Сутерен.мк

На светски конкурс победи фотографија на ВИ

Добитникот на главната награда за фотографија на Светски награди за фотографија на „Сони“, германскиот уметник Борис Елдагсен одби да прифати престижната награда откако призна дека ја создал победничката фотографија користејќи вештачка интелигенција (ВИ).

Победничката слика – „Псевдомнезија: Електричарот“, покажува две жени на различна возраст во црно-бело. Но, тоа воопшто не е вистинска фотографија – туку синтетички произведена слика.

Елдагсен, кој студирал фотографија и визуелни уметности на Уметничката академија во Мајнц, како и во Прага и Хајдерабад, Индија, рече дека е „непослушен“ и сакал да види дали натпреварите се подготвени да ја прифатат вештачката интелигенција, но сметал дека тие не се.

„Ние од светот на фотографијата треба да имаме отворена дискусија. Дискусија за тоа што сметаме за фотографија, а што не. Дали опсегот на фотографијата е доволно широк за да дозволи влез на вештачка интелигенција или тоа би било грешка? Со одбивањето на наградата се надевам дека ќе ја забрзам таквата дебата“, изјави уметникот на својата веб-страница.

Тој рече дека е историски момент што за прв пат вештачката интелигенција освоила награда на престижен меѓународен натпревар, додавајќи го прашањето:

„Колкумина од вас знаеја или се сомневаа дека вештачката интелигенција ја создала сликата? Нешто не е во ред таму, нели?“.

Тој рече дека наградата може да биде доделена на фестивал на фотографија во Одеса, Украина.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *