Сутерен.мк

Македонците се најреволтираните Европјани

Фрапантни резултати на „Галуп глобал емоушнс“ за идентификување гневни и
револтирани колективитети

Многубројните разочарувања што се случија изминатите години ги претворија македонските граѓани во едни од најгневните луѓе во Европа, кај кои гневот и револтот на дневна основа се далеку над европскиот просек. Ова го покажуваат резултатите во најновиот извештај на „Галуп глобал емоушнс репорт“, во кој се опфатени 122 земји во периодот на 2021-та и првата половина на 2022 година, во кој македонските граѓани со високи 26 отсто на акумулиран гнев на дневна основа се веднаш зад Турција, каде што гневот е изразен високи 48 отсто.
Речиси во цела Европа гневот на дневна основа е под 25 отсто, но во Македонија тој е над оваа граница и ја позиционира земјава како водечка во делот на гневно и револтирано население на дневна основа.
Како по обичај, најмалку гневни се Финците, потоа следуваат Естонците, а по нив Холанѓаните и Португалците.
На Балканот, дневниот гнев на Србите и Босанците е 22 отсто, на Албанците и Грците 20 отсто, на Бугарите 16 отсто, на Романците 15 отсто, на Словенците и Хрватите 14 отсто, додека на жителите на Косово 13 отсто.

Што го разгорува македонскиот гнев?

Македонскиот народ отсекогаш важел за мирен и кроток, секогаш подготвен мирно и компромисно да ги решава недоразбирањата. Така се покажа и за време на распадот на Југославија, кога се осамостои без никакви инциденти. Но многубројните разочарувања што му ги приредија меѓународната заедница, Европската Унија и домашните политички субјекти низ сите овие години создадоа од македонските граѓани гневни луѓе, кои буквално секој ден го истураат својот гнев каде и да стигнат.

Доволно е да се започне денот со некоја од контактните емисии по телевизиите, за да се види големината на акумулираниот гнев, каде што дури и обичните телефонски јавувања се претвораат во гневни изблици против оваа или онаа партија, против овој или оној политичар, против Европа, против САД, дури на крајот и против другите што се јавиле во емисијата.

Илија Ацески

 

Причините за високиот процент на акумулиран гнев на дневна основа кај македонските граѓани, социолозите ги гледаат исклучиво во разочараноста што ја доживеале од меѓународната заедница, но и од состојбите дома.

– Деновиве сум на одмор, па дури и тука, на плажа, кога очекувам луѓето да бидат поопуштени, го забележувам тој гнев кај нив. Најголем дел гневно коментира како немаме држава, како сè се распродава, како без мерка се краде, како си се местат на функции партиски подобници, едноставно гневот излегува дури и таму каде што човек најмалку очекува да го има. Затоа и не е за изненадување ваквиот резултат во извештајот – вели Илија Ацевски, социолог.
Според него, причините за овој гневен изблик кај македонските граѓани треба да се бараат наназад, а сегашната кулминација е поради односот на Бугарија и на Европската Унија кон земјава.

– Ова што дојде сега со Бугарија и ЕУ, како да го заокружи сето тоа. Ние долги години стоиме пред влезот на Европа и иако направивме болни отстапки, тоа не резултира со почеток на преговорите. Нормално дека тоа создаде гнев кај Македонците – истакнува Ацевски.
Тој посочи на генезата на гневот инспириран и од овдешните случувања, но и на начините како тој постојано се потхранува во индивидуата.

– Кога ќе се каже гнев кај народот, ако тој гнев има само еден извор, кога ќе се релаксира тој извор, гневот на некој начин би требало да престане. Но сега кога се формира една општа претстава за Македонија, она што сега непосредно нè опкружува и со што секојдневно се соочуваме, кога сето тоа во ова време на технолошко-техничка пропаганда и медиумска револуција се случува преку пласирање информации од сите страни, кои во најголем дел се негативни, тогаш гневот кај поединецот само се акумулира. Каде и да погледне човек, во најголем дел содржините се за негативни работи, од убиства, преку ситуацијата во Украина, до политичките случувања во земјава итн. Ова трае подолг период, а кулминацијата сега се Бугарија и ЕУ. Што значи тоа? Ние како да имаме реални причини да сме гневни. А како да не бидеме гневни, ако веруваме во некакви европски вредности, кога тие барем најмалку 80 отсто се погазени со уцените што ни ги наметна Бугарија, а сето тоа со одобрување на Брисел – потенцира Ацевски.

Индивидуален гнев, колективен гнев, општествени турбуленции…

Негово мислење е дека кога луѓето имаат во себе толкав гнев на дневна основа, тоа може подоцна да премине во очај и анксиозност, но и во други манифестации што ги забележала историјата.
– Што е, всушност, гневот? Кога вие не сте задоволни, кога некој постојано ве провоцира и ве вади од такт и ви предочува некои нешта што ние како поединци тешко можеме да ги решиме. Тоа незадоволство и гнев преминуваат подоцна во очајување, во анксиозност, луѓето стануваат рамнодушни, и кога ќе се прелее оваа состојба, ќе почнат да се случуваат инциденти, тепачки, брзо возење, семејно насилство и што ли уште не. Нусефектите од гневот може да бидат многу тешки за општеството – смета социологот.

За него извор на гневот е и загубената доверба во политичарите дека можат и дека воопшто сакаат да направат нешто за оваа земја и да обезбедат подобра иднина за граѓаните.

– Се изгуби голема доверба во власта, се доживеа големо разочарување и меѓу луѓето повеќе нема надеж дека може да има подобра иднина, а тоа создава гнев. Нема повеќе надеж, таа остана да лебди некаде во празно. Но, од друга страна, кога тој гнев ќе добие малку поорганизирани форми, може поинаку да се манифестира. Тоа, всушност, раѓа револуција. Кога сиот тој гнев ќе се стопи во една општа идеја, која ќе ја прифатат 30 отсто од луѓето, не врзани за партии туку натпартиски луѓе, тогаш станува збор за нешто што е подлабоко и пошироко, тогаш се случува револуција. Впрочем, токму гневот родил многу светски револуции за кои учевме во историјата – заклучува социологот Ацевски.

Извор…

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *