Сутерен.мк

Отец Пимен: Кога си бевме млади

Беа комшики уште од млади невести. Во иста година се омажија в село, во иста година ги родија првите деца. Тоа дополнително ги зближи кога си ги кажуваа маките, кога си кажуваа како да симнат температура на децата, да ги откажат од доење… е сега, едната имаше машко дете, а другата женско. После имаа уште по неколку. Сите заедно растеа. Не се знаеше ни кое кај легнува, ниту другото кај станува. Како една куќа. Ептен комшивките се надеваа дека еден ден и ќе се посватат. Ама па и не одеше, ептен како браќа и сестри беа сите.

И минаа години, пораснаа децата се испозаљубија некои, некои со стројници се оженија, омажија. Поретко се гледаа оти некои останаа в село, други во друго село се омажија, некои во град. Годините ги одалечуваа, ама летата ги спојуваа. Не толку нив, колку нивните потомци кои за летните распусти се собираа во истите оние трошни куќу и растурени дворови во кои растеле нивните родители и правеа разни палавштини. Се тепаа меѓу себе, па се миреа, па сите заедно крадеа сливи и цреши од кај комшијата, а кога ќе им свикаше заедно бегаа штитејќи се еден со друг за да не падне некој заробен.

И така од лето до лето се сретнуваа и пак се разделуваа и секое следно се повозрасни биваа. Највозрасниот Спире последниот пат кога беше веќе се гордееше со неговите мустаќи, поточно со оние неколку влакненца под носот што тој постојано ги мазнеше за да падне во очи. Зорка беше втора по раѓање, само две недели помала од Спирета. Таа живееше в село. Татко и ја наследи куќата од родителите, а таа и името од баба и. На крај на летото и тие двајца се испоздравија со гушкања,со ветувања дека скоро ќе се сретнат пак.

Потоа две лета Спире воопшто не се појави, а третото кога се појави наместо со поткустрените и на неколку места подзакрпени со бајлаци пантолони, се појави со убави беж боја испеглани пантолони стегнати со ремен околу половината, убави ама од селските патишта испрашени чевли, бела кошула и црвена вратоврска, качкет на главата и сиво сако, што го држеше со едниот прст од левата рака на рамото, а во десната рака го носеше куферот. Воениот рок го беше преобразил од момче во маж. Дојде неколку дена после своите браќа, сестри и братучеди.

Зорка се распрашуваше по другарите зошто и оваа година не доаѓа кога веќе се вратил од војска. И кажаа дека почнал со занаетот шнајдерски, но дека сепак ќе дојде.

Кога се видоа си потрчаа еден кон друг да се изгушкаат, но нешто се испечуваше меѓу нив. И двајцата подзастанаа и само си подадоа рака. Сите четири образи заруменија од срам, а очите повеќе им гледаа земја отколку што едни во други. Си помуабетија како војската, како новиот занает, до кога ќе остане, како нејзиното школо, што од есен… Паднаа и муабети кој што ќе прави утре, но заеднички заклучија дека за нив како возрасни попаметно ќе е вечерта да се видат да извртат некој круг низ селското корзо пред кооперацијата.

Така и бидна. Тој се дотера во истите алишта, ги светна чевлите и по договор свирна под пенџерче. И Зорка се беше издотерала. Плисираната бела сукња до колена и даваше некоја грациозност. Црната кошула со широки ракави која завршуваше со плетена јака што сама си ја исработи од сребрен свилен конец и како да беше измислена само за неа, за да ја истакне онаа наивна селска убавина. Кога им се сретнаа пак погледите и двајцата имаа чувство дека им паднале вилиците. Молчешкум тргнаа кон сред село. По пат само скришум ќе си фрлеа по некој поглед, ќе се измереа од глава до петици, а ако им се сретнеа погледите само засрамено ќе се поднасмееја и веднаш таа се воодушевуваше на месечината, а тој на узреаното жито низ блиското поле.

Ситнаа до сред село, се испоздравија со сите, се проврткаа, се измуабетија и дојде време да се прибираат. Пак молчеа по пат. Свесни беа дека се пораснати, дека поинаку се гледаат и дека чувствата им се промениле еден за друг. Тишината ја разби Спире велејќи:

-Кога си бевме мали за љубов не знаевме, а сега?

-Сега порастивме… – возврати Зорка.

-Порастивме и ова променава љубов ќе да е. Од љубов страдаме. Ево грлово ми са стега дури и ко ти зборвам, рацеве цело време ми са потат, а срцево цел ден ми играт…

-Молчи, низ истото поминав денеска. То црвеното околу вратот како са викат…?

-Машна, вратоврска. Шо то?

-Е та црвената ти врска ко ја видов срцево ми испрска – призна Зорка и подзастана вкочанувајќи се од срам.

-Ќе дојш в град со мене? Сакаш да та барам од твојте? Само да го доучам занаетов уште некој месец. Сакаш ли? – прашуваше едно за едно Спиро кога веќе му се разврза јазикот.

-Да е до мене уште вечерва идам, амо шо ќе прам таму, шо ќе работам?

-Каква работа бе мило либе. Не сакам да работаш. Сакам до мене да сејш да та гледам, да ти са радувам само.

-Е ко некоја кокона ќе дремам. Ами селско чипе сум јас, не можам така цел ден да седам, да дремам без работа.

-Само ти ела мило либе со мене. Машина ќе ти купам. Шивачка да станиш. Двајцава ќе шиеме заедно. Убав живот ќе живеме.

Набргу Зорка доби свршенички прстен, чаршијата доби нов шивачки салон, муштериите нови костуми и фустани, бабите исполнета желба да се посватат и куп внучиња, комшијата нови арамии во бавчата, дечињата недоумица која прабаба поубава пандиспања и шеќерпарина прави, а градските тамбураши неодолива желба да ја опеат оваа шнајдерска љубов.

(Авторот е митрополит на Европската епархија на МПЦ-ОА. Попознат, како отец Пимен. Роден, одамна во Ресен. Од ‘97 година во Водочки манастир. Живее во кола.)

п.с.

Народната песна

Кога си бевме млади

Кога си бевме млади,
кога си бевме млади мило либе
љубов не знаевме.

А сега пораснавме,
а сега пораснавме мило либе
од љубов страдаме.

Не сакам да работиш,
не сакам да работиш мило либе
до мене да седиш.

Машина ќе ти купам,
машина ќе ти купам мило либе
шивачка да станиш.

Црвената ти врска,
црвената ти врска мило либе
срцево испрска.

Ќе дојдит денот либе,
ќе дојдит денот мило мое либе
ќе плачиш за мене.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *