Сутерен.мк

Магдалена Андоновска: Универзум од пајак, пиштол и шлаканици

На Венера можеби има живот! Научниците се сосема изненадени од откритието на фосфинот, што може да навестува непознати процеси што се случуваат на Венера. Ова ја отвора можноста, дека може да има живи организми во облаците во оваа планета. Списанието „ Натуре Астрономѕ“ објави детали за набљудувањата на фосфинот на Венера, како и спроведеното истражување се со цел за да се покаже дека оваа молекула може да има природно, небиолошко потекло. Со оглед на сè што знаеме за Венера и условите што постојат таму, никој сè уште не бил во можност да го опише абиотскиот пат кон фосфинот. Ова значи дека изворот на животот заслужува разгледување, бидеејќи фосфинот сугерира присуство на живот и сега постои идеја дека има живот во облаците на Венера.

Оваа информација не е воопшто изненадувачка, со оглед на брзината со која се движи науката денес. Што би се рекло, и време беше. Време беше да се најдат барем и најмали шанси за живот на некоја друга планета, освен на Земјата. Се разбира дека овие истражувања ќе продолжат и понатаму, кои се надеваме дека ќе дадат зачудувачки резултати за целото човештво, но прашањето е дали и за нас? Дали и ние ќе ја слушнеме таа информација? Можеби. Можеби, истата ќе помине покрај нас без да и обратиме сериозно внимание, бидејќи ние овде сме зафатени со нашите дневно-френетични информации и прашања од видот, дали пајакот удри во полицијата или полицискиот службеник го прегази пајакот, ама не се сеќава на тоа!? Или, пак, кога некој некого го удира по глава,тепаниот може да биде сигурен дека е удиран со пиштол, пушка на далечински управувач… или можеби е само погален по глава, и од возбуда почуствувал болка!? Прашањава навистина ме мачат. Особено ова последнава епизода. Дали шлаканиците беа една по друга онака брзо, или тој што тепал направил мала пауза додека примачот на шлаканици се исправал по лизгањето на течноста? Овде е потребна научна анализа, која можеби ќе одговори на прашањава кои несомнено задираат во квантна физика, бидејќи ние оддамна сме во друга димензија.

Дефинитивно во Македонија ѓаволот ја однел шегата.Оддамна не знаеме што е шега, а што вистина. Низ сите вести минуваме како низ ѕид од пајажина, кој така едноставно го раскинуваме како се да е нормално. Веројатно, поради тоа и ретко кој медиум ја објави информацијата дека можеби на Венера има живот. Тоа нас не не засега. Ние си имаме сопствена Венера, која постојано ја откриваме, загадуваме, преполнуваме, жигосуваме, ја гушкаме и отфламе. Без емоции. Без чувства. Живееме во сопствениот универзум што го изградивме со вредности кои немаат граница и морални правила кои немаат никаков редослед. И на врвот без одговорност. Затоа нас не не интересира Венера. Се додека можеме лагите да ги спинуваме во вистини, вистините да ги заташкуваме, а моралот да го пакуваме во лудост, нам навистина не ни треба друга планета, па макар и да можеме да ја населиме.

(Авторката е долгогодишна новинарка.)

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *