Сутерен.мк

Низ лавиринтите на книжевното писмо

„Македоника литера“ деновиве ја објави книгата со книжевни студии „Низ лавиринтите на книжевното писмо“ на Ранко Младеноски, која содржи анализи и интерпретации на семиотичките лавиринти на книжевно-уметнички дела на автори од современата македонска книжевност и на две компаративни студии и два осврта за книги на странски автори.

Тоа се анализи, толкувања и осврти на книжевни дела кои оставиле значајни траги во литературата и коишто предизвикале интерес кај книжевната критика и кај читателите. Повеќето трудови се посветени на познати македонски автори, како што се Блаже Конески, Славко Јаневски, Ташко Георгиевски, Гане Тодоровски, Петре М. Андреевски, Петре Бакевски, Георги Сталев, Радован П. Цветковски, Драги Михајловски, Венко Андоновски, но и неколку текстови за автори од помладите генерации. Дури пет анализи се посветени на творештвото на Блаже Конески („Поетскиот палимпсест на Блаже Конески“, „Рациновиот дух во стиховите на Блаже Конески“, „Хипотекстот во поезијата на Блаже Конески“, „Симболиката на синтаксичките тријади во песната жЦркваж од Блаже Конески“ и „Поетскиот ораториум на Блаже Конески“). Книгата содржи и неколку трудови коишто претставуваат еманација на книжевните врски на македонската културна средина со други национални книжевности и култури, а во кои се интерпретираат книжевни и книжевно-научни дела на неколку автори – Михаил Булгаков, Горан Калоѓера, Стјепан Томаш и Етгар Керет.
Ранко Младеноски дипломирал, магистрирал и докторирал на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Работел како новинар, уредник и лектор во повеќе весници, а бил уредник и во неколку книжевни списанија. Денес работи на Катедрата за македонски јазик и книжевност на Филолошкиот факултет во Штип како професор по книжевност во областите теорија на книжевноста и современа македонска книжевност и како главен и одговорен уредник на меѓународното научно списание „Палимпсест“ што го издава Филолошкиот факултет во Штип.
Младеноски е автор на неколку книги: две студии објавени во посебни книшки за романите „Две Марии“ од Славко Јаневски и „Црно семе“ од Ташко Георгиевски од 2003 година; на книжевно-теориските и критичките книги „Чекајќи ја егзегезата“ (2005), „Книжевнокритички перцепции“ (2011), „Промоции“ (2013), „Деконструкција на ликот“ (2014) и „Александар Трети Македонски во македонската книжевност“ (2016); на рецензираните скрипти „Наратологија“ (2012) и „Теорија на поезијата“ (2014), на рецензираните прирачници „Практикум по теорија на поезијата“ (2014) и „Практикум по нара¬то¬логија“ (2015), како и на универзитетскиот учебник „Теорија на книжевноста“ (2018); автор е на две збирки со краткка лирска проза (секвенци) и тоа „Омразенија“ во 2005 година и „Марионетки“ во 2011 година, како и на збирката раскази „Чуварот на тајната“ од 2008 година.

Коавтор е на изборот од македонски раскази и поезија со наслов „Големиот скок“ од 2003 година, а и коавтор на учебници по Македонски јазик и литература за средно образование. Младеноски има објавено над 160 трудови (интерпретации, есеи и рецензии) во голем број списанија во земјава и во неколку балкански држави. Неговви песни, раскази и кратки прозни лирски текстови се преведени и објавени во разни списанија на неколку словенски јазици.
Покрај тоа, Младеноски се занимава и со преведување на книжевни и на книжевно-историски дела. Од хрватски на македонски јазик ги превел книгите „Браќата Миладиновци – легенда и стварност“ и „Хрватско-ма¬кедонски литературни врски“ од Горан Калоѓера, како и романите „Златоустиот“ од Стјепан Томаш, „Кра¬лица на ноќта“ од Јосип Цвениќ и „Небесни велосипедисти“ од Ирена Лукшиќ. Превел и голем број песни и раскази од бројни автори од српски, хрватски и бугарски на македонски јазик, публикувани во списанија.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *