Сутерен.мк

Збогум, маестро

– Страшно ме потресе веста за смртта на Љупчо Константинов, еден од најдобрите македонски композитори.Тој беше неконвенционална личност како и неговата музика за театар и филм која ја работеше со најголемите македонски и југословенски режисери.

Со него се дружевме уште од белградските денови кога тој беше студент на Музичката академија а јас на Електротехничкиот факултет и дописник на Екран. Се сеќавам на создавањето и радоста на појавата на неговите први забавни мелодии за Лена Трајковска и Индекси.

Љупчо Константинов не зборуваше многу за неговата работа, но за неговиот креативен и творечки потенцијал за неговите квалитети најдобро зборува музиката во 60-тина театарски претстави, 30-тина играни филмови и бројни телевизиски драми и документарни емисии која беше високо вреднувана од филмските критичари , театарските уметници и публиката.

Љупчо Константинов е добитник на нарадата 11 октомври (2023 година), на наградата на СОКОМ “Трајко Прокопиев и на наградата “Голема звезда на македонскиот филм“, која му беше доделена на Интернационалниот фестивал на филмска камера во Битола “Браќа Манаки“, кое беше второ големо признание од Македонија по бројните награди кои тој порано ги освои на големите театарски и филмски фестивали во културните центри на Југославија: “Златна арена“ на филмскиот фестивал во Пула за музикта во филмот “Среќна нова 49“, “Златни ловорови венци“ на театарскиот фестивал МЕС во Сараево за музиката во претставите “Електра““, “Шехерезада “(режисер Томаж Пандур), за која ја доби и награда на критиката на меѓународниот фестивал во Мексико …

Неговите музички квалитети ги откри и познатиот театарски режисер Паоло Маѓели кој го ангажира како посотојан соработник на сите негови претстави “Црна дупка“, “Вујко Вања“, “Тетовирани души“, “Метастабилни грал“, “Добриот човек од Сечуан“, “Буздо“ и многу други кои тој ги работеше за отварање на Сплитско лето и Дубровничките летни игри и за театрите во Загреб и Европа.
Љупчо Константинов е автор и на музиката за филмовите “Црвениот коњ„, “Јужна патека“, “Хај фај“, “Тетовирање“, “Македонска сага“, “Преку езерото“.

За Љупчо Константинов, (роден на 11 декември 1946 во Охрид, дипломирал на Музичка академија во Белград) критичарите ќе напишат дека “тој со своето долгогодишно искуство и фанатична посветеност во потрага по креативното, убавото, по оние тајновити музички тонови и варијации што ја хранат и возвишуваат човековата природа, се вбројува во онаа плејада на врвни наши оргинални, автентични творци-уметници, кои се достојни за почит и респект…

Нека ти е светол пат до вечноста легендо.
Почивај во мир, бидејќи мислам дека немаше човек кој не те сакаше тебе и твојата музика.
Ти си замина само физички од нас но спомените за тебе и твојата музика ќе останат вечни – напиша за својот пријател, поранешниот главен уредник на ревијата „Екран“, Тимчо Апостолов.

Уникатен и безвремен, Љупчо Константинов средното музичко училиште го завршил во Битола, а музичката академија во Белград. По студиите работи најпрво како наставник, а подоцна се вработува како музички новинар во Радио Охрид. Започнува да компонира уште во средношколските денови, најпрво забавна музика и аранжмани во културно уметничкото друштво „Стив Наумов“ во Битола, а набрзо потоа и за програмските потреби на Радио Скопје.

Љупчо Константинов својот работен век го поминува во Македонската Радио Телевизија. Во 1975 година се вработува во Радио Скопје како музички соработник во „Редакцијата за размена на програми со локалните радио станици и странство“, подоцна работи како музички новинар во првата програма на радиото, музички продуцент во музичката продукција на радиото, уредник на забавна програма на Македонската Радио и Телевизија, а се пензионира како композитор за програмските потреби на Македонската Радио Телевизија.

Во своето творештво вбројува повеќе забавни композиции и над двестотини аранжмани. Како автор на музика, се јавува во играни, документарни и анимирани филмови, во голем број тв филмови, серии и драми, како и во над 90-тина театарски претстави.

Во текот на повеќе од 40-тина години перманентно и континуирано успешно соработува со голем број познати имиња од театарската уметност, филмска и телевизиска во земјава како и надвор од неа, меѓу кои Слободан Унковски, Вукан Диневски, Димитар Станковски, Столе Попов, Ацо Алексов, Владо Цветановски, Бранко Гапо, Иван Митевски, Паоло Маџели, Томаж Пандур, Мустафа Надаревиќ, Жорж Замфир, Јернеј Лоренци, Бранислав Мичуновиќ, Матко Сржен, Нина Клефлин, Нени Делместре, Џанлука Барбадори, Серџо Кастелито – Пенелопе Круз, Роберто Чули, Радмила Војводиќ, Озрен Прохиќ…

„Им благодарам на сите мои соработници, да не беа тие, немаше денес да бидам тука. Патот дотука не беше лесен, беше послан со трње, не со персиски килими, туку со стотици табаци испишани нотна хартија и илјадници часови поминати во музичките студија во создавање музика за програмските потреби на Радиото, како и применета музика, мојата животна преокупација, музика наменета за театарската сцена, филмската уметност и телевизијата“, рече лани Константинов во Собранието на доделувањето на државната награда „11 Октомври“.

На мастеркласот во Битола во 2019 рече дека пред да се вљуби во музиката, се вљубил во филмот. Раскажа дека во Охрид живееле во маало каде било единственото кино. Како деца секој ден минувале таму и гледале кој филм ќе се прикажува. Вистинска радост за нив била кога вработениот ќе им фрлел парче од филмска лента што ја лепел. Собирале албуми со содржини за филмови, слики од Гари Купер, Кирк Даглас, Брижит Бардо…

„Бидејќи татко ми беше од Битола му побарав да ми донесе апарат. Ролните ќе ги ставев во топла вода на масичка со два клинци, ја бришев емулзијата и потоа цртав коцки. На секое квадртче слика. И првиот филм беше цртан директно на лента. Патка како несе јајце. Татко ми виде дека нема да можам многу да учам со тоа и ми го зеде, па гитарата се појави тогаш“, рече Константинов.

Кога се родила љубота за музиката се присетува дека со другарите со велосипеди по калливо време во февруари минувале по пет километри за да дојдат до местото каде имало телевизор и да го слушаат фестивалот Сан Ремо.

„Мислам дека првата плоча од ‘Битлси’ стигна во Охрид. Одевме со другарите со гитарите по плажите. Навечер, во септември му носевме грозје на еден англиски турист во хотел Палас и нѐ засака човекот. Кога се врати дома ни прати грамофон и плоча од ‘Битлси’. Така се разви љубовтав кон музиката’’, раскажуваше Љупчо Константинов.

Вечна ти слава маестро.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *