Сутерен.мк

Магични еклери

Мислам дека сум добар сопруг и посветен татко, барем така ме убедуваат познаниците. Меѓутоа, константно сум во недоразбирање со сопругата околу еден наводно, мој проблем. Од време на време, со другарите се собираме во кафеана, па се случува и подебело да заглавиме. Е, потоа домот ми станува вистинско мачилиште. Сопругата со денови ми префрла, се кара за ситници, ме навредува и ме игнорира.

Славко, Скопје

Славко дарлинг, се додека сопругата после вашите бекријарчења не ве пречека со сачмарка на врата, нема место за аларм, но секако, нешто мора да се превземе. Разбирањето за слабостите на другиот е можно само кога се имаат заеднички искуства. Можете да објаснувате и со стоење на трепките, ако вашата партнерка не ги има истите навики па макар и инцидентно, до емпатија нема да дојде. Особено, ако вие и ги оставате сите обврски по дома и околу децата сама да ги извршува. Плус, трошите пари на таков начин, што за неа е исто како и да сте ги фрлиле во Вардар. (Тоа што познаниците – од заедничката кафеана, претпоставувам – ве фалат, ама ич не е релевантно зашто, станува збор за типична, балканска биртијска глутница.)

Имено, нема ништо понавредливо за една жена денес, од тоа да се чувствува како измеќарка во сопствената куќа, а тој нејзин статус околината да го подразбира! Ослободете се од вековниот став на македонскиот маж дека кујната и децата се на жената, почнете повеќе време да поминувате над мијалникот, со правосмукалката, со алиштата, заковете некое клинче и од време на време, споменете колку сте имале среќа што сте покрај таква убава дама и никако да не ги заборавите комплиментите и за нејзината интелегенција.

Можеби и ова ќе помогне: покојниот татко на една моја пријателка, прекрасен човек во секој поглед, но со истите мераци како вас, секогаш кога ќе го фатеа ситни саати по меаните, на пат за дома купуваше шест еклери за својата љубена. Зошто еклери? Ефтини се – нема обвинувања за расипништво и – жените ги обожуваат. Зошто шест? Три да си ги касне вечерта, а три сабајлето. До ручекот, лутината е веќе помината. Чуда правеа тие шест еклери…

(Упатствата во оваа рубрика се само субјективно гледање на меѓучовечките релации. Никако не треба фа се сфатат како достојна замена за стручно мислење.)

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *