Сутерен.мк

Мусолини сè уште живее во Италија

Сто години откако Бенито Мусолини ја презеде власта, неговиот култ сè уште живее во италијанскиот град Предапио, каде десетици илјади луѓе го посетуваат неговиот гроб секоја година.

Многу од нив доаѓаат од љубопитност, а други од носталгија за минатото што ја инспирира постфашистичката партија Браќа на Италија, според сите анкети веројатниот победник на парламентарните избори на 25 септември.

 

Белата мермерна биста на „Ил Дуче“ (водачот) ја краси криптата на семејната капела на гробиштата во североисточниот град каде што е роден Мусолини, а неговиот саркофаг е завиткан во италијанската тробојка.

„Никогаш нема да те заборавиме“, напишал еден посетител во Златната книга, додека друг го ветува воскреснувањето на идеите на Мусолини: „Ќе се родиме повторно!“ и „Ќе се вратиме!“

Млад посетител со избричена глава, видно возбуден, со едната рака ја избриша надгробната плоча, а со другата поздрави со фашистички поздрав на човекот што го нарекува „татко на земјата“.

Некои имаат покритички пристап кон наследството на Мусолини, кој ја презеде власта по таканаречениот „Марш кон Рим“ во октомври 1922 година, за да воспостави диктатура во 1925 година која траеше до 1943 година.

„Мусолини беше голем државник. Тој го донесе законот за труд и социјалната заштита. Но, направи грешка со тоа што склучи пакт со Хитлер и ги прифати срамните расни закони“, вели 42-годишната службеничка Фабијана ди Карло, која отпатувала во Предапио со нејзината ќерка.

Нејзиното гледиште е типично за многу Италијанци кои позитивно ја оценуваат политиката на Мусолини пред да склучи сојуз со нацистите и да влезе во Втората светска војна.

Анкетата на ИСПСОС спроведена минатата година покажа дека 66 отсто од Италијанците на возраст меѓу 16 и 25 години веруваат дека фашистичкиот режим бил „диктатура и го осудуваат, но признаваат и некои придобивки“.

Стогодишнината од доаѓањето на Мусолини на власт е можност да се преиспита наследството на фашизмот поради се поголемата популарност на Џорџија Мелони, лидерката на Браќа на Италија, која најверојатно ќе стане нова премиерка на Италија.

Нејзината партија израсна од Социјалното движење (МСИ) и беше основана од поддржувачите на Мусолини по неговата смрт во април 1945 година.

Многу гласачи во Предапио велат дека ќе гласаат за Џорџија Мелони, а истото го прави и Фабијана ди Карло, која верува дека Браќа на Италија е „интелигентна и компетентна“ партија и се надева дека Италија со неа ќе ја добие својата прва жена премиер во историјата.

Мелони инсистира дека „нема простор за носталгија за фашизмот“ во нејзината партија, која има евроскептична, националистичка христијанска програма.

Сепак, таа и натаму ги отфрла повиците да се отстрани пламенот во боите на италијанското знаме од партиското лого, кое беше преземено од логото на неофашистичката МСИ.

Нејзините изгледи за доаѓање на власт се големи, што предизвикува загриженост низ Европа. Анкетите предвидуваат дека таа ќе добие 24 отсто од гласовите во коалицијата на десниот центар, која според анкетите, заедно треба да постигне 47 отсто.

„Мислам дека нема никаква закана за враќање на историскиот фашизам“, вели Џанфранко Миро Гори, локалниот лидер на Националниот сојуз на италијанските партизани.

„Но можни се авторитарност и ограничување на слободите, на пример на медиумските слободи“, смета тој.

Сепак, 39-годишниот Ивано, обожавател на Мусолини, кој работи во лозјата Кунео во северозападна Италија и дојде да го посети Предапио, е убеден дека Италија нема од што да се плаши доколку победи Мелони.

„Таа не е фашист. Таа е за сојуз на Европа и Америка и против Путин“.

Секоја година над 70.000 посетители го посетуваат гробот на Мусолини, па таквиот интерес е природно проследен со туристичка дејност. Бројни продавници нудат неофашистички сувенири како што се „антикомунистички нараквици“, кукасти крстови и шишиња со вино со етикети со ликот на Дуче.

Тие продаваат и плакати со порака „Италија на Италијанците“, дури и „Фашистички прирачник“.

Џована и Алесандро, двојка во четириесеттите години од Милано купија календар на Мусолини за спомен.

„Се надеваме дека Мелони ќе победи. Таа ќе наметне почитување на редот и безбедност“, предвидува Алесандро.

Во близина на куќата каде што е роден Мусолини и каде што неговиот татко имал ковачница, поставена е изложба за маршот на Рим на Мусолини, која ги запознава посетителите со мрачната историја на фашизмот.

Меѓу 170-те експонати позајмени од приватни колекции има униформи, сабји, огнено оружје и пожолтени фотографии кои ги документираат акциите на црнокошуљашите на Мусолини, нивните врски со Католичката црква и индустријата.

„Тоа е културен настан кој, на објективен, документиран начин, нè повикува да размислиме што беше Маршот на Рим. Тоа не е апологија на фашизмот“, рече Франко д’Емилио, еден од кураторите на изложбата.

Целта е „Предапио да се направи познат по тоа што е, италијанската престолнина на историјата на фашизмот“, коментира Франческо Минутиљо, поранешен лидер на Браќа на Италија.

Извор…

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *