Во фоајето на Националната опера и балет вчера се одржа промоција на десет тома од творештвото за возрасни на писателката Оливера Николова, во издание на „Арс Ламина“ под наслов „Арс Либрис“ .
Реизданието ги опфаќа делата „Куклите на Росица“, „Тесна врата“, „Куќичка“, „Тромбот“, „Адамовото ребро“, „Збогум Вано, Ванке…“, „Пешаци по црни полиња“, „Белиот чад“, како и „Вежби за Ибн Пајко“ во исто издание со „Песот со тажен поглед“ и „Лева комора“ во исто издание со „Кадифената покривка“.
Оливера Николова е раскажувачка, романсиерка и драмска писателка родена во Скопје во 1936 година. Се школувала во Струга и во Велес, а дипломирала на Филолошкиот факултет, група Југословенска книжевност на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Работела како драматург-уредник во емисиите за деца и во драмските програми за возрасни на Радио и на ТВ Скопје. Пишува за деца и за возрасни.
Има објавено 10 романи и три збирки раскази за возрасни, 17 книги за деца и сликовници, меѓу кои: „Зоки Поки“, „Девојките на Марко“, „Мојот звук“, „Преминот не е осветлен“, „Светлосна година“ и други, како и многубројни театарски, телевизиски и радио-игри.
За својата работа има освоено многубројни награди, меѓу кои: наградата од РТВ Скопје од Струшките вечери на поезијата во 1966, 1975 и во 1978 година, наградата „Младо поколење“ (1978), Змаевата награда за 1983 г. за посебни постигнувања во современиот израз на литературата за деца, наградата „Стале Попов“ на Друштвото на писателите на Македонија во 1983, 1998 и 2015, „Рациново признание“ за 2000 г. за „Адамовото ребро“, роман на годината на „Утрински весник“ за 2004 г. за „Куклите на Росица“, роман на годината на Фондацијата „Славко Јаневски“ за 2019 г. за „Песот со тажен поглед“.