1. Егоизам
Егоизмот е некаков малецок свет во срцето каде што можеби почнува распаѓањето, како првата мала точка на гниење во некоја овошка. Не знам како против тоа. Ми се допаѓа постапката на Бајо Паторот кој над работната маса на својот ветропирест роднина Пајо закачил врамена парола: „Мисли!“ Мисли на другите, на поинаквите. Мисли на поширокиот конктекст. Мисли на следните.
2. Огрубеност на душите
Уште просветителство сфати дека лесно можеме да се справиме со тиранинот: ќе ги убиеме и него и неговите доглавници. Но, многу потешко е да се убие тиранинот во себе, тоа беше поуката на Монтескје. Бидејќи од тиранската власт душата огрубела. Под тиранската власт најголемиот број луѓе не сториле ништо лошо, но нивните души, како души на сведоци и жртви на тиранијата, огрубеле. И многу време е потребно тие да се прочистат. Но, сеедно, мораат да се прочистат. Нема друго чаре. Прифаќајќи ја својата несреќа, се уништуваме самите себеси.
3. Како да се спротиставиме?
Треба да учиме дека главната карактерна црта на слободниот граѓанин, според Хана Арент, е храброста – не исклучителниот хероизам на Ахил или дури дрската неустрашивост на некои од нашите партизани, туку просто секојдневната спремност да се напушти “приватното засолниште” и да се говори и дејствува во јавноста, да се раскрива и изложува сопственото мислење. “Храброста е политичка доблест од највисок ред, но тоа не е онаа храброст која стои наспроти кукавичлакот туку повеќе онаа која стои наспроти стравот од неизвесното.”
Таа храброст, која треба да почнеме да ја негуваме од најмали нозе (а особено во училишните клупи), има повеќе врска со самодовербата отколку со ароганцијата, исто онака како што стварното уважување на стојалиштата на другите луѓе не треба да биде помешано со конформизмот.
Исто така, нааканоста и бескрупулозноста кај нас би требало конечно да излезат од мода, иако сè уште феноменално се држат. Таков ни е, за жал, и капитализмов, примитивен и брутален, а делумно ни е таква и културата, поданичка и авторитарна. Скротувањето на аздисаните и реалната демократизација на општеството допрва ни претстојат, а тие промени, како што сите гледаме, нема да бидат експресни туку децениски.
4. Јазикот, етимологиите
Во Македонија постои цело едно движење на дилетанти кои етногенезата ја докажуваат со најневеројатни јазички вратоломии и хокус-покуси. Скоро прочитав интересна анализа на еден хрватски филолог, која совршено го оцртува и овдешниот филолошки шапшализам. Тој прави мала анализа на зборот „олош“ и вели дека во јужнословенските јазици постои придавката лош, од којашто настанала (преку глаголот „олоши“) именката олош, која всушност значи талог, неупотреблив талог. Додека грчкиот збор „охлос“ означува толпа, „олош“ ги означува нејзините социјални одлики. Овие два збора се само звучно слични и немаат никаква јазична врска. На многумина кои немаат јазичко знаење им се чини дека зборовите коишто звучат слично или исто ги докажуваат врските меѓу јазиците; тоа е основата на таканаречената венетолошка интерпретација. Пример: автобусот и црешата се исти оти имаат иста црвена боја. Во златното време на филолошките науки, некаде пред Првата светска војна, оваа постапка на звучно изедначување филолозите поспрдно ја нарекувале Klang etymologie – етимологија според праскотот.
5. За другите шапшали на јазикот и за бесчестието
Постои интересен каталонски бивш поет, Ферер Лерин, кој веќе триесет години, откако престанал да пишува поезија, се занимава со проучување на мршојадците. Шпанскиот прозаист Енрике Вила-Матас вака ја коментира работата: Ферер Лерин е стручњак за птици, ги проучува мршојадците, а можеби и сегашните поети, од кои повеќето се мршојадци. Ферер Лерин ги проучува птиците кои се хранат со мртво месо – со поезијата.
Сета работа можеби малку потсетува на австрискиот писател Франц Блај, кој долги години се обидувал во еден бестиариум да ги каталогизира писателите, своите современици.
Имам впечеток дека на Македонија добро би ù дошла една таква инвентура на мршојадците, еден бестиариум составен барем од најкрупните, најстрашните и најбесрамните ѕверки. Ризикот е дека границите на земјава (како Борхесовата мапа во релација еден:еден спрема територијата!) ќе се покажат како граница на бестиариумот, со оглед на тоа дека последниве години, заради неблагопријатниот животен контекст, на повеќето од нас ни растат канџи, песјаци и крзно, а разумот ни е сардисан и нервите истенчени.
6. Скопје
Руинирањето на внатрешните простори најчесто е проследено и со руинирање на целокупниот контекст. Затоа и не е препорачливо, ми се чини, тоа бескрејно кукање и лелекање кон кое прибегнуваме во своето недостоинствено самосожалување. Но, и покрај целата предозираност со негативни зборови, човек не може да не признае дека Скопје е ретко грд град! Во секоја смисла: урбанистички, сообраќајно, естетски, еколошки… Освен тоа, целиот град е раскопан! Секој копа кајшто ќе му прдне (во согласност и со археолошката помама, земјава можеме да ја наречеме Кртечина); од мали градежни зафати по згради и куќи, преку копањата на јавните претпријатија сè до големите новоградби – градот е град на дупки: постојано се отвораат нови, а огромен дел од старите не се затвораат. Многу возам точак, низ целиот град, и не постојат 500 мирни метри за возење, во ниеден дел од градот (не ја сметам патеката крај Вардар, најзначајниот градски проект изминативе дваесет години, кој е доказ дека и со мали пари можат да се направат значајни подобрувања во животот на граѓаните). Не знам до кој степен може да оди уништувањето на градот. И не знам до кој степен скопјани можат да го трпат лошото градско живеење.
7. Дали само власта и партијата се виновни за ова дереџе на кое сме?
Сигурно дека ВМРО и сегашната власт не се единствените виновници, но нивната одговорност е огромна. За жал, и нивното неразбирање на сопствената одговорност, т.е. нивната речиси потполна неодговорност, само дополнително ги драматизираат ионака многу лошите состојби. Знаете, понекогаш средбата меѓу „мајка Македонија“ и ВМРО ми наликува на онаа славна дистинкција на Делез: од една страна имате „место без објект“, а на другата имате „објект кому му недостасува неговото вистинско место“. Делез укажа на тоа дека „местото без објект“ е поддржано од „објектот кому му недостасува неговото вистинско место“, и дека не е можно тие два кусока меѓусебно да се поништат. Жижек вели дека она со што тука се среќаваме се двата аспекта на реалното – постоењето без својства и објектот со сите својства но без егзистенција. Пример за тоа е познатата сцена од филмот Бразил (1985) на Тери Гилиам, во која, во еден ексклузивен ресторан, келнерот им ги препорачува на гостите најдобрите јадења од дневното мени („Денес турнедото е навистина извонредно!“). Но, она што гостите стварно го добиваат е блескавата фотографија во боја на тоа јадење на сталакот над чинијата, додека на самата чинија има одвратна каша.
Ете, баш на тоа понекогаш ми наликува митскиот клинч меѓу Груевски и современа Република Македонија: расцепот помеѓу претставата за храна и нејзиниот реален безобличен излачевинаст остаток е совршен пример за двата облика на грдото – фантомската безсуспстанцијална појавност („репрезентација без егзистенција“) и сировата маса на реалноста („егзистенција без појавност“).
8. Внатрешните борби
Внатрешните војни најчесто се околу смислата на јавниот ангажман, околу смислата на самите зборови. Понекогаш човек добива впечаток дека зборовите можат да се забијат во читателот како стрела во сламен покрив, или како во вуду-кукла од слама:) Но, многу често се приклонувам и кон она што го вели Маргарет Дирас: „Да се пишува, исто така значи да не се зборува. Тоа значи да се молчи. Значи да се завива без врева“.
9. „Критичар на стварноста“
Сомнителна е улогата на критичарот, но и неопходна, се разбира, од друга страна. Сомнителна е зашто, се чини, луѓето многу почесто бараат утеха отколку вистина. Освен тоа, повеќето критики се сведуваат на следново: овој овде нилски коњ, на пример, колку и да е добар, не може да биде добра дива свиња. Фрапира, значи, понекогаш, колку боде очи она што го соопштуваме ние, „критичарите“, и колку таа очебијност всушност е малку потребна.
10. За годините и бегствата
Еве една убава реченица од „Бодулино“ на Умберто Еко, за крај, можеби има врска и со годините и возрастите, не само со градот и со нашите (не)снаоѓања: „Ние, како птици заробени в кафез, не можеме да го пронајдеме патот за да го напуштиме овој град, што некогаш беше наш, а немаме ниту ронка снага во него да останеме, туку низ него, постојано тетеравејќи се и препнувајќи се како ѕвезди талкачки, кружиме!“