Фејсбук с(р)еќавања…
****
Спасот е можеби, да им дадеме шанса конечно, на Скромните. Да се тргне тридеценискиот естаблишмент од МКД сцената, по вертикала, во секој сегмент, од секаква провиниенција, заедно со нивните коренчиња, кои се разгаќија во последниве десеттина години.
Иако, во циклуси, европската интелектуала го практикувала она – „ако се скромни, има и зошто.“ Преведено на МКД: „сам си крив, што не знаеш да се ’снајдеш’“. (Тоа, ароганцијата како се снаоѓаше и се снаоѓа видовме и гледаме, се уште.)
За Скромните, но не за срамежливите, повлечените, инхибираните, незаинтересираните за успех и задоволство во животот. Не, за оние што конструираат „лажни идентитети“, само затоа што пристојно се однесуваат или намерно ги занемаруваат своите квалитети.
Не, за непотребни маневри, само за прикажување на себе си во што подобро светло.
За Скромните: за оние кои немаат потреба да се прикажуваат подобри, отколку што навистина се. Кои себеси се гледаат реално, ги знаат и ги прифаќаат своите маани. Кои немаат потреба да доминираат врз другите и да се тркаат за да се дофатат до моќ, статус, пари. За толерантните, кои не се претерано насочени кон себеси – само таквите се отворени кон нови идеи и мислењето на другите луѓе.
За Скромните. Кои ќе знаат – КОГА не треба да бидеш чесен и искрен.