На денешниот протест на родителите и блиските на починатите во катастрофалниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани пред камерите сведочеше и мајка, пожарникарка чија ќерка Ивона Антова, загина кобната ноќ на 16 март.
Вистинска драма се одвивала во болницата каде дел од извлечените гости во дискотеката биле донесени живи, но имале проблеми со дишењето од вдишаниот чад, но не добиле кислород во клучните моменти по што починале.
-Мојата ќерка беше жива, почина во болница, маж ми ја најде покриена со ќебе, легната на страна. Не ѝ е дадено кислород! Таа ја најдовме – вели единствената жена пожарникар во Кочани, мајка на починатата Ивона.
– Кога ми се слоши немаше кислород, кога дознав дека ми е почината ќерката и за мене немаше кислород, вели мајката која како пожарникар волонтер учествувала на многу интервенции претходно, но не ја повикале и ноќта кога гореше дискотеката.
Родителите на децата велат којзнае дали им е даден кислород, фудбалерот Андреј Лазаров бил свесен и седел на клупа кога стасал во болницата, по што паднал и починал. Неговата мајка вели не знае дали воопшто некој му дал кислород.
– Им ја држеле вратата затворена, да не излезат децата, велат родителите на денешниот протестен марш во Кочани.
Мајка на протестот говори дека родителите на загинатите деца добиваат закани со притвор, посебно оние на загинатите малолетници добиваат такви закани, дека ги пуштале децата по полноќ на излегуваат во дискотека.
Во пораката до институциите кои се одговорни за функционирање на системот во државата, учесниците на протестниот марш под мотото „Задоцнета реакција“, побараа тие да не ја одбегнуваат одговорноста и да ја сфатат болката што ја чувствуваат по своите деца.
-Дали ќе прикривавте луѓе кои се соучесници ако убиените деца беа вашите? Можеби тогаш ќе сфатите дека единствената причина за којашто се бориме е правдата за нашите млади убиени деца. И претходно, и сега, и во иднина ве потсетуваме дека нема да застанеме тука, ќе се гледаме на други места, посилни. Ова е само почеток на нашата борба за прерано згаснатите животи, за нивните нереализирани соништа, за нивната насилно прекината младост. Правда мора да има и сите соучесници во ова убиство мора да одговараат пред законот, порача Јулија Златкова, мајка на настрадан во пожарот.
Пред Полициската станица во Кочани, учесниците на маршот побараа одговорност од полициските службеници кои претходно не ја спречиле трагедијата во „Пулс“.
-После таа кобна ноќ дознаваме дека таа дискотека била дувло за многу криминални дејствија, меѓу кои за продавање, купување и консумирање дрога. Дали се правевте слепи и заради нечии профити дозволивте цената да ја платат нашите деца со нивниот прерарно одземен живот. Која е причината за вашето постоење како државен орган воопшто? Затоа бараме одговорност од вас, МВР, затоа што можеби други ве амнестирале, ама ние не, беше речено на протестниот марш.
Родителите, 40 дена по трагедијата се уште чекаат сите одговорни да бидат откриени и нема да запрат со протестите во Кочани додека не се пронајдат и изведат пред лицето на правдата сите кои имаат одговорност за најголемата несреќа во поновата македонска историја со најмногу загубени млади човечки животи.