Мојата жена по цел ден само пазари и троши пари. Ни коронава не ја запре! Како да ќе нема утре, како да ќе дојде крај на светот. Подрумот ми е преполн со шеќер, тоалетна хартија и банани. Којзнае што се има во нејзиниот плакар? Вака, вие како жена, дајте совет како да ја вразумам?
Горан
Горан дарлинг, крајот на светот е оддамна дојден, ама информацијата за тоа, нешто доцни. Зашто, сите се на шопинг. Гласниците исто така.
Крајот на светот беше најавен уште кога Питер Ф. Дракер (iтаткото на менаџментот) ја дефинираше целта на деловниот свет – да се содаде купувач!
Е, тоа е идеја која не запира во развојот, а не оние од типот, како да се спаси „слободниот Вили“ и индивидуалниот придонес во зголемувањето на процентот на хетеросексуални пингвини или по ново, како Путин и Зеленски заедно да направат ѓомлезе!? (Фантазмагоричното македонско национално прашање овојпат, ќе го прескокнеме.)
Вашата сопруга всушност, го има типичниот македонски комплекс – утрешнината не постои!
Овој народ (транзиционите богаташи не се народ, не се ни луѓе), памети само сиромаштија, неизвесност, мавање по глава од ојлевци и дојлевци, закани, прекршени ветувања, искористување до изнемоштеност…
Тоа се потенцираше особено, по смртта на Големиот федерален главатар. Па немаше кафе, масло за јадење, прашок за перење… Кога повторно ги имаше, недостасуваа пари за нив. Кога дојдоа парите, пиљарите намирисаа крв и ја исцицаа со длабоки резови. На крајот дојдоа џамбазите кои со памукче го впија и последниот грам од достоинството на изморениот, обезабен жител на племенскава омеѓеност, произволно наречена држава.
Вашата сопруга сето тоа го памети. (Вашето име отприлика ја најавува возраста на која сте како двојка.) Тоа ви е истетовирано во секој извод од банкарската сметка, ви дише од ѕидовите на домот и искршените играчки на вашите деца и облеката што ја „наследувате“ од роднините.
Таа ваша дама многу добро знае дека никој досега не бил фер со неа. Особено, како купувач. Дека никој не и дал шанса на нејзината черга. Не и се лутете, туку оставете ја својот гнев од константната, џепарошка кражба од локалните гранапчии со мегаломански амбиции, да го дисперзира на шеќер и ве – це хартија. Секако, тие немаат рок на траење.
Што ќе рече, сфатете го како инвестиција во психијатриско советувалиште.
Ниту бананите не се проблем.
Вашите залихи од јужно овоштие се шала – комика. Нема овој пазар толку банани, колку што има мајмун(к)и кои шетаат гладни по трговските центри, социјални мрежи, ТВ, парламент и слични „хуманитарни дружби“. За внимание, за сеќавање, за почит. Кое ниту ги имале, ниту ќе ги имаат. Напротив, едвај чекаме да умрат…
(Упатствата во оваа рубрика се само субјективно гледање на меѓучовечките релации. Никако не треба да се сфатат како достојна замена за стручно мислење.)