пак, соопштија дека мерка краткотраен притвор им е изречена на 16 лица . Прашан за оваа разлика во бројот на притворени лица, Тошковски рече дека до моментот на изготвување на информацијата што тој ја соопшти биле 14, но дека во меѓувреме е можно бројот на лицата на кои им е одреден краткотраен притвор да е зголемен.

Според информациите што ги соопшти тој на 11 лица им е одредена мерка притвор поради постоење основано сомнение за сторени тешки дела против општата сигурност, додека на три лица им е одреден притвор за несовено работење.

Тошковски, на прес-конференција во пред управната зграда на МВР информира дека последното задржано лице се товари за кривичното дело тешки дела против општата сигурност, а во врска со предизвикување на општа опасност. Ова лице, како што кажа, е потписник на еден од потребните документи за ставање во функција на кабаре клубот во Кочани.

Во врска со преземените активности, тој повтори дека се извршени претреси кај две лица вработени во Министерство за економија, при што одземени се техничка опрема, документација, оружје, муниција. Претреси се извршени и кај управителот и одговорното лице на дискотеката, а денеска полициски службеници од Одделот за крим-полиција и организиран криминал, како што кажа министерот, влегле и во Општина Кочани, каде, како што посочи, се преземаат мерки и активности за обезбедување на документација поврзана со дискотеката.

Тошковски информира и дека денеска е завршена обдукцијата на телата на сите загинати во пожарот во дискотеката во Кочани.

Во пожарот во дискотеката животите ги загубија 59 лица.

Министерот, исто така, информира и дека во трагедијата се повредени вкупно 196 лица. Од нив, како што кажа, 93 се наоѓаат на лекување во скопските клиники, а 80 се пренесени во болници во странство.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *