-Паре име бабино, ела пиле баба да ми та замолит нешто- провика бабата седната на троножното столче со плеталото в раце пред авлијата од плитар.
Подобро ги крадеше пролетните сончеви зраци од тука. И така цела зима студ в коски и се беше насобрал. А и за муабет со случајните минувачи имаше повеќе шанси. Таква си беше, муабетчика. Маж и почина уште млад, па остана некако недоизмуабетена.
Пара и беше прво внуче од најстариот син и беше бабино милениче. Рака на срце и внуката си ја сакаше баба си. Не и враќаше збор иако понекогаш старата имаше чудни и досадни барања. Како стануваше мома за мажење некогаш не и беше сеедно да исполни некое барање на баба и, ама ќе си го каснеше јазикот кога и беше побрз од почитта и пак со насмевка ќе ја исполнеше задачата.
И овој пат кога си го чу името долета на прсти чиниш снагата и е самовилска, лефтерна како пердув. Како нестварна. Ѕирна од портата за да провери дали точно лоцирала од кај дошол звукот и клекна пред баба и.
-Појли бабо. Ма викаше?
-О, појља да имаш пиле! – возврати старата и продолжи – Седам така на сонцево и са мислам можит последна пролет ќе ми е, а и од пролетоска немам пробано, па си велам да стрчаш до ливаѓено, тро киселец да собериш еден зелник да исучиме. А, бабе?
Не дека и се одеше баш по ливадите да бере киселец, ама пусто не можеше збор да врати. Само климна со главата во знак на одобрување и влезе дома да го земе сламеното кошничето кое баба и и го имаше купено на времето уште кога како малечка ја носеше во саботните денови на пазар во Ресен.
-Одам бабо- мафна со рака и замина кон ливадите под селото.
Потпевнувајќи си стигна до првите ливади и ниви. Не беше тоа големо поле со големи градини оти беше така речи планинско село. Сепак луѓето од селото си имаа направено градинчиња за да произведат нешто за дома за јадење, а кога имаа вишок носеја и на пазар од производите. И по некоја бавча со јаболка и круши имаше. Тоа и најдобро се продаваше оти траеше робата. Пролетно време полето беше најраздвижено. Сите излегуваа и си подработуваа нешто.
И Мице тој ден нешто го беше фатила работната жица и ги беше впрегнал двата вола за орање. Уште рано од сабајле се заора и скоро привршуваше со орањето. Вниманието му го привлече убавиот женски глас кој се разлеваше низ полето преку песна.
Им викана на воловите за да застанат, па се заврти на кај што го слушаше гласот. Почека да се исправи девојката за да види која е. Откако се исправи Пара и Мице си истегна колку што можеше. Беше момче ниско по раст но снажно. Се беше докажал и во штотуку завршената прва светска војна. Сепак таа негова храброст не можеше да влијае врз неговиот раст барем за уште половина педа за да и парира на Пара. За да и го заврти вниманието откако ги подзачисти гласните жици се обиде со што подлабок и посерион глас да ја довикне:
-Аирлија работа Паро, шо вака сама низ полево?
Пара не беше изненадена бидејќи уште откако пристигна в поле го забележа како развикува по воловите и ги пцуе удирајќи ги со остенот за да држат правец. Ја поднамести кошничката на подлактицата и држејќи неколку ливчиња киселец во рака му ги покажа и рече:
-Аирлија и тебе Мице. Многу домаќин нешто денеска. Јас по киселец. Баба ми посака зелник со киселец, па ево да наберам тро в кошниче. Ти како? Како врвит работава? Гледам при крај си – се замуабети Пара.
Колку ли само се осоколи Мице од тоа што Пара не само што го отпоздрави, туку и го пофали, го праша како е…
-При крај, при крај, ама фате жешково. Мислев порано ќе завршам па ни бардето со вода не го зедов. Ми изгоре устава- ја започна љубовната стратегија Мице.
-Е арно де при крај си ќе издржиш. Ти војната ја истера и куртуле, пак сега за една голтка вода немат да пукниш. Не е преку земја селоно – го храбреше Пара држејќи се на пристојна дистанца.
Мице не се предаваше. Машкоста во него сакаше да ја види од поблиску, да и ја допре барем раката, па продолжи со жалењето:
-Паре, дај бре некое ливче киселец барем уста да оладам кога вода веќе немам. Верви ма изгорев. Шо ќе беше ова горештина уште од сега? Ами летово шо ќе преме?- рече Мице, па направи неколку чекори кон неа и ја пружи раката.
-На ти бре Мице олади са чим дошла до таму работата! – му одговори девојката и му го пададе кошничето – Земи јади колку сакаш, паќ ќе наберам.
Љубезноста ја виде како љубов низ неговите младешки очи и наместо кошничката ја дофати нејзината рака и ја загледа право во очи. Решен беше да ја искаже заљубеноста. И така таа му тлееше неколку години наназад. Ја сонуваше уште додека беше во војска по фронтовите. Токмуглава му беше во сонот, а сега едно пола глава над него, ама не го ни забележа тоа. Ја држеше и натаму цвсто за раката за да не избега и продолжи:
-Не сакам киселец. Устето ти го сакам севдо моја! – си отвори и уста и душа Мице. – Уште од војска севда си ми Паро ле, севдо ле. Срцево ми го изгоре.
За момент подзамижа и го истегна вратот кон неа очекувајќи бакнеж. Наместо бакнеж на неговите суви усни доби тап удар со кошничката по глава. Кога ги отвори очите виде разлетани ливчиња киселец околу него и парината снага која со трчање му се одалечуваше се повеќе.
-Паро ле, севдо ле, зошто бе… – прашално повика Мице полека вртејќи ја главата лево десно за да види дали има сведоци на настанот па да стане тема за потсмев низ село.
Ужасната од дрското и некултурно однесување на Мицета, Пара ја прекина бербата и со само неколку ливчиња киселец кои беа останале во кошничката се врати дома. Баба и сеуште седеше и плетеше пред авлија.
-Брзо са врате. Набра?
-Изгледа рано е бабо. Не е излезен уште. Само неколку ливчиња скинав. Ќе прошетам пак од утре некој ден- излажа Пара немајќи храброст да го сподели непријатното доживување.
Црвенилото на образите од устраменоста ги правдаше со трчањето и испеченоста од јакото сонце.
Мице ја доора градината. Таа даде многу плодови таа година, но љубовниот обид остана јалов, неплоден. Пара остана негова љубов, остана и песната да се пее со генерации до денес. Песната остана, но Пара никогаш не стана негова.
(Авторот е митрополит на Европската епархија на МПЦ-ОА. Попознат, како отец Пимен. Роден, одамна во Ресен. Од ‘97 година во Водочки манастир. Живее во кола.)
п.с.
Народната песна:
Пара берит киселец
Пара берит киселец,
Мице орат градина.
Пароле, севдо ле,
Севдо ле, Паро ле
Срцево ми го изгоре.
Дај ми Паро киселец
Усте да си оладам.
Пароле, севдо ле,
Севдо ле, Пароле
Усте да си оладам.
На ти Мице киселец
Усте да си оладиш,
Пароле, севдо ле,
Севдо ле, Паро ле
Усте да си оладиш.
Не ти сакам киселец
Тук ти сакам устето.
Пароле, севдо ле,
Севдо ле, Паро ле
Тук ти сакам устето.