Сутерен.мк

Отец Пимен: Затоа што не е исто топ и топка

Имаш ли право да бидеш навивач? Секако дека да, но не секаде и во сè.

Можеш да навиваш за некој твој омилен спортски тим, за својата репрезентација. Се радуваш на нивните победи, плачеш со тоа големо семејство навивачи во поразите. И не се откажуваш од нив и кога минуваат низ криза.
И нормално, се шегуваш со оние кои навиваат за различна екипа од тебе. Им ставаш забелешка на лошиот вкус, па следен пат тие тебе те ставаат во своитете шеги во поразите.

И тука има фер плеј, спортски дух, закачки и ситења, на крај и заедничко наздравувње со пиво со ветување дека следниот пат, ние победуваме. Шегување на сметка на твојот тим. Нема пизма, нема омраза. Барем, не треба да ја има. И, ако вистински го сакаш и почитуваш твојот тим, твојата репрезентација нема да си дозволиш со непромислени постапки да ги резилиш истите.

И тука нека заврши навивањето и незлобивите поделби за различни тимови.
Зашто до тука сè тера тоа со арно, со убаво децении наназад.
Има исклучоци за жал, ама ај, да ја гледаме само убавината на оваа забава.

И барем да научевме нешто од оваа забава за возрасни.
Да научевме барем дека војните не се спортски натпревари во кои можеме да заземеме страна. Како можеме да заземеме страна кога на двете страни паѓаат жртви? Небаре навиваме за својот тим поради тоа што се фер и не прават фаули? Па како тогаш едните ги сметаме за добри и коректни а другите за лоши кои не почитуваат правила? Во жарот на играта човек заборава на правилата на коректност, а не пак во виорот на војната. Сепак, во спортот ривалите си подаваат рака и си простуваат.

Затоа што не е исто картон и куршум.
Е не е така во војната, зашто многу од погодените никогаш веќе не стануваат. Немаат можност да си подадат рака, да се простат.
Настрана прашањето што добиваме ние кои навиваме за една од страните во војната на илјадници километри од нас? Само повеќе гнев во душите и помалку пари во џебовите. Немир и инфлации.

И анализираме, се делиме, а за жал ништо не можеме да помогнеме или да смениме.

И нешто уште почудно, нешто што покажува пак дека не сме разбрале што е војна, а што фудбал е што на маса во секоја кафеана секој еден има право на мислење, на заземање страна, на предвидувања, нагаѓања, стратегии, пристрасност, кога осуда, кога оправдување те на жртвата, те на агресорот, зашто по свое убедување одредуваме кој е жртва а кој агресор со нашите двојни аршини, но ете, според сегашнава слобода во светот нема право на такво мислење некоја јавна личност па бил тој и фудбалер, глумец, пејач…

И сите негови заслуги и квалитети ќе одат по вода, а него на клада, ако се може да го ставиме затоа што помислил и јавно кажал мислење спротивно на твоето.
Како само уште тоа да ни фали да ги замолчиме и оние малкумина што останале различно да мислат од овој свет полн со цензура.

И до тогаш ќе нема мир, додека се жигосува оној со различно мислење.

Диктатурата не е само држење на еден народ во ропство со оружје, туку и замолчувањето на оние што мислат различно, па колку и да не биле во право.
Придружете се на едната страна и ќе бидете нападнати и замолчени, придружете се на другата, па ќе жалите што не ќе ви се дава можност да кажете и вие утре дека може да размислувате поразлично затоа што уште повеќе до тогаш ќе се осилат замолчувачите.

Ќе ве изеде така внатрешниот немир во душата. А додека има немир во душата нема да завлaдее ни мирот во светот.
Дополнително овој немир во светот се рефлектира веќе на сегде, кадешто верата преминува во фанатизам. Нели сите вери се колнеме дека никој не сака убиства туку само љубов и почит меѓу сите нас, а сепак оружјето не молчи. И убиствата стануваат секојдневие сегде. Па стравот што владее на секој плоштад, на секоја улица го крши и оној малку кревок мир во нашите души кој сакаме насушно да го зачуваме. Омразата се зголемува. Утврдувањето во страните станува се поизвесно.

Сакаме ли мир, или не, прашање е сега.
А ако сакаме…
Оладете глави, оладете страсти, баталете навивање, малце ли му е денешново зло на светов, па уште само нашиот гнев и пристрасност му фали?
После Христа нема веќе око за око и заб за заб. Тогаш нема ни навивање за едниот или за другиот демек, додека не се израмнат сметките за жртвите. Секогаш ќе има една жртва плус на едната или на другата страна за да се одложува мирот.

И пристрасноста ќе нè умори.
Разрушените градови и опустошените територии, без луѓето во нив треба ли да бидат некаков трофеј за некого?
Сателитските снимки од пеплосаните згради и крвавите улици, ако ни станале симбол за триумф сме станале и ние жртви на војната. Ништо подобри од оние кои тоа го наредиле или го извршиле.
Дајте луѓе, ако веќе не се молиме за мир, барем да не навиваме за војна.
Да не полниме очи со радост од урнатини и да не го вселуваме така немирот во душите. Дајте само да се обидеме да го вратиме мирот онаму каде што му е местото во душите, па да веруваме дека така ќе се врати и мирот во светот.
Мало село е светот денес, па затоа да се сетиме на поговорката со играњето на мечката кај комшијата, та да не заигра брзо и во нашиот двор.

(Авторот е митрополит на Европската епархија на МПЦ-ОА. Попознат, како отец Пимен. Роден, одамна во Ресен. Од ‘97 година во Водочки манастир. Живее во кола.)

*Мислењата изнесени во текстовите се лични коментари на авторите и не го претставуваат ставот на сајтот сутерен.мк

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *