Актерката Маја Вељковиќ-Пановска е нова в. д. директорка на Драмски театар Скопје, откако досегашната директорка Катарина Коцевска-Хаџи Василева се повлече од лични причини, соопшти Театарот. Коцевска-Хаџи Василева беше на оваа функција од септември 2019.
Вељковиќ-Пановска дипломирала актерска игра на Факултетот за драмски уметности во Скопје во 1993 . По дипломирањето реализира повеќе улоги на сцените на повеќе театри низ Македонија. Од 1999 е вработена во Драмски театар Скопје.
Од нејзината театрографија се издвојуваат повеќе улоги како: Антонина („Земјомерот“, 2000); Јованка Орлеанска („Јованка Орлеанска“, 2000); Марија („Војцек“, 2001); Маре („Тетовирани души“, 2002); Фонсија Дорси („Партија реми“, 2018) ; Јоана Дорек („Чудесна терапија“, 2019); Газдарицата („Птица со главата меѓу нозе“, 2021).
Во филмографија се забележени улогите на: „Последниот валцер“ (2000), „Големата вода“ (2004), „ Бардо“ (2012) и „Незрели цреши“ (2015).
Добитничка е на наградите: „Трајко Чоревски“ за најдобар млад актер на за улогата на Жената во претставата „Духот на лименката” на Македонскиот еатарски фестивал „Војдан Чернодрински “ (Прилеп, 1999); награда за епизодна улога „Димче Трајковски“ за улогата на Маре во претставата „Тетовирани души“ на МТФ „Војдан Чернодрински” (Прилеп, 2002) и други.