Друштвото за издавачка дејност „Македоника литера“ од Скопје неодамна ја објави книгата „Избрани песни“ од класичниот кинески поет Су Ши, во избор, препев од класичен кинески јазик, предговор и белешки на Игор Радев.
Во овој избор се објавени околу 150 песни, а во обемниот предговор Радев дава детална анализа на неговата поезија, но и на карактеристиките, посебно на формите на класичната кинеска поезија.
Сӯ Шѝ’ (1037 – 1101), познат и како Сӯ То̄нг По̄ е најпрочуениот поет од ерата на династијата Сонг. Тој е живо олицетворение на конфучијанскиот идеал на сестрано култивирана личност, зашто Сӯ Шѝ’ освен по поезијата, подеднакво е славен по својата сликарска уметност, калиграфија, есеистика, политичка дејност, па и научни иследувања.
Тој е роден во градот Мејша̄н, во провинцијата Сѝ’чуа̄н на југозападот од Кина. Во 1057 год., кога имал само деветнаесет години, на државните испити се стекнал со титулата џин шѝ’. Негов патрон во литерарниот и културниот живот станал Оӯјанг ‘Шјо̄у, кој бил восхитен од надареноста на младиот Сӯ Шѝ’. Подоцна служел на многу административни функции низ земјата, вклучително и во Хангчжо̄у.
Меѓутоа, поради својата критика на реформите на Ванг А̄н Шѝ’, а како непосреден повод за една песна што ја напишал против политиката на државен монопол на трговијата со сол спроведувана од премиерот, тој бил прогонет, најпрвин во централната провинција Хупе̌ј, а подоцна бил пратен и на островот Ха̌јнан во Јужното Кинеско Море. Во зависност од политичката клима на дворот во однос на реформите, Сӯ Шѝ’ поголемиот дел од животот го минува во наизменични професионални деградирања и рехабилитирања.
Неговите песни и понатаму биле повод за кривично гонење во случај реформаторската струја да била во подем, аа во една прилика жена му на Сӯ Шѝ’ се обидела да ги запали со цел да го спаси мажот си од можен компромитирачки материјал. Во 1100-та год. за последен пат помилуван и пратен да биде управител на Ченгтӯ, главниот град на провинцијата Сѝ’чуа̄н, но на патот дотаму умира во гратчето Чангчжо̄у близу устието на Јангце. Над 3000 песни од Сӯ Шѝ’ се зачувани до наше време.
Славен уште за време на животот, по смртта неговата слава само нараснувала. Многу места во Кина се чува споменот за него. Името му се памети како на еден од најпрочуените поети во историјата. И не само во Кина. Тој е популарен поет и во Кореја и Јапонија.