Сутерен.мк

Бранка Д. Најдовска: Малите тајни на големите алапачи!

Искуството ништо не значи, ако не се сподели со другиот. А тие поуки и не мора баш секогаш да бидат кантовски длабокоумнии т.е., вселенски неразбирливи. Летните одмори за повеќето завршија но, колку – толку, достоинствено да возвратиме на ударот барем, за следниот…

• Пред секој годишен одмор мене ме чека пекол: кога, каде, со кого, како? Во принцип, мразам луѓе (но сакам друштво – повремено), и на летување сакам сама, со моето семејство, ама тоа доаѓа во предвид кога сте разведени, вдовица и слично, а не кога имате алфа мажјак покрај себе кој од претходно-кажаниот епитет нема ни „а“. Па така, оди некаква реклама на ТВ и тој, „алфата кој е најсличен на зета“, вели: „Ете, таму треба да одиме!“ „Море, шупелко една!“, реагирам јас, „Тоа е реклама! На плажите нема такви женски во бикини! Повеќето се како мене, претоварени и преоптоварени. Не ти е тоа аудиција за холивудски порно филм!“ Тој, како по обичај, ме гледа зачудено и студено реплицира: „Па, нормално дека веќе ги нема, кога ние одиме во најефтината тура, најефтината сезона, најефтините плажи, соби, супермаркети! Никој нема кога ние одиме на одмор!“
Боже, Боже! Велат, мажите се разубавуваат со текот на годините. Не знам за тоа, ама сигурно – заглупуваат.

• На предлогот да одиме на одмор пак, со неговиот прв братучед (со кого од што одиме заедно на одмор, мислам дека и исти кошмари имаме – во кои главен лик е братучедот и неговата хистерична сопруга), одговарам дека овојпат со нас ќе дојде мојата другарка која неодамна се омажи. „Ама, таа се мажи веќе по петти пат!?“, ми одговара најживотниот ми сопатник. „И!?“, прашувам јас. „Ииии, како ќе им објасниме на децата дека тетка Д… има нов тетин? Која порака ја испраќаме?“ „Пораката дека мажите се лесно менливи!“, категорично возвраќам.
• Мојата пријателка инаку, се мажеше толку често зашто не сакаше да губи време со глумење вљубеност. „Ако веќе се сакаме, што ќе се замлатуваме? Ај, да се венчаме.“, велеше и, се венчаваше. Пред петтиот сопруг имаше сообраќајка и кога беше во болница и дојдоа сите четворица (бивши) сопрузи во посета. Рецепционерката ќе ги праша: „Што и сте вие?“, а тие, сите до еден: „Сопруг!“ И, таа ги пушта. На крај, доаѓа еден нејзин колега, а таа: „Влезете, влезете, веќе дојдоа вашите претходници.“ Доаѓа колегата и и се обраќа на мојава: „Абе, на рецепција има една тотално луда жена!?“ Патем, кога се мажеше по трет пат, новопечената свекрва не можеше да си прости што синот единец, за прв пат, се жени со неколкукратна распуштеница. Татко и на другачка ми, на еден од нивните први заеднички ручеци, ја утеши: „Не се секирајте премногу госпоѓо. Познавајќи ја мојата Д… сигурен сум дека вашиот син многу брзо повторно ќе биде ерген!“

• Добивам покана за на свадба. Во превод: таткото сопственик на робата, го дава својот имот (ќерката) на нов сопственик (сопругот). Таа е во бело, што гарантира дека стоката е неоштетена, а свештеникот/матичарот, ја потврдува трговијата. Е, не одам веќе на свадби!

Љубовници и реклами

• Пак, реклами: „Ако го користите тој и тој шампон, балсам, маска и што и да е, вашата коса ќе се ревитализира, оживее, засјае, воскресне, ќе роди нови слатки влакненца долги од по метарипол…“ Дечки, зборуваме за коса! За мртво ткиво! Кое се сече, а не обновува!
• Тогаш, кога Македонија ќе биде „трендинг“ во светски рамки барем на еден момент, тогаш ќе стане држава. Трендинг се однесува на тема за која во некој момент најмногу се зборува на Twitter. Уште, ако е на македонски јазик, се ќе и простам на државава!
• Ме сретнува една средношколска другарка која ми вели дека нејзиниот маж ме обожува. Кусо одговарам: „Помило ќе ми биде да ме обожува твојот швалер!“

• Кога сме веќе кај швалерите… Имам притисок 300 со 500. Физички сум ненормално здрава за овдешниве услови и околности, па докторката „длабокоумно“ заклучи дека е тоа од стрес. А за да не одам наоколу издрогирана од седативи, уште „попросветлено“ ме советуваше да посетам психијатар. Ми даде дури и број од неговиот мобилен. Нормално дека ја послушав. Човекот фин, културен, разбран. Кој и не би бил, ако му плаќате 30 евра за 40 минути да ве сослуша. Збор не кажа цело време.

На крајот, во две минути, ми издиктира дека мора секој ден да одмарам по еден час, 20 минути да пешачам, 30 минути да поминам во када, 15 минути да слушам релаксирачка музика… Кога го прашав: „А, кога ќе одам на работа, спрострам алишта, измијам чинии, соберам деца од училиште, направам ручек…?“, кусо ми одговори: „Па, тогаш, најдобро е да си најдете љубовник.“ Да потрошев 30 евра во кафеана многу подобро ќе се чувствував, а богами со толку пари на располагање за 40 минути ќе одбиев барем едно 2-3 додворувачи. (Ако никој друг, другарите ми ќе ми изглумеа на толку частење дека сум ослабела, сум се подмладила.)

Доказ за фрлените пари на експерти е кога си дојдов дома и скапоцениот ми законски сопатник ме праша како сум поминала кај психијатарот. Му го пренесов стручното мислење дека морам да си најдам швалер. Ќе експлодираше од смеење: „Ха! Го најде најглупавиот доктор на светов. Кој уште сака швалерка со проблеми?! Па таква веќе има – сопругата!“

• А кога сме веќе кај експертите… Ме советува една драга пријателка дека не треба толку да се лутам пред децата. А каде да викам!? Да изнајмам соба во хотел за да не ме слушаат ни децата, а ни комшиите што се имам да кажам за да не полудам буквално!? Немам јас доволно пари за да се дерам цивилизирано, ок?

Храна и експерти

• Како и повеќето од нас, обожувам емисии за храна, готвење, рецепти… А и ми се гледа. Ама силно ми оди на нерви она „гответе на маслиново масло!“ Абре, токмаци низаедни, зарем свински бут ќе печам на маслиново масло!? Или домашни свински колбаси!? И, плус, никој бе, не се држи до рецептот! Се само додаваат нешто свое, „го подобруваат“, „иноватираат“… Па не е рецептот напишан и потврден за сега ти околу него да мудруваш дополнително, нели!?

• Ќерка ми оди на карате. Не сум од оние болно амбициозни родители и многу ми е гајле што спорт практикува, ама важно ми е да се движи. Зашто движењето е многу, многу битно! Е, таму, на часовите има една надобудна госпожа која упорно се труди да ми сврти внимание (за да ме потцени, секако) и, конечно и успеа – ме навлече заедно да седнеме во едно од оближните кафулиња сосе другите мајки што чекаат да заврши тренингот.

Таа се претставува како доктор на науки по економија и како врвен експерт околу неолиберализмот и згора на се, инсистира да комуницираме на англиски. И ја прашувам (на англиски) како ја оддржува очигледно добрата физичка кондиција, а таа, преполна себе ми вели дека оди на сквош и интензивно студира англиска култура. Значи, крева во вис 20 енцикопедии на англиски јазик, мавајќи си ја во исто време главата од ѕид. Ј

После, и се обраќам како на економски експерт (на англиски секако) , што мисли за новата ѕвезда на британската економија, Ричард Сејмур и неговите текстови што редовно се објавуваат во „Гардијан“, „Ал џезеира“, „Лондон ревју оф букс“… Женкава нема поим за што зборувам. Но има цврст став дека треба да се воведе детектор на лаги за секој член на парламентот. На македонски. За да се дознае конечно, кој, колку ја сака Македонија! (Сите имаат дијаспора, па и ние…)

Ја прашувам, дали ќе ги тестираат наутро или навечер? Има ли разлика кога се пијани, издрогирани или ненаспани? Мислам дека, ако женава ја ставиме на детектор и самата ќе се изненади дека воопшто мисли. Раскинав со тој неидентификуван клуб. За разлика од мене, скапоцениот ми сопруг гледам одлично се снаоѓа – никогаш не ни разликувал орел од папагал.

Криза и алиби

• Велат пак, ќе поскапела струјата. Јас веќе сум на ниет сама да ја произведувам. И онака, најмногу ја трошиме за напојување на мобилните телефони. Ги имаме барем, сто. Тоа е лесно, но мислам дека ќе се справам и со машината за перење. Кога ќе дојде центрифуга малку се плашам, ама инает сум, нема да се откажам. Педагошка е меркава: кој сака да биде испран и има интернет и да дрндаат што ќе им текне на Фејсбук (а после уште и се жалат за немање слобода на говор), нека врти педали, бре! Доста јас само ги вртам и никаде не стигнувам!

• Барем половината од вработените немаат поим што е криза. Ним им е важно само дека работат! Дека имаат алиби пред домашните за изгубеното време. Единствено им оди на нерви што другите се нервозни. И што поради овие, нервозниве, се на ивица на нервите.

• Мене од оваа слобода по малку ми се лоши. Сите летаат наоколу, не знаејќи што со себе. Па, со ништо не испровоцирани, туку ќе се удрат право во тебе.

• Пак, реклама: „Ти си крив што си болен, сиромашен, бездетен…“, „Пушењето убива“, „Храната е болест“… Зошто бе, нема реклами кои ќе те предупредат дека „уредното плаќање на кредитите ќе ве доведат до мозочен удар“, „ редовното подмирување на данокот доведува до болест и депресија“, „ „спора, но сигурна смрт значи секое уредно пополнување на илјадниците формулари за тотално безначајани работи“…

• Доаѓа по пошта некаква си понуда за „волшебно летување“ на Тенерифе за кое што треба да уплатиме „половина“ цена т.е. дискаунт од 1 000 евра и да си поминеме незаборавно односно, така што оттаму ќе се вратиме 20 години помлади! Веднаш ми е јасно дека скапоцениот ми сопруг повторно пополнувал ступидни наградни формулари, па му го тутнувам флаерот под нос велејќи му: „Одиме на Тенерифе, ама колата ќе ти ја регистрира мајка ти, кредитот ќе ти го плати брат ти, а новите патики, дуксери и ранци, кимона – Пеце од Долно Дупени!“ Тој веднаш конструктивно одговара: „Нема гајле бе, и Сливница е супер!“

• Патем, повторно ќе го поминам одморот во сенка. Костимите за капење што ме собираат чинат половина од професорската плата, а оние што ми се допаѓаат не ми ги даваат ни да ги пробам. Ама, здравје…

 

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *