Кенеди: Сенатот е всушност, збир на популарни деца во средно училиште

Американскиот сенатор Џон Н. Кенеди неодамна ја објави книгата „Како да се добие негативен тест за глупавост и зошто Вашингтон никогаш нема да го стори тоа?“, која за кусо време стана светски бестселер. Книгата е промовирана како сатиричен поглед (и „претрес“) на животот и политиката на Вашингтон, а провокативниот наслов несомнено го потврдува ставот на Кенеди дека клучот за здраво управување е говорењето со искрен, народен речник, наместо бирократско или политички коректно „пливање во реченици“. За ова свое дело, неодамна зборуваше и како гостин во поткаст со сенаторот Тед Круз…

Џон Нили Кенеди (1951 година, Луизијана), во Сенатот на САД е од 2017 година и е член на Републиканската партија. Во Сенатот, Кенеди, кој е адвокат по вокација, има важна позиција во комитети кои се од круцијално значење за федералното трошење, регулативите и правните рамки па така, тој има влијание не само за субјектите во Луизијана, туку и на национално ниво. Поради својата долгогодишна служба и комитетската позиција, тој е ценет како искусен и потврден парламентарец. Фокусот на Кенеди е на криминалот, особено насилството и дрогата, социјалната сигурност и пензиите, родителските права и семејството, даноците, бизнисот и финансиските и регулаторните прашања.

Тој е омилен не само во Луизијана, туку низ САД и поради неговата истенчена смисла за хумор, со чија помош се справува и со најтешките политички проблеми. Луѓето едноставно го обожуваат и поради тоа што на сенаторите кои тоа го заслужуваат, знае да им каже дека се глупави без да ги навреди. Како во онаа прилика кога за демократската сенаторка Кортез, идната надеж ан Демократската партија, рече дека е толку „паметна“ што поради неа на шампоните има упатство за користење. Или поради реченицата дека „човечкиот мозок е извонредно нешто – почнува да работи уште додека сте во мајчиниот стомак и не престанува да го прави тоа се додека не ве изберат за член на Конгресот“.

Изминатиот период, покрај неговите два закони со кои бара членовите на Конгресот да не земаат плата (околу 170 000 долари годишно) додека владата на САД е под т.н. „затворање“ поради што 1,5 милиони службеници не можат да бидат исплатени, а сега, таа можност ќе ја имаат само некои, но делумно, тој ги размрда „вашингтонските духови“ и со објавувањето на книгата „Како да се добие негативен тест за глупавост и зошто Вашингтон никогаш нема да го стори тоа?“, промовирана како сатиричен  преглед на животот и политиката во Вашингтон. Кенеди тврди (не само во книгата) дека во Вашингтон, во политиката, медиумите, бирократијата… честопати се наградуваат ефектноста и „гламурот“ на говорот наместо вистинската содржина и затоа многу политички одлуки или аргументи што тој ги смета за „глупави“ стануваат доминантни. Овој сенатор особено ја истакнува слободата на говорот дека е како завртка која држи сè друго: „Не си слободен, ако не можеш да кажеш што мислиш.“

Книгата содржи анегдоти од работата во Сенатот, од животот во Луизијана, како и конкретни законски примери со кои Кенеди сака да покаже дека тој не само што зборува само, туку и делува. На овие страници претставен е личниот развој на авторот, како еден адвокат од Луизијана стигнал во Сенатот и како ја гледа политичката реалност. Низ поглавјата се нижат темите за деноноќијата на еден сенатор, медиумите, образованието, имиграцијата, слободата на говорот, расата и еднаквоста, владеењето на правото, надворешната политика…

Всушност, авторот објаснува зошто верува дека Вашингтон никогаш нема да го положи „тестот да биде негативен за глупавост“, со оглед на структурните награди за идеите и луѓето кои не го кажуваат она што го мислат или не се соодветно директни.

За ова свое дело, гостувајќи во еден поткаст, Кенеди нагласи:

„Оваа книга не е за политиката како таква. Тоа е книга со приказни. Користам приказни за да ги кажам моите поенти за политиката. И патем, сите добри адвокати и сите добри политичари се раскажувачи. Мислам, ако не можеш да раскажеш приказна, не ни припаѓаш во овие области. Некои од приказните се смешни. Некои од нив се бизарни. Но, сите се вистинити. И ги користам приказните за да истакнам некои поенти. Прво, сакам луѓето преку нив да разберат каков е всушност, Сенатот зад сцената. Во основа тој е како популарни деца во средно училиште, но во кое никој, никогаш не излегува од втората година. Втората причина зошто ја напишав книгата е дека сакав да им помогнам на луѓето да разберат во реално време што во Вашингтон е ‘нормално’ и колку ова место е поинаков свет. И како трета, беше да се обидам да им дадам до знаење на луѓето дека не мора да биде вака, ако имаме враќање на здравиот разум. Дека водата во Вашингтон нема да се разбистри додека не ги извадиме свињите од потокот. Толку е едноставно. Видете, на некои луѓе им се допаѓа книгата, на некои не, но јас сум навистина горд на неа.“

Угледниот сенатор вели дека потрошил многу време на нејзиното пишување и дека се надева дека таа ќе ги натера луѓето да размислуваат.

„Можеби ќе ве насмее. Можеби ќе ве натера да се напиете. Затоа што тоа не се зашеќерени приказни. И зборувам за многу различни сенатори. Не се обидувам да бидам лош. Но, зборував и зборувам за претседателот Трамп, за претседателот Бајден, за сенаторот Грасли, за Чак Шумер… Последниов мислам дека малку ми се налути затоа што го опишав како замислено петгодишно дете во костим на Бетмен“, истакнува тој. Па додава, дека таа е наменета за просечниот Американец:

„Се обидов да зборувам јасно. Не сакам да ја заматувам водата за таа да изгледа подлабоко. Американскиот народ нема време за тоа. Имам право да молчам, но Бог не ми ја дал таа способност. И на некои луѓе ќе им се допадне, а на некои не. Но, тоа е она што американскиот народ го очекува од своите политичари денес. Да зборуваат искрено. Јас дојдов сакајќи да галопирам. Меѓутоа, не можете да галопирате во Сенатот. Мора полека да се движите. И на почетокот тоа ме фрустрираше. Сè уште ме фрустрира. Но, не е сосема лошо бидејќи по некое време сфаќате дека работата на сенаторот не е само да промовира добри идеи. Туку и да ги убива лошите идеи. А понекогаш убивањето на лошите идеи е поважно од промовирањето на добрите идеи. Тоа беше мојата најголема трансформација во Сенатот. Но, фрустрирачки е. Целосно сум свесен дека мојот глас ги плаши малите деца и ги вклучува алармите на автомобилот, но тоа е мојот глас.“

Книжевните аналитичари „Како да се добие негативен тест за глупавост и зошто Вашингтон никогаш нема да го стори тоа“, веќе ја прогласија за четиво со кое Кенеди ги разгневува своите колеги, ги засрамува, ги тера да се свиткаат… Книгата, велат тие е полна со „кенедиизми“ како оној на сослушување на судскиот комитет, кога Џон Кенеди навалувајќи се кон микрофонот, рече: „Божиќните украси и Џефри Епштајн се две работи, кои знаете, не се обесија сами.“

Бранка Д. Најдовска

Извор…

 

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *