Сутерен.мк

Игор и Тереза Хаџи Бошкови: Македонска рамка на англиско – ирска приказна

Синот на култниот скулптор Петар Хаџи Бошков и сликарката Лилјана Ѓузелова, кој гради успешен телевизискиот бизнис на два континенти, деновиве со својата сопруга, Ирката, Тереза Мекарви Хаџи Бошкова и нивните четири деца, престојува во Скопје. Игор Хаџи Бошков, кој во изминативе години, во Англија, соработувал и со славните “Монтипајтоновци“ – Џон Клиз и Мајкл Палин – вели дека никогаш не се откажал од идејата еден ден да се врати засекогаш во државава, но дека секако, како и останатите Македонци, ги чека тие, подобри времиња, за кои пак, убеден е дека многу брзо ќе дојдат

Домот на ликовните уметници Петар Хаџи Бошков и Лилјана Ѓузелова деновиве е преполн детски џагор. Причината повеќе од пријатна за домаќините: нивниот син единец, Игор, со сопругата Тереза, дојдени се од Ирска да го поминат летото во Скопје, заедно со своите четири деца – Џејмс (12 години), Игор (девет), Грејси Меј (пет) и двегодишниот Оливер. Тука не биле неколку години, но ветуваат, во иднина ќе доаѓаат почесто, за децата да ја запознаат повеќе Македонија.

-Всушност, ние престојувавме овде во текот на цела 2007 – ма, децата дури ги запишавме и на училиште, но тие брзо растат и брзо “забораваат”. Секако, не е доволно само летото да го поминуваат тука, ќе доаѓаат и во другите месеци. Тие сакаат, дедо и баба се пресреќни заради тоа, Тереза ја обожува земјава, така што, нема причина да биде поинаку – раскажува Игор, кој од почетокот на деведесетите години живее надвор од Македонија, а таквата одлука ја донел обидувајќи се да го избегне вклучувањето во воените конфликти по втор пат. Имено, војната во поранешна Југославија го затекнала на отслужување на воениот рок во Книн, Хрватска. Откако му завршила оваа обврска се вратил дома, но бил вклучен во резервниот состав на тогашна ЈНА па, не сакајќи повторно да ги минува истите стравотии т.е. повторно да биде повикан на боиште, со пасошот в џеб, заминува за Англија.

– Нема некоја особена причина зошто заминав за Лондон. Можеби, затоа што сакав да студирам филм, а тогаш овде немаше таква можност. Меѓутоа, ниту тогаш, а ниту сега, најискрено, не мислев дека ќе останам толку долго таму. Пресудно сепак, беше што направивме едно видео за уметникот Беди Ибрахим (скулптура во природа) и тој филм многу им се допадна во „Сент Мартинс“, што е мошне угледна филмска школа. Толку многу го бендисаа, што не веруваа дека некои, од некоја си Македонија, можат да направат таков производ!? Накусо, јас добив нивна стипендија и моето враќање во татковината се – оддолжи… – вели Игор, кој во годините потоа, ќе работи и со прославените монтипајтоновци, како Џон Клиз и Мајкл Палин, на документарни серии како на пример, „Од пол, до пол“.

– „Монти Пајтон“ е само бренд, а неговите создавачи, сите имаат свои продуцентски куќи и сите тераат засебно бизнис. Она што им е заедничко е дека се големи професионалци и не ги интересира, кој си, што си, од кај си туку, дали и колку те бива – зборува соговорникот на „Теа модерна“, нагласувајќи дека едвај чека овде да се променат состојбите, да тргнат работите на поарно. Убеден е во тоа дека Македонија неизбежно станува дел од светот, од европското друштво затоа што да биде поинаку е просто невозможно:

Објективна селекција

– Таа изолација не може да трае до бескрај. Сакале – нејќеле, тие ќе не интегрираат и ќе биде сеедно, дали се живее овде или таму. Со тоа, доаѓаат и подобри времиња. Барем, јас така мислам. Меѓутоа, многу е важно, да не заборавиме кои сме. Знаете, Англичаните се многу отворени кон останатиот свет. На пример, јас правам филм според нивните стандарди, но духот секако е македонски и, тоа тие го дозволуваат. Меѓутоа, почнувајќи од основното образование, од домашното воспитување, низ целиот систем, тие градат личности, идни граѓани на таа земја, што би требало да бидат супериорни, да не речам надмени жители на планетава. Се разбира, тоа не е во сите краишита на Британија, но онаму каде што е „центарот„, „сржта“, така е… Сепак, тоа не се прави без покритие, туку преку објективна селекција. Не е баш така лесно да се биде „толку“ англиски – нагласува Игор, а во муабетот ни се приклучува и неговата сопруга, Ирката Тереза, на која и не и се допаѓа премногу „англискиот“ начин, туку, повеќе овој, македонскиот:

– Македонците и Ирците имаат сличен смисол за хумор, а тоа е една од најважните алки на поврзување меѓу луѓето! Мене повеќе ми се допаѓаат овдешните луѓе. Поблизок ми е овој народ… Всушност, кога Игор утре би одлучил, мислам дека многу лесно би го прифатила да останам овде засекогаш – потенцира Тереза, која сепак, не може да се „изначуди“ на една, „типично македонска појава“:

– Не можам никако да разберам дека овде жените иако, се мајки, на едно или неколку деца сеедно, паралелно и работат!? Значи, одат на работа, се враќаат, дома, се грижат за домот, за децата, сопругот, за себе и пак, утре на работа!? Јас сум веројатно, единствената во моментов мајка во Македонија која не оди на работа! Тоа го нема во Ирска! Жена што е во брак, во исто време да оди на работа и да одгледува деца!? Вие, овдешните жени според мене, токму заради ова, сте неверојатни! – вели оваа поранешна медицинска сестра, која додава дека сепак, ваквите прашања, да им се олесни животот на мајките, сопругите, треба да бидат на државно ниво решени.

– Ни една жена не сака деца, кои нема да може да ги одгледа, нели!? Не е баш најдобро решение децата да растат покрај баби, дадилки, градинки, од бебиња… Мислам дека на мајките треба да им се дадат повеќе привилегии, повеќе помош во чувањето на малечките. Меѓутоа, морам да ви кажам иако, многудетните семејства се секојдневие за Ирска, „идејата“ за нашите четири деца сепак, не е на мое “инсистирање” туку, многу повеќе на Игор – се смее Тереза, помеѓу гушкањата со најмалиот член на семејството Хаџи Бошкови, Оливер, кој шармантно се обидуваше да украде од вниманието што мајка му и татко му и го даваат на оваа, непозната „лејди“. А неговите родители патем, се венчале точно пред 14 години во Лондон, а од пред три години преселени се во Ирска, во Даблин и тоа велат, со цел да им ја приближат ирската култура и јазик исто, како што сакаат тоа да го сторат и со македонските.

– Не ги учиме децата да бидат оваа или онаа националност, но сакаме да се запознаат со обете т.е. со сите што се во можност да им ги приближиме па тие, нека решат каде ќе се приклонат или можеби ќе бидат баш, космополити – вели Игор. Тереза на ова се насмевнува и потсетува дека многу е тешко да се најдат места во светот слични на Галичник, Струга, Дебар маало…

– Мислам дека овие локации многу ќе им ја олеснат „работата“ на нашите деца. Животот е секаде ист. Националноста не значи многу, ако квалитетот на живеењето е лош. Во секој случај, вашата земја е прекрасна и како што вели, Игор, и треба веројатно, само едно силно обединување.

Чекајќи ја ајкулата

– Да – се надоврзува, нејзиниот сопруг – токму така: општо обединување. Не по националност, туку по заедничка цел! Нешто, како „корпоративна полиса“. Не е лесно, знам, ама имаме капацитет. Затоа што Македонците, барем оние што сум ги среќавал во Англија, се редовно успешни луѓе, заинтересирани за новините. Кои добро го познаваат јазикот, кои се отворени за другите култури, не се потценуваат себеси, а тоа не е баш честа појава меѓу другите народи. Мислам, оние , кои излегле да си ги измерат силите со останатиот свет баш, се покажуваат достојни за истиот тој „понапреден“, „поцивилизиран“, „поголем“ свет. Тука пак, иако нагласувам дека е многу неблагодарно да зборувам од дистанцата што јас ја имам, но кога веќе инсистирате… сепак, се чини, премногу ги има оние што цел живот се заштитени, удобно и предолго завалени во фотелји… Мааната е претпоставувам, што овде, ние, премногу се потпираме на родителите, роднините, пријателите… Разгалени сме, на некој начин. Знаете како, не може премногу да очекувате од некој, чија егзистенција не зависела од неговиот, сопствен труд – вели, синот на Петар Хаџи Бошков, кој, своевремено и ја напуштил скопската ликовна академија, од истите тие причини: сфаќајќи дека сепак, нема “доволно” талент за ликовна уметност, не сакал да го „искористува“ татковото име.

Го избрал вистинскиот начин, а доказ е и тоа што денес тој е сопственик на три фирми што се занимаваат со филмски, тв и рекламен дизајн и тоа во Англија, Ирска и Саудиска Арабија. Има тесна соработка со Би – Би – Си во правата за фудбалските преноси во Азија, што пак, започнала со заедничката реализација на документарецот „Златна копачка“, посветен на славниот поранешен фудбалер, Гари Линекар. Работел и на специјални ефекти во „Мувинг пикчерс“, како и неколку години за една нова британска телевизиска станица „Ајнштајн“.

– Меѓутоа, кога дојде ред да режирам едно риалити шоу, во кое учесниците се затворени во кафез, под вода и „чекаат“ да дојде ајкулата, а таа и по пет недели не доаѓа, ја баталив таа работа и започнав самостоен бизнис – појаснува Игор, кој жали што сепак, премногу патува заради работата и што сета грижа околу децата најчесто, паѓа врз Тереза. Таа нема забелешки на тоа. Вели, се додека често ја носи во Македонија, нема проблем.

– Имате најдобро пиво на свет од кое никогаш не боли глава, а „шопската“ салата ви ја обожувам, како и сирењата. Родителите на Игор се толку исклучително позитивни и витални, што не можете покрај нив да бидете намуртен. Па видете, тие во нивните длабоко сериозни години прават изложби, работат, што е за особена почит и пример за младите луѓе. Ги сакам и двајцата и многу опуштена сум покрај нив, а за децата и да не зборувам – тие просто си ги обожуваат своите баба и дедо. И ич не ми се лутат што им го „земав“, единственото, нивното „златно“ момче!? Навистина, среќна сум во ова семејство, кое не се поведува по никакви стереотипи…

И двајцата се едногласни дека она што Македонија ја издвојува од останатиот свет е што во неа можеш да го трошиш времето како сакаш: скијање, пливање, пешачење, планинарење… Се е на дланка, а Скопје велат, почисто е од претходните години, а тоа го забележале и нивните познаници и пријатели, кои често се од филмскиот и ТВ бизнисот од Ирска и Велика Британија, а кои им дошле на гости во семејната куќа на скопско Водно. Дури и такстистите и келнерите веќе не се така безобразно алчни кон странците, но она што изгледа останува и понатаму тешко менлива навика на Македонците, ќе речат нашите домаќини е паркирањето – кој, каде, како стигне! Без усул за останатиот, помногуброен, пешачки свет.

Бранка Д. Најдовска
Фото: Игор Тодоровски
“Теа модерна”, 2010 година

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *