Сутерен.мк

Магдалена Андоновска: Гастербајтерски сон

Историчарот Џемјс Труслов Адамс во своето дело од 1937 година “Епот за Америка“ го опишал “сонот“ за земја во која животот би бил подобар, побогат и поисполнет за секого, со можности за напредок во согласност со приликите и достигнувањата.

Овој термин станал особено популарен во средината на 20-иот век за време на интензивниот економски раст, кога повеќето од изумите како телефонот и електричната енергија влегле во речиси секој дом, додека водата и моторните возила станале достапни за секој граѓанин.

Правото на живот и потрага по среќа подоцна вклучувале куќа со гаража, достапно образование за секого, (влучително и високо образование), или се што носи модерниот стандард.

За жал според последните истражувања две третини од американските граѓани денес повеќе не веруваат во американскиот сон, а како причина го навеле се поголемото класно раслојување и здравствениот систем кој не им нуди бесплатно или прифатливо финансиско лекување.

Дали граѓаните на Македонија го живеат “американскиот сон“? Ако ја земеме теоријата на историчарот Адамс за тоа што значи американски сон“, би рекле да, бидејќи електрична енергија имаме од оддамна, телефон исто така, а повеќето од граѓаните во земјава живеат во свои домови односно станови или куќи со гаражи.

Образованието се уште е бесплатно и над 80 отсто од децата своето знаење го стекнуваат во државните училишта и универзитети, и над 80 отсто од граѓаните го користат државното бесплатно здраствено осигурување, односно се лекуваат на државен трошок. Значи според теоријата на Адамс ние во Македонија оддамна го живееме американскиот сон.

Тогаш која е причината за намалување на бројот на децата во училиште, односно семејно иселување од земјава? Зошто приватниот сектор во земјава вели дека не може да најде работник ни за лек? Зошто медицинскиот помошен персонал е сведен на една сестра на цел еден кат на клиника? Зошто ако е бесплатно здравството, никако не можеш да најдеш термин или го добиваш по неколку месеци откако си посетил приватна клиника, затоа што здраствената ситуација ти била животнозагрижувачка? Зошто учениците немаат учебници, или ги добиваат кон крајот на учебната година? Зошто?

Според статистичките податоци во земјава недостасуваат 50.000 работници, најмногу од нив стручни кадри за работа во производство и угостителство, а секојдневно расте и бројката на кадар потребен во здравствениот систем. Младите уште во студентските клупи сонуваат со дипломата под рака да заминат во некоја посилна економска држава и да работат во компанија за која сонувале.

Ако пред 40 години и повеќе машкиот потомок во куќата заминувал како гастербајтер во некоја земја за да обезбеди повеќе средства за семејството што го оставал дома, денес имаме ситуација кога цело едно семејство заминува од земјава без идеја дека некогаш ќе се врати.

Оваа тенеденција на иселување се зголемува секојдневно и покрај најавите на Владата дека етапно ја зголемува минималната плата. Според експертите за човечки ресурси причините се повеќе, тргнувајќи од фактот дека платите не се на ниво со кое може лесно едно семејство да го истурка месецот, а приватниот сектор кој по правило треба да генерира работни места, исто како и државниот апарат не нуди атрактивна плата која ќе ги задржи младите дома.

Но, покрај малата плата како причина за напуштање на работата во Македонија се наведува и лошиот однос на менаџментот кон вработените, неможноста за напредок, токсична средина, омаловажување, мобинг, и постојаното повторување на мотото од страна на работодавачот “без секого се може“.

Сиве овие причини, а веројатно и многу други ги наведуваат младите да ја напуштат земјава. А зошто и не би ја напуштиле кога напредокот и вработувањето не се случува врз основа на знаење, туку по сосема други критериуми, каде оној просечниот или подпросечниот е во функција на шеф, додека квалификуваниот кадар кој ја работи и работата на шефот е постојано под притисок?

Зошто и не би ја напуштиле замјава кога тие во некоја компанија извршуваат работни задачи со исклучителна тежина, а од друга страна гледаат државни огласи за консултанти (читај свои луѓе) за енормно високи суми? Зошто не би ја напуштиле државата ако нивната лојалност кон компанијата-институцијата биде “наградена“ со отказ или прераспределба на пониско ниво за да се отвори простор за некој друг? Зошто да ги чекаат своите пет минути цел работен век, кога истите можат да ги добијат во некоја компанија во Европа или Америка многу порано? Зошто?

Ете затоа американскиот сон во Македонија се нарекува гастербајтерски сон!

(Авторката е долгогодишна новинарка.)

*Мислењата изнесени во текстовите се лични коментари на авторите и не го претставуваат ставот на сајтот suteren.mk

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *