Сутерен.мк

Од 56 иницијативи на Антикорупциска, за ниту една нема обвинение

Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) во својот петгодишен мадат поднела до Јавното обвинителство вкупно 59 иницијативи за утврдување на одговорност на раководни и службени лица и 56 иницијативи за покренување постапка за крвично гонење, но ниту една иницијатива за кривично гонење не била процесуирана од страна на Обвинителството, изјави претседателката на ДКСК Билјана Ивановска по повод завршување на мандатот.

„Од нашите иницијативи за кривично гонење доставени до јавните обвинителства досега нема ниту една јавно обвинителска одлука што стасала до суд, не само од овој состав туку од постоењето на оваа институција од 2002 година навака со исклучок на „Бачило“. Тоа се вкупно над 200 иницијативи за кривично гонење кои излегле од овде во последните дваесетина години како постои оваа институција“, рече Ивановска на брифинг со новинарите.

Државната комисија за спречување на корупцијата за време на петгодишниот мандат оформила вкупно 2872 предмети од кои 2788 биле по пријави од областа на спречување на корупцијата, а 84 предмети се оформени по сопствена иницијатива. Ивановска рече дека при тоа решени се 2451 предмети.

Таа додаде дека сите 56-те иницијативи за покренување постапка за крвично гонење и 59-те иницијативи за утврдување одговорност на раководни и службени лица се однесуваат на високи профили на функционери и дека сите биле поткрепени со доказен материјал кои Обвинителството требало да ги има предвид и да не ги третира како пријави од обичен граѓан.

„Затоа што дел од тие наоди се потпираат на ревизорски извештаи. Горди сме и на сите иницијативи до Уставен суд иако беа отфрлени и за поранешен претседател ни држеше иницијативата, и за ’Бехтел и Енка’ за носење на законот по кратка постапка, затоа што Уставот се крши со тоа, но така функционира државата и час поскоро тоа треба да се промени“, рече Ивановска.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *