Сутерен.мк

Ноне Абрашева Ноциќ: Како да украдете струја, а да не ве фатат?

Струјата кај нас стана толку важна вест, што последниве месеци ги победи сите закани за нуклеарни војни, катастрофични урагани, плачењето на Федерер, ретроградниот Меркур, ама и претседателската посета мерена во Целзиусови степени.

Елем, да знаеше Тесла што ќе се случува деновиве со неговиот генијален изум, никогаш немаше да дозволи да му светне сијаличката во глава.

Е, сега ако Ве интересира одговорот на прашањето поставено во насловот, ќе Ви речам, благе везе си неам.

А, Никола на ова мое срамно незнаење само ќе ја повтореше истата реченица која ја кажал пред сто години: „Не ми е криво Ноне, што сакаш да ги украдеш моите идеи, туку што немаш свои.“
Абе добро сеа, така е тоа – немам јас имаш ти.

Апропо ова прашање на интернет најдов некои интересни трикови, кои можат да бидат од корист, под услов да не светнеш!

Заклучив дека струја се краде отприлика вака:

– директно од бандера, но само ако бандерата е блиску до вашето живеалиште. Во спротивно во сметката ќе ви стигне тарифа за пренос три пати повисока од таа што сте ја потрошиле. Нешто слично како да е дојдена од Бангладеш.

– приклучување на довод пред броилото. Овој метод не ми е баш познат, па ќе мора да побарате стручно лице, односно електричар, што се уште не е отиден за Германија.

– замена на местата на жиците за довод и одвод, при што струјомерот тргнува да брои наопачки, односно се враќа назад. Оваа практика им е добро позната и на автомеханичарите кои пред продажба на колата, ја подесуваат километражата како да е возена само од Скопје до Куманово.

– замотување на јак магнет со крпа или изолирбан и негово директно втикачување врз струјомерот. Упатените кажуваат дека струјомерачот со магнет околу вратот се понаша толку успорено, што поверојатно е дека побрзо ќе обелат гавраните, пред тој да се помрдне.

– бидејќи живееме во модерно, технолошко време, истото бара и модерни технолошки решенија.Такви се на пример инсталирање на посебна апликација на паметните телефони, која според сведочењата на форумашите го збрлавува броилото како баба на екстази.

Чисто ради општа култура да споменеме и неколку најзначајни поими и поделби во врска со електричната енергија.

Скапа и евтина струја. Скапа струја нема, тоа е чиста како кристал лажна вест. Властите секој ден тврдат, нашата била џабе. Енде. Евтината е многу проста за сфаќање. Таа е синоним за крадена!

Наизменична струја. Кога ќе снема струја, па наизменично не подјебаваат –укључи- искључи. Во овој случај најпрво страдаат нервите, па фрижидерот, па компјутерот!

Голфска струја. Се произведува негде во Мексичкиот залив, па преку Атлантикот доаѓа до Европа. Најчето ја користат електричните јагули за бесплатно да патуваат на мрестење.

Елвисбајрамовска или крипто-струја. Оваа струја не постои. Некои добро упатени „злонамерници“ тврдат дека ја имало во подрумите на ГТЦ, во Арачиново, во некои гаражи во Карпош… Ама логиката кажува дека штом никој не бара да се плати, штом никој не лежи затвор, такво нешто не постои. Нема струја, нема дело. Просто ко грав.

Струен удар. Постојат две дефиниции. Секое отварање на сметката за струја, предизвикува струен удар директно во главата на примачот. Втората, се однесува на друг дел од телото и најчесто се објаснува како удирање со лактот во некој ќош од масата или вратата. За разлика од првата, не предизвикува смртни последици.

Вишок струја. Оваа струја во најкризните времиња, ревносно ја користат градоначалниците, за граѓаните кои го плаќаат овој надоместок да имаат улично осветлување дење, а навечер да немаат.

После толку истражувања на оваа тема главата ми е бучук. Затоа, од мене толку, од Господ повеќе. И ако уште еднаш чујам поими како „енергетска криза, мали хидроцентрали, фотоволтаици и киловат часови“, жими се ќе брцнам два прста у штекер и ќе си направам нова фризура. Ако има струја, нормално.

(Авторката е новинарка.)

*Ставовите изнесени во колумните се лични ставови на авторите и не го претставуваат ставот на сајтот suteren.mk

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *